Вежби за развој на говорната мускулатура

 

Оралната праксија преставува волево движење на мускулите на говорниот апарат односно движења на усните, јазикот, вилицата, непцата и образите.

Предуслов за добар изговор на гласовите е добро развиена оралната праксија за да мускулите кои учествуваат во говорот можат да ги изведат сите неопходни движења за правилната артикулација.

Следуваат вежби кои можете да ги правите со Вашето дете со цел да го „раздвижи“ говорниот апарат. Всушност целта на овие вежби е подобрување на прецизноста на движењата на долната вилица, усните, мекото непце, образите и јазикот.

Секогаш започнете со вежби за кои знаете дека детето ќе може да ги изврши, па полека преминувајте на нови, потешки вежби. Пожелно е да се вежба пред огледало како би можело детето да ги визуелизира Вашите движења и да Ве имитира.

Вежби за усните

      • наизменично отварање и затварање на устата
      • насмевка – бакнеж (неизменично)
      • вовлекување и опуштање на усните
      • брмчење со усните (треперење)
      • гризење на долната и горната усна
      • поместување на усните лево-десно

Вежби за јазикот

      • вадење на јазикот од устата (плазење)
      • поместување на јазикот лево-десно
      • поместување на јазикот напред-назад 
      • виткање на јазикот
      • допирање на забите прво горе (напред и назад), потоа долу (напред и назад)
      • допирање на носот и брадата со јазикот
      • облизување на усните
      • ширење на јазикот во форма на лепеза

Вежби за долната вилица

      • отварање и затварање на долната вилица
      • поместување на долната вилица левo и десно

Вежби за забите

      • џвакање на левата страна, потоа на десната страна
      • џвакање со предните заби (тоа може да се вежба со џвакање на соленки)

Вежби за образите

      • дување на образите, прво на левата страна, потоа на десната и на крај со двете
      • имитација на лижење на бонбонче со допирање со јазикот на внатрешната страна на образот (може да се изведува и со лижавче)

Освен овие вежби кои се специјализирани за одредените органи, постојат и некои општи вежби кои можете да ги правите со Вашето дете кои детето ќе ги сфати како игра, а во исто време ќе ги вежба мускулите на говорниот апарат. На пр. дување во свирче, правење на балони од сапуница, пиење на сок со цевче, дување во вода со цевче, надувување на образите со воздух.  

Трудете се да го задржите вниманието на детето. Пофалете го за секоја добро направена вежба. Така ќе го мотивирате да продолжи понатаму. 

Вежбите не смеат да бидат непријатни за детето.

Со вежбите од овој тип се буди свеста на детето за движењата на јазикот, усните, образите, детето учи како правилно се насочува воздушната струја за да биде подготвено за правилна артикулација на гласовите.