Активности за стимулација на когнитивниот развој на децата на возраст помеѓу 12 и 24 месеци

 

Когнитивните вештини се однесуваат на способностите за мислење, учење, разбирање, решавање проблеми и помнење.

Во периодот помеѓу 12 и 24 месеци се јавува и усовршува одењето, па детето е подготвено да трча, да се качува, симнува и на различни начини да го открива и освојува просторот. Тоа му дава сигурност во себе, па кај него почнува да се развива независноста и самостојноста. Почнува да ги имитира возрасните, нивните секојдневни постапки, гестови, манири. На тој начин започнува да прави обиди да се исчешла, облече, нахрани. Паралелно со моторниот, се развива и говорниот развој, па така на почетокот на овој развоен период детето кажува неколку зборови со значење, а на крајот има поголем фонд на зборови кои ги поврзува во едноставна реченица од два збора. Исто така се развива и разбирањето на говорот, па од разбирање и извршување на едноставни говорни команди од еден збор, преминуваат на посложени дводелни команди. Вербализирајте ги активностите кои ги изведувате со детето, на тој начин истовремено го богатите неговиот фонд на зборови, но и ќе го поттикнувате разбирањето на самиот говор.  

Говорниот и моторниот аспект од развојот се менуваат на периоди во однос на тоа кој ќе биде во преден план. Некои деца прво прозборуваат, па проодуваат и обратно. Забележете кој аспект доминира кај Вашето дете во даден момент и согласно истиот организирајте му ги активностите. Секако оставете му и простор за слободна, неструктурирана игра по негов избор.

Најдобар начин на учење кај децата на оваа возраст е преку играта. Создавајте им услови во кои можат да ги практикуваат овие вештини на самопомош, како и услови во кои ќе ги усовршуваат своите моторни постигнувања. Играјте заедно со нив, хранете го мечето и правете звуци како да Ви е многу вкусна храната. Возете ги количките и правете звуци на менување брзини, кочење, звук на мотор кој работи итн. Дозволете им сами да си направат полигон од перници, столици и ќебиња, или Вие покажете им како да го направат тоа. Нека  размислуваат како да ги совладуваат препреките, а кога ќе ги научат, направете им нов предизвик.  

Вежбајте ја нивната меморија. Децата на оваа возраст почнуваат повеќе да помнат и полесно од меморија да го повикаат тоа што претходно го научиле. Пример, ја фрлаат топката и знаат дека таа ќе отскокне. Очекувајте истото да го направат и со храната, куклата, приборот. Укажувајте им дека тие работи не се за фрлање, не скокаат како топката и не играме на тој начин со нив. Но разберете го и нивниот момент, дека не прават ништо со лоша намера, туку едноставно проверуваат што уште може да отскокне како топката. Обезбедете им примери и ситуации каде без опасност ќе можат да вежбаат што претходно научиле. Пр. нека го хранат мечето со лажица, од чинија која е празна, едноставно да се вежба дејството. Давајте им секојдневни предмети кои не се опасни за нив, да ја разберат нивната намена (чешел, лажица, кутија, очила за сонце, капа, марамче…)

Предлог игри за стимулација на когнитивните вештини за овој период:

      • префрлање на играчки од една во друга кутија. Кога ќе прооди детето, ставете ги кутиите на поголемо растојание една од друга
      • игри со сунгер и вода. Покажете му како да го натопи и исцеди сунѓерот со една и две раце
      • собирање богатство – земете торба или кошница и во парк собирајте лисја или камчиња кои му се допаѓаат
      • играјте со сенката
      • игра Воз – две до три празни кутии од чевли меѓусебно поврзете ги со јаженце. Нека ги товари и нека го влече возот. Водете дијалог при тоа, прашувајте го што прави, каде оди, кого вози итн, или давајте му налог кого да го качи во вагонот (мечето, куклата…)
      • игра Скриен предмет под чаша – земете пластични чаши, под едната ставете топче, покажете му каде сте го скриле и променете ги местата на чашите. Нека погоди под која чаша е топчето;
      • во чаша ставете парче бисквита (или друг вид на храна) и дајте му ја на детето нека провери на кој начин може да ја извади (да ја пикне раката, да ја тресе чашата, да ја истури содржината);
      • пуштете музика и создавајте ритам со предмети кои се безбедни да ги удирате еден од друг (на пр. две коцки, две пластични играчки итн)
      • читајте сликовници заедно, оставете му простор да ги разгледува книгите и самостојно. Покажувајте му на сликите што читате и барајте и од него да покажува
      • преку игра научете го кога да каже Здраво и Чао. Покријте го со ќебенце преку глава. Откријте го и кажете Здраво! Повторно покријте го и кажете Чао! Истото може да го правите и со голема картонска кутија, кога ќе клекне во неа кажете Чао! кога ќе се исправи кажете Здраво!