Стимулација на детето за формирање на проста реченица

По појавата на првиот збор кај детето започнува процес на интензивно усвојување на јазикот. Детето секојдневно го зголемува фондот на усвоени збориви кои ги разбира и умее да ги репродуцира. 

Со зголемување на бројот на зборови полека се јавуваат и првите реченици од 2 до 3 збора и тоа во втората година. Тоа е голем чекор во говорно-јазичниот развој и некогаш може да биде голем предизвик како за детето така и за родителите. Постојат многу начини да му помогнете на Вашето дете да почне да ги комбинира зборовите и да почне да користи проста реченица:

      • користете кратки, но точни граматични реченици. Во голема желба да му помогнат на детето, некогаш родителите користат едноставни реченици но не обрнуваат внимание на граматиката. На пр. кажете му на детето „Дали сакаш колаче?“, наместо „Бебе сака колаче?“. Детето треба да ја слушне правилно формулираната реченица за да ги разбере правилата на својот јазик
      • дополнително користете и малку подолги реченици за да го потикнете разбирањето. Всушност децата разбираат повеќе од колку што зборуваат. Користете подолги реченици кога му читате сликовници и ги опишувате претставените слики
      • зборувајте за тоа што го интересира Вашето дете. Набљудувајте што му го привлекува вниманието и зборувајте за тоа. Формулирајте реченица и дајте му шанса да ја повтори со правење на пауза во говорот
      • зголемувајте го фондот на зборови на детето. Користете различни именки, глаголи, придавки во говорот. Детето треба да има одреден фонд на зборови за да почне да ги комбинира во реченици
      • не го корегирајте детето. Кога тоа ќе почне да ги комбинира зборовите нормално е да има грешки во говорот. За да не го обесхрабрите не го поправајте веднаш туку повторете го неговиот исказ и потоа кажете го точно
      • проширете го исказот на детето. На пр. доколку детето посочува и кажува „топка“, Вие ќе кажете „Ајде да играме со топка!“ , или, “Птица“, Вие ќе кажете „Птицата е на дрвото!“

Користејќи ги овие едноставни совети, Вие можете да го градите детскиот речник и да му помогнете да ги формулира првите реченици.