Моторниот развој кај секое дете е најклучниот момент за да се постигне самостојна фукционална единка која нема да зависи од друго лице и ќе може да ги извршува секојдневните обврски и задачи. Избалансираниот моторен развој е поврзан и директно влијае и врз останатите развојни области, како што е развојот на говорот, когнитивниот развој, социјалната компетенција и емоционалниот развој (на пр. бебињата, кога учат да лазат или одат, ја зголемуваат својата можност да го истражуваат просторот, а со тоа го поттикнуваат и нивниот когнитивен  развој). 

Подрачје – Груба Моторика

Цел на вежбата – Качување и симнување по скали со алтернативни, наизменични чекори

Качувањето и симнувањето по скали можеме да го поврземе со одење по нерамен терен. Детето треба да научи дека не секогаш ќе се движи по рамен пат, пат без препреки и слично. 

Возраст – Од втората до третата година  (24 – 36 месеци)

Претходно стекнати компетенции:

      • да има развиено употреба на двете раце истовремено (во некои случаи кога детето ќе се качува по скали би се држело со двете раце);
      • добро развиена рамнотежа на телото
      • да има развиено моторни вештини (одење, клекнување, задржување на прсти на една нога)
      • да се качува и симнува по скали ставајќи ги двете нозе истовремено и со придржување
      • да умее да лази по скали и да застанува со двете нозе

 

Опис – Како да помогнеме на детето во остварување на целта качување/симнување по скали? 

За да едно дете почне да се качува самостојно по скали треба да биде доволно спремно и моторно, но и психички. Како прво детето треба да е целосно опуштено и без страв да ја оствари намерата да ја изврши таа активност. 

Уште од најмали нозе односно од процесот кога детето ќе започне со лазење треба да му дозволиме да се качува и симнува од предмети кои се повисоки од подлогата на која што е навикнат да лази. Да му дозволиме да истражува на терен кој ќе биде полн со препреки кај кои мора да употреби поголема сила, техника на качување и умешност. 

Кога детето ќе започне да се движи и да го истражува просторот препорачливо е родителите, истовремено со тој процес да започнат со подготовка на детето за процесот на качување и симнување по скали. Како за почеток може да се користи мека подлога најчесто трева каде што ќе се стави едно скалило, и потоа со помош од родителот држејќи го за една рака да ја помине скалата и да прејде на другата страна. За почеток користиме мека подлога за да ја намалиме повредата, но и стравот, доколку дојде до паѓање, тоа да е лесно. 

Откако подолго време се вежба качување и симнување на едно скалило, се додаваат уште неколку едно по друго скалила со цел детето да научи дека скалите се всушност синџир од препреки кои мора да се надминат за да се дојде до посакуваниот простор. Потоа кога веќе ќе нема проблем со искачување препреки на рамен терен, ќе се започне со искачување на 4 или 5 скали едно по друго. Меѓутоа на почетокот скалите да не бидат премногу високи и премногу тесни, затоа што така ќе се предизвика доза на несигурност кај детето. 

Почетното движење е со поддршка од друго лице, со двете нозе истовремено да стапнува на едно скалило. Исто така може да се дозволи на детето странично да ги искачува скалите, но со двете раце да се придржува самостојно. Откако детето подолго време го практикува овој начин на качување и симнување, тоа станува посигурно и може да се стимулира на качување и симнување по скали со алтернативни (наизменични) чекори. За таа цел може на скалилата да се нацртат стапала во боја пр. десното стопало да биде во црвена боја, а левото во жолта. Детето да се стимулира да се качува црвено – жолто, црвено – жолто… Исто така може да се стави црвен стикер на десната обувка на детето, а жолт на левата. Или да се стават црвени и жолти врвки.

Совладувањето на симнувањето е потешко за детето бидејќи тоа бара поголема контрола на телото и способност за одржување рамнотежа, координација на движењата на рацете и нозете и самото одење надолу изгледа „пострашно“.

Прилагодување за различен тип на попреченост: 

