Број и бројни количини до 10

 

Подрачје: Когнитивен развој

Цел на вежбата: Запознавање со броевите и бројните количини до 10

Возраст: почнувајќи од 2 до 4 години

Предходно стекнати компетенции

      • препознавање на форми
      • формирани поими многу-малку
      • разбирање на односот повеќе-помалку
      • насочување на вниманието
      • визуелна дискриминација
      • координација око-рака
      • способност за оддржување на вниманието подолго од 5 минути

Запознавање на броеви

Броевите и бројните количини се присутни насекаде околу нас. Имаме две раце, две нозе, една уста, 5 прсти на една рака, во домот имаме 4 кревети, на масата ставаме 6 чинии… Затоа започнете со броењето уште од најрана возраст на детето. Најпрво Вие истакнувајте го бројот на предметите, а потоа заедно со Вашето дете може да броите. При тоа е важно најпрво да му овозможите на детето доволно време да го вежба броењето, без да инсистирате на препознавање на графичкиот знак, цифрата на бројот. Броите колку прстиња се исправени, а колку свиткани, колку чорапчиња има во фиоката, колку бонбони ни донеле гостите…

Детето постепено ќе ја усвои бројната низа до 10, со јасно препознавање на бројната количина. На пример кога ќе му покажете четири прсти, да изброи до 4 и да Ви каже дека покажувате 4, или кога ќе му покажете 6 коцки, да изброи до шест и на прашањето „Колку коцки гледаш?“, да одговори „Шест“. Оваа способност на детето е показател дека кај него се формирал поимот за број.

Потоа може да преминете на запознавање на цифрите и поврзување со бројната количина. Покажете го бројот еден и барајте од детето да Ви донесе една кукла, една топка, една лажичка…Откако детето ќе го усвои поврзувањето на цифрата еден со бројната количина, преминете на бројот 2 итн. 

Препознавање на броеви

Броеви има насекаде, па така секоја пригода може да се искористи за да му го насочите вниманието на детето на броевите. На пример, побарајте од детето да го пронајде бројот два во таблицата од автомобилот, или барајте да Ви каже кои броеви ги гледа на таблицата. Далечинскиот управувач може да го искористите за учење на броевите, такашто ќе барате детето да стисне некој број или да каже кој број го стиснал. Или пак, можете да го напишете телефонскиот број на баба/дедо/друг близок, и да го замолите детето да ги прочита броевите па потоа да јавите на тој број. Можете да напишете броеви на лист хартија и да побарате од детето да ги покажува и погодува, или да го заокружи броевите кои сте ги кажале и потоа нека ги обои. 

Учење на броење во својот дом и надвор од него 

Како што расте самодовербата на детето, можете да започнете да му поставувате едноставни прашања како: „Колку јаболка има во садот?, Колку коцки има на масата?, Колку боички има на масата?, Дали има повеќе коцки од боички на масата?“. Додека сте на прошетка бројте ги клупите, цвеќињата и сите други нешта кои се во опкружувањето. Прашајте го детето: ,,Колку деца седат на клупата?” или „Колку дрва има овде?” итн. Бројте ги заедно скалите, чекорите од едно до друго место. Можете и да играте игра, како следнава: застанете еден спроти друг, кажете број од 1 до 10, а детето треба да направи онолку чекори колку што сте кажале.

Заедно цртајте и пишувајте броеви

Помогнете му на Вашето дете да ги научи броевите така што ќе го запознаете со цифрите. Можете да започнете со правење броеви од пластелин, пример со бројот кој ги означува годините на детето или бројот на Вашата куќа. Потоа може цифрите да ги прави од волница, стапчиња итн. Во кутија или послужавник истурете ориз, брашно, палента, песок, покажете му некој број и детето треба да го нацрта со прст во песокот. Секако може и да прашате „Кој е овој број?”. Графомоторните вежби се секогаш корисна алатка за учење на пишувањето на броеви. Нацртајте го бројот со испрекинати линии или точки, потоа детето нека ги поврзува, така ја создава сликата за бројот, а со тоа ја подобрува и фината моторика. Исто така може да ги пишувате броевите со креда во дворот или да ја играте играта „Школка“.

Спарување бројни количина и цифри

Играта „Домино“ секогаш е забавна активност, во која може да учествуваат сите членови на семејството. Таа претставува извонредна можност за вежбање на бројните количини. Исто така може да играте „Не лути се човече“.

Како варијација на играта „Домино“ може да направите картички со точки и картички со цифри и да барате од детето да ја поврзе картичката со одредена количина со соодветната цифра.

На картичка напишете одреден број и барајте од него да стави до неа на пример, два цвета, две штипалки, две коцки, две меки топчиња. Исто така можете да ги правите следните активности:

      • на шпатули напишете број, а детето нека става стегачи во соодветниот број
      • дадете му пластична часа со напишан број на неа и нека ја полни со топчиња или стапчиња
      • редете коцки по даден број
      • поврзувајте го бројот со соодветната бројна количина претставена на цртеж. 

Кога детето ќе ја совлада бројната низа, бројните количини и цифри до 10, може да преминете на следната десетка.