Развој на комуникација до втората година

 

Периодот до втората година е период кога почнуваат да се јавуваат првите зборови со значење, односно детето почнува да ја разбира нивната функција. Исто така во овој период детето почнува да спојува именка со глагол, на пр. „Мама дај“; спонтано именува познати предмети, си игра покрај другите деца, почнува да си игра имагинарни игри (доктор, готвач и сл.).

Како да го поддржите детето во развојот на говорот? 

  • Објаснете ја секоја активност која ја извршувате во моментот. Секојдневните активности нека бидат основна стимулација за развој на Вашето дете, на пр. доколку му ја менувате пелена, кажете: „Сега ќе ја смениме пелената“, или „Гладен си, сега мама ќе ти даде…“. Опишувајте го секој сегмент на активноста. На пр. додека детето мие раце може да научи многу нови изрази како што се сапун, вода, крпа, миење, лавабо, чешма, итн.
  • Именувајте сѐ што прави детето. Кога ја фрла топката, можете да му кажете: „Ооооо, ја фрли топката! Топката падна! Топката прави оп, оп!“ На овој начин му давате пример дека секоја дејност е пропратена со говор, а вооедно му овозможувате да ги разбере и поврзе поимите. Така детето најлесно ќе разбере дека тоа што го фрлил се вика топка, а исто така ќе ги разбере и дејностите кои што ги направил. Со често повторување детето ќе го научи значењето на зборовите.
  • Не инсистирајте Вашето дете да ги повторува зборовите кои Вие ќе ги кажете. Златни правила се:
      • не барајте од детето „Кажи мама“, „Кажи топка“, „Кажи медо“ и сл.
      • на детето кое не зборува не му поставајте прашања на кои не може да одговори
  • Слушајте го Вашето дете. Гледајте во него и дајте му време да Ви одговори. Наместо да инсистирате детето да каже нешто, гледајте во него додека му зборувате. Обраќајте му се со едноставни реченици. Не зборувајте брзо. Направете пауза во говорот. На пример додека детето јаде можете да кажете: „Мммм, ам, ам, вкусно е“. Многу е важно да направите пауза во говорот, избројте до 5 и повторете го исказот. На тој начин ќе му дадете време на детето да разбере и да го обработи тоа што го кажувате. После неколку повторувања, Вашето дете ќе се охрабри да Ве имитира. Така се доаѓа до првите зборови.
  • Проширувајте го исказот на детето. Кога детето ќе каже: „Ам, ам“ Вие речете „Ам, ам, јадеш“ или ако каже „Вода“ Вие кажете „Сакаш вода?“, или „Ти се пие вода?“. Така со тек на време детето ќе почне да користи реченици.
  • Не го критикувајте детето, туку дајте му точен модел. Внимавајте на емоциите на детето и на тоа кога е расположено и спремно за учење. Граматичките грешки и неправилниот изговор се составен дел од учењето на говорот. Ако Вашето дете рече на пр. „Ака ода“ Вие ќе му кажете „Сакам вода. Еве мама ќе ти даде вода“.
  • Читајте му книги на Вашето дете. Внимавајте книгите и сликовниците да бидат прилагодени на возраста. Тоа е многу добар начин да се развива вниманието, да се учат нови зборови, особено за возраст од 2 години. Книгите со ономатопеја или книги со кратки приказни се соодветни за оваа возраст.
  • Слушајте музика. Детето ќе учи ритам, темпо, кои исто така се аспекти на говорот.
  • Можете да пеете со детето тематски песни поврзани со активноста што ја правите со детето. На пр. песничка за миење на раце.
  •  Пофалете го детето за секој вид на комуникација. Тоа е најголема стимулација за детето.
  •  Бидете трпеливи. Не очекувајте дека детето веднаш, брзо и лесно ќе комуницира. Не одговарајте наместо него.
  •  Комуникација не е само зборување. Смејте се, играјте, галете се со Вашето дете. На тој начин ќе уживате и ќе го стимулирате.