  • Стимулација на качувањето и симнувањето кај деца со аутизам
      • кај децата со аутизам не се очекуваат дополнителни потешкотии при совладување на оваа вештина и поддршката за нив е иста како и кај децата со типичен развој. Се забележува дека една од активностите која децата со аутизам ја сакаат е качувањето по скали на кратка релација
  • Стимулација на качувањето и симнувањето кај деца со телесна попреченост
      • во зависност од тоа за каква телесна попреченост станува збор (вроден деформитет на телото, церебрална парализа, други синдроми кои доведуваат до телесен инвалидитет), се прави посебен план за работа со тоа дете. Доколку станува збор за вроден деформитет детето ќе има проблеми во одржувањето на рамнотежата на телото, па според тоа би имало проблеми во качување и симнување по скали. Од друга доколку станува збор за дете со церебрална парализа (ЦП) треба да се има во предвид дека таа состојба има подвидови, пришто секој подвид различно се манифестира. Исто така често придружен симптом е и појавата на интелектуалната попреченост. Поради тоа, оваа фаза од моторниот развој (детето самостојно да може да се качува и симнува по скали) може да биде посложена за постигнување
  • Спастична церебрална парализа
      • се јавува во 90% од случаевите со што се класифицира како најчест облик. Кај овој вид на ЦП имаме зголемен мускулен тонус, па според тоа движењата во рацете и нозете се отежнати. Зафатеноста може да се манифестира во горните, долните екстремитети истовремено или пак на една страна од телото. Децата со овој вид на ЦП имаат потреба од долготрајна, континуирана поддршка и трпение од страна на родителите во постигнувањето на фазите од моторниот развој. Може да се користат различни помагала со кои ќе го придржуваме детето кое се качува по скали како на пр. ластик/каиш кои ги ставаме на неговата половина со цел да добие на сигурност, штаки кои детето ќе ги користи на почетокот дури не се осигура дека може самостојно да се качува и симнува по скали. Сепак зборуваме за посложена груба моторна активност па поради тоа понекогаш мора да се пробуваат повеќе начини на давање поддршка. Пред оваа активност да се научи треба да се навратиме наназад во развојните моторни фази и акцент да се стави на вежбите за рамнотежа, зајакнување на лумбална и паравертебрална мускулатура, зајакнување на вестибуларниот апарат (директно поврзан со рамнотежата), развој на способноста кај детето да се качува и симнува од различни предмети и развој на одењето по рамна подлога (кое мора да е сигурно/стабилно одење). Исто така може скалите кои постојат во домот каде детето живее да се модифицираат, односно страничната поддршка (гелендерот) да биде на пониско ниво, скалите да не се премногу високи, подлогата на која детето гази да е помека односно да делува како амортизација
  • Атаксична церебрална парализа
      • во 5-10% од случаевите се јавува овој облик на ЦП. Кај овој облик на ЦП доаѓа до лоша координација помеѓу рамнотежата на телото и мускулните движења. Постои намалување на мускулниот тонус. Како и децата со претходниот тип на ЦП така и овие деца имаат потреба од долготрајна, континуирана поддршка и трпение од страна на родителите во постигнувањето на фазите од моторниот развој. За да се изведе активноста за која зборуваме акцент да се стави на вежбите за рамнотежа со цел да се влијае на соодносот со мускулните движења. Станува збор за полесен облик на ЦП кој е поврзан пред сѐ со потешкотии во извршување на активности кои се поврзани со фината моторика. Дијагнозата најчесто се поставува на 18 месечна возраст
  • Атетоидна церебрална парализа
      • овој вид на ЦП се карактеризира и со зголемен и намален мускулен тонус поради тоа што имаме оштетување во делот на мозокот задолжен за оддржувањето на мускулниот тонус. Се дели на хореоатетоидна и дистонична. Првиот облик се карактеризира со несакани движења претежно во лицето и екстремитетите, а вториот се карактеризира со бавни, силни контракции кои се јавуваат на локално ниво или пак на целото тело. Атетоидната ЦП заедно со спастичната квадриплегија се едни од потешките типови на ЦП и имаме големо задоцнување во моторниот развој затоа што оштетувањето на мозокот е процентуално поголемо и зафатени се клучни сегменти како што се базалните ганглии (одговорни за волевите движења и движењата на окото) церебелумот – малиот мозок (одговорен за рамнотежа, координација)
  • Стимулација на качувањето и симнувањето кај деца со оштетување на видот
      • доколку станува збор за оштетување на видот првично треба да видиме колкав е степенот на губитокот на вид. Кај целосно слепи деца треба голема работа и упорност со цел да се осамостојат и да извршуваат ваков вид на активности со помош на белиот стап. Од друга страна ако станува збор за не толку сериозно оштетување на видот, дали на едното око или пак на другото око, се развиваат фазите на моторниот развој постепено со ставање акцент на вежбите за рамнотежа. Исто така може да се искористат светло обоени ленти кои ќе се постават на скалите и кои ќе предизвикаат интерес кај детето кое се качува. Може да се стават и налепници или тактилни стапалки на скалите со цел детето полесно да ја стави ногата на скалата. Може да се употребат аудитивни знаци, звук во ритам со ракоплескање или со песна да се охрабри детето во одењето по скали со наизменични чекори
  • Стимулација на качувањето и симнувањето кај деца со оштетување на слухот
      • кај децата со оштетување на слухот не се очекуваат дополнителни потешкотии при совладување на оваа вештина и поддршката за нив е иста како и кај децата со типичен развој