Вежби за стимулација на самопослужување – грижа за себе

(обување/собување)

 

Подрачје: Самопослужување – грижа за себе.

Цел на вежбата: Развој на компетенциите за обување/собување кај детето.

Како и совладувањето на другите вештини за грижа за себе така и самостојноста во обувањето и собувањето, ја гради самодовербата на детето и му дава чувство дека може само да се грижи за себе.  

Овие активности возрасните ги изведуваат автоматски и брзо, но за детето е потребно долго вежбање и време за да ги изведе. Затоа важно е да се започне со вежбање што е можно порано. 

Возраст: Oд една година па понатаму. 

Предходно стекнати компетенции: Детето пред да започне самостојно да се обува/собува треба да има развиено други моторни вештини, добро развиена груба и фина моторика, визуо-моторна координација, внимание и концентрација. 

Опис: 

Секое дете е различно и на различен начин и во различно време ќе ги развива способностите за обување/собување. Затоа следната табела користете ја како ориентација што треба да вежбате со Вашето дете.

 

Возраст

Активности при обување

Една година
  • си игра со патиките, ги собува
  • детето носи чевли со меки стапала низ куќата додека си игра (може да ги носи 1 час, па 2 часа…)
  • откако ќе стане постабилно во одот почнува да обува влечки од мајката, таткото (поголеми броеви)
Две до три години
  • седи на подот и се обидува да ги обуе влечките или патиките
Три до четири години
  • може да обуе чевли со помош
Четири до пет години
  • обува патики (сандалки) со лепенки
Повеќе од пет години
  • самостојно се обува/собува
  • се започнува со процесот на учење да врзува врвки

 

Како можеме да му помогнеме на детето само да се обува/собува:

Вежбањето за обување и собување започнува уште кога детето е бебе, на почетокот со обување на меки патики. Веќе на 18 месеци кога Вашето дете ќе почне да оди му се потребни меки патики поради заштита на неговите нозе од повреда. Најдобро е на почетокот да се започне со сандалки со лепенки. Секогаш додека детето се обува, потребно е да му се вербализира постапката, на пример: „Ајде сега ќе ги обуеме патиките, прво едната нога… МММ, браво ајде сега и другата… готово! Браво!“. Кај поголемите деца многу е важно додека се обидуваат сами да се обујат да не се брзаат и секако родителот да биде трпелив и да го охрабрува. Доколку детето има потешкотија при обување може да му се помогне, но да се остави да ја заврши постапката самостојно.  

Започнете со патики или влечки лесни за обување и собување, на пример:

      • меки влечки на навирање
      • сандалки со лепенки
      • патики со лепенки. 

Собување

Постапката на собување е слична на обувањето. Започнете така што ќе му укажете на Вашето дете прво да седне, потоа ако носи чевли со лепенки прво да ги одлепи лепенките и со помош на раката да ги повлече надолу. Доколку детето е поголемо и ја има совладано техниката врзување врвки, пред собување треба да му се укаже да ги одврзе врвките и потоа со раката да го повлече чевелот кон напред. 

Обување 

Расчленeте го обувањето на чекори:

      • детето нека седне на подот или на столче
      • дадете му ги патиките
      • побарајте од детето тоа да ги обуе
      • прво дадете му налог да ја обуе едната нога, а потоа и другата
      • доколку има потреба од помош помогнете му, но не целосно – на пр. помогнете му на детето да ја стави ногата во патиката, а потоа побарајте од него да турне силно со ногата во патиката. Откако ќе ја стави ногата во патиката покажете му како да ја залепи лепенката (тоа може да биде преку пример на едната патика на која Вие ќе ја залепите лепенката, а на другата побарајте да ја повтори постапката самото дете). Доколку патиките имаат повеќе лепенки може првата да ја залепите вие, а останатите да побарате да ги залепи Вашето дете

Пред да се започне со постапката за лепење лепенки најдобро е прво да вежбате со вашето дете. 

Бидете трпеливи, не го форсирајте детето да брза! Откако ќе се обуе, кажете му браво и охрабрете го!

Подолу на сликите е даден пример како да го направите истото:

      • пред детето се става модел на патики или сандалки со лепенки. Заедно со детето се вежба да се одлепува или залепува лепенката
      • детето нека седи на столче и нека пробува да се обуе самостојно. Доколку му е потребна помош родителот може да му помогне, исто така, додека се обува може да му се даваат инструкции од типот: „Ајде сега земи ја левата патика и стави ја на левата нога. Ајде прво да ја одлепиме лепенката, ммм браво, ајде сега пробај да ја ставиш ногата во патиката… браво! Ајде сега и другата нога, готово, браво, сега може да одиме во парк!“

 

Соодветно обување

 

Вежби за стимулација

Доколку детето има проблем при обување може да му се помогне на следниот начин:

      • на јазикот на чевлите да се зашие трака, во која детето ќе може да го стави прстето и ќе ја повлече
      • може да се користат стикери: на надворешноата или внатрешната страна од чевлите да се залепи стикер (на пр. со насмеано лице) кој претходно ќе се подели на два дела, кога детето ќе се обуе двата делови треба да се поврзат. Така ќе се намали можноста за погрешно облекување на левата и десната нога

 При развивањето на вештината за самостојно