Поддршка при одвојување на детето од родителите и адаптација во градинка
Способноста на организмот да се прилагодува во нови околности и околина е индивидуален процес кој на многу начини зависи од карактеристиките на личноста. Во текот на ваков период поединецот троши многу физичка и ментална сила.
Адаптацијата во градинка е нова фаза во животот на детето која вообичаено е посебно тешка, како за него така и за родителите. Детето е навикнато на домашната атмосфера и близината на родителите и другите членови од семејството и одеднаш менува средина во која постојат правила на однесување и распоред во денот кои треба да се почитуваат. Од него се бара друг вид на однесување, како и дисциплина, односно почитување на правилата. Период за прилагодување може да трае различно од 1 или 2 недели па и до 2 месеци зависно не само од детето туку и од меѓусебната соработка на родителите и воспитувачите.
Во периодот кога детето почнува да покажува потреба од друштво на врсници (некаде околку втората година), истовремено покажува и подготвеност за вклучување во градинка, меѓутоа во повеќето случаи, особено кога и двајцата родители се вработени, вообичаено детето започнува со посетување на градинка уште пред две годишна возраст. Праксата покажува дека колку што детето е постаро неговата адаптација во градинка е полесна.
Подготовка за вклучување во градинка
Адаптацијата на градинката ќе биде олеснета доколку детето претходно е подготвено на тој „голем чекор“ за него.
Во продолжение се дадени некои совети за тоа како можете да го олесните адаптирањето и навикнувањето на детето на градинката:
-
-
- неколку месеци пред започнување со одење во градинка потребно е да се воспостави распоредот на будење такашто ќе биде прилагоден на терминот за одење во градинка
- полесно ќе биде за детето ако веќе знае да држи лажица и ако неговата исхрана е приближна на онаа која ќе ја добива во градинка
- исто така од полза е ако веќе контролира физиолошки потреби и знае да ја искаже потребата да оди во тоалет. Самостојно користење на нокшир е значајно корисно
- овозможете да се сретнува, комуницира и игра со други дечиња (на игралиште, во игротека и сл.). Тоа ќе придонесе во градинка полесно да најде заеднички јазик со врсниците
- за викенди однесете го да си игра во дворот на градинката со цел полесно да ја прифати таа околина
- запознајте го со градинката преку раскажување приказни во кои ќе провејува позитивен став дека градинката е место каде децата се забавуваат и каде им е пријатно.
-
Кога ќе дојде денот да почне во градинка
-
-
- за полесна адапцаија на новата средина се препорачува првите неколку дена родителите да остануваат заедно со своето дете во градинката или да бидат во близина (во дворот на градинката). Потоа постепено треба да се намалува присуството на родителите
- предуслов за Вашето дете да не се чувствува напуштено е да знае во кое време ќе го земете од градинка и да се придржувате до договорот
- дозволете му со себе да ја понесе омилената играчка која ќе му дава сигурност
- не чекајте прилика кога Вашето дете е зафатено со нешто за да избегате, напротив изградете рутина за поздравување кога го оставате во градинка и истата практикувајте ја секој ден
- доколку детето има голем проблем да се одвои од едниот родител (на пр. од мајката) тогаш може некој друг член од семејството да го носи во градинка
- дополнително истакнувајте ги позитивните моменти од престојот во градинката. На пр. „Видов дека убаво си играше со….“, „Учителката ви раскажуваше многу убави приказни“ и слично.
-