Развој на комуникацијата во првата година

 

Говорниот развој започнува од самото раѓање. Комуникацијата со околината е основa за развој на говорот. Говорот е сложен и чувствителен процес кој се одвива под влијание на различни фактори: физолошки и анатомски, но пред сѐ тој е социјален феномен. Без социјални контакти детето не може да научи да зборува.

За да стигне до првите зборови, бебето мора да помине долг, но интересен пат. Во основа на развојот на говорот се две способности:

      • способност за разбирање на говор (рецептивен говор)
      • способност за продукција на говор (експресивен говор)

Во првата година говорот се развива преку неколку фази кои се поврзани меѓу себе :

  1. Фаза на основни биолошки гласови (од раѓање до 8-та недела)

Тоа е фаза на рефлексно – спонтани гласови:

      • гласови кои предизвикуваат пријатност (тивки и мелодични)
      • гласови кои предизвикуваат непријатност (појаки и попродорни)

Оваа фаза е многу важна за севкупниот говорен развој. Сите бебиња на почеток плачат на ист начин, но потоа плачот се модифицира во зависност од стимулацијата на околината, пред сè мајката. Бебето комуникацијата ја изразува со движењата на телото и со изразите на лицето. Со внимание го гледа лицето на мајката, го разликува нејзиниот глас од гласовите на останатите членови на семејството, бидејќи го слушало уште додека било во нејзината утроба. Бебето на оваа возраст продуцира самогласки и се јавува првата рефлексна насмевка.

Активното цицање е еден од најважните фактори за правилно формирање на коските и мускулите на лицето, како и на говорните органи кај бебето. 

Зборувајте му на Вашето бебе и бидете во неговото видно поле од самото раѓање. Тоа не го разбира Вашиот говор, но го препознава Вашиот глас. Доколку континуирано му се обраќате ќе почне да прави разлика и ќе ги препознава Вашите емоции и намери според интонацијата на Вашиот глас. Бебето ќе почне да го распознава Вашиот поглед, изразот на Вашето лице и тонот на Вашиот глас и постепено и самото ќе почне да се изразува употребувајќи глас. Секоја мајка знае да ги препознае потребите на своето бебе според начинот на неговото огласување. 

Ова се првите чекори во остварувањето на комуникацијата.

  1. Фаза на гугање (од 8-та до 20-та недела)

Во оваа фаза детето ги совладува првите елементи на говорот – интонацијата. Со лежење на грб бебето ги открива грлените согласки К, Г, Х и така во комбинација со вокалите тоа почнува да гуга. Доколку во гугањето учествуваат и родителите, односно и тие му возвраќаат на гугањето, комуникацијата ќе трае подолго. Во овој период бебето почнува да реагира на различните тонови на гласот, ја врти главата кон изворот на звукот, почнува развојот на социјалната насмевка (бебето се смее во присуство на мајката).

Период од четвртиот до шестиот месец е многу значаен бидејќи доаѓа до спојување на гласовите што е многу важно за формирање на говорот.

Родителите треба да го поддржат бебето во гугањето со имитација на неговото гугање и тоа гледајќи го во очи. Искористете го времето кога детето е расположено без да му го попречувате биолошкиот ритам. Именувајте ја неговата гестикулација и поврзете ја со неговата потреба во моментот, на пр. „Ооо, па ти си гладна“; „Дааа мама е тука..“, „Ладно ти е, те боли стомакот, сега мама ќе ти донесе…“. На тој начин го развивате разбирањето кај детето, давајќи значење на моменталните активности и потреби на бебето. Секоја Ваша активност нека биде придружена со говор. Имитирајте ги звуците кои се слушаат во опкружувањето.

Кога бебето гуга тоа Ве повикува на дружба. Секогаш приклучете му се. Уживајте во интеракција со Вашето бебе. Доволно е да го погледнете, да му се насмевнете и да му се обратите. Можете да го повторите неговото гугање и на пр. кажете: „Ааа, нешто ми кажуваш. Како се смее моето бебе?“ Треба да знаете дека доколку одговорите на гугањето на бебето Вие го наградувате и го учите да комуницира. 

Покрај поддршката на гугањето, важно е родителите да се вклучат во играта такашто ќе го именуваат секој предмет кој детето го зема во рака, а исто така ќе ја вербализираат секоја непосредна активност која се одвива. 

Вашиот говор нека биде придружен со гест и мимика. Пред да почне да го разбира говорот, бебето ќе ги разбира мимиката и гестот и ќе се изразува преку нив. Гестот и мимиката ќе му олеснат на бебето да ја разбере активноста, а подоцна и да ги разбере поимите, на пр: „ Ја сакаш таа тропалка?“, покажете со прст на неа и имајте изразена мимика на лицето.

Еднолично, монотоно, тивко и бавно гугање се симптоми кои укажуваат на можни потешкотии во говорот.

  1. Фаза на брборење (баблинг) од 6-от до 9-от месец

Фазата на брборење се поклопува со почеток на седењето со што бебето добива еден нов поглед на светот што го опкружува. Во овој период бебето ги комбинираат сите самогласки со поголемиот број од согласките, прави различни движења на лицето и на усните и јазикот (развива игра со усните и јазикот) и на крајот на оваа фаза почнува да се служи со слоговите како на пр. „ПА-ПА“, да плеска со рацете и да реагира на „НЕ“.

Бебето сѐ повеќе ги имитира Вашите движења, гласови и изрази на лицето, затоа брборете што повеќе со него (кратко, мелодично, восхитено). Секоја активност повторувајте ја многу пати, на бебето тоа нема да му здосади.

Отсутност на говорната интонација, еднолично брборење кое не е во насока на комуникација, неразбирање и неизвршување на едноставни говорни налози (дај ми, дојди, итн) може да укажува на некои потешкотии во развојот.

  1. Фаза на први зборови (од 9-от до 18-от месец)

На оваа возраст бебето го изговара првиот збор со значење. Тоа веќе ги разбира имињата на блиските луѓе, извршува едноставни налози, имитира некои активности (кашлање, кивање, смеење), користи гестовна комуникација, ја совладува ономатопејата.

Изговарајте цели зборови кога детето пробува да ги каже првите слогови. Слоговно изговарање е дел од фазата на прозборување.

Зборувајте со Вашето дете додека го бањате, храните, облекувате, додека се играте со него…

Децата на кои им се чита, со кои се зборува, се игра, или на кои им се покажуваат сликовници, многу побрзо прозборуваат.

Раното детство (првите три години од животот) е период на интензивен раст и развој. Затоа бидете активно вклучени во развојот на Вашето дете. Не дозволувајте да биде изложено на претерано гледање на телевизија, или било какви екрани (од мобилните телефони, таблети и слично).