Поддршка за седење

 

Подрачје – Груба моторика 

Цел на вежбата – Стимулација на грубата моторика (постигнување седечка позиција) 

Краткотрајното седење со потпора е почетната фаза на седењето. Секое дете поминува низ процес на континуирано вежбање додека самостојно да ја постигне седечката позиција. На почетокот детето ќе седнува со поддршка од самите родители или придржувајќи се на разни предмети, но со растењето и зреењето, станува независно во седењето, со развиени заштитни реакции. Правилните начини на седење му овозможуваат на детето полесно совладување на следните фази од развојот, додека неправилниот начин на седење (седење во форма на буквата W) може да доведе до потешкотии во совладување на следните фази од моторниот развој.

Возраст – 6 месеци до 1 година

Претходно стекнати компетенции:

      • контрола на глава 
      • позиција на стомак – да се врти од стомак на грб, да се потпира на испружени раце (дланките е дозволено да бидат затворени при потпирање)
      • позиција на грб –  да се врти од грб на стомак, да има контрола доколку го повлечеме да седне, подава раце да се повлече до седечка позиција

Опис – Како да помогнеме во постигнување на самостојно седење?

Пред детето да наполни 4-5 месеци не се препорачува ставање во седечка позиција. Тоа што може да се прави во тој период е ставање на детето во релаксатор или седиште за во автомобил, каде тежината на телото не оди  директно на карлицата, туку се распоредува на грбот. Потоа се преминува на седење во скутот или пак седење врз ногата на родителот, меѓутоа со поддршка од страна на родителот. 

Кога ќе ги стекне горенаведените компетенции, започнуваме со ставање во седечка позиција на под со тоа што од задната страна и странично потребно е да се стават одредени предмети (најчесто меки перничиња). На возраст од 6 месеци детето треба да одржува краткотрајно седење со тоа што рацете треба да ги става пред него (предна заштитна реакција).

Во овој момент дозволено му е на детето да падне странично и наназад поради тоа што тие заштитни реакции се развиваат малку подоцна. Покрај седење на под може детето да се стави на кревет или пак на столче, но со давање поддршка. Во овој период покрај седењето важно е да се прават вежби за зајакнување на грбната и стомачната мускулатура. Додека детето седи родителот треба да комуницира со него и постојано да му подава предмети. Рамнотежата при седење најубаво се развива додека детето гледа и посегнува по одреден предмет. Во овие моменти често се случува детето да падне. Предметите треба да му се подаваат и од напред, но и од страна со цел да предизвикаме ротација во карлицата. Како детето ќе напредува и ќе ја зацврстува позицијата на седење, со полни 9 месеци веќе детето треба да ја развие страничната заштитна реакција. Тоа значи дека кога детето ќе падне настрана треба да има рефлексно движење со поставување на раката на таа страна на која што паѓа. 

Како детето расте може да се забележи дека седењето е поцврсто и истовремено држењето на предмети го прави поумешно. Ги става рацете и странично, не само пред него. И во оваа фаза продолжуваме да правиме вежби за зајакнување на грбната и стомачната мускулатура и ротација на карлицата. На 12 месеци очекуваме седењето да биде целосно развиено со сите заштитни реакции. Самостојно да станува од позиција на стомак и да седнува, исто така од позиција на грб самостојно детето да се врти на стомак и да седнува. Додека седи детето умее да држи рамнотежа. Самостојно може да седнува на столче. Од седечка позиција се крева на нозе и посегнува по одредени предмети. 

Постојат повеќе начини на кои детето би седнувало на под и кај секое дете тоа е различно. Но тоа што не треба да се дозволи е детето да седнува во форма на буквата W. Негативните последици од ова седење се многубројни. Пред сѐ кога детето седи во оваа позиција не се одржува рамнотежа, не се ротира и користи трупот. Имаме засегнување на билатералната координација (способноста за користење на левата и десната страна од телото истовремено). Можни се негативни последици во фазите на одење, качување и симнување по скали, скокање и други моторички активности. Најчесто децата кога посегнуваат по играчки и кога си играат тогаш го користат тој начин на седење. Седењето во таа позиција го прават од причина што во сите други алтернативни начини на седење треба да одржуваат рамнотежа и да го користат мускулите на трупот. Секогаш кога ќе го видиме дека детето го користи тој начин на седење, потребно е да го корегираме. 

Други начини на седење кај децата кои се дозволени и кои не носат негативни последици се:

      • седење со вкрстени нозе
      • седење со нозе исправени нанапред 
      • странично седење 
      • коленично седење 

Стимулација на седење кај деца со аутизам – кај децата со аутизам не се очекуваат дополнителни потешкотии при совладување на фазите од моторниот развој како и на оваа вештина и поддршката за нив е иста како и кај децата со типичен развој. 

Стимулација на седење кај деца со телесна попреченост – кај секој вид на телесна попреченост голема улога во остварувањето на фазите од моторниот развој се индивидуалните способности на детето. Според тој фактор можеме да кажеме дали детето ќе ја постигне способноста за самостојно седење. 

Стимулација на седење кај деца со сензорна попреченост – кај децата со визуелни и аудитивни оштетувања не се очекуваат потешкотии во постигнување на фазите од моторниот развој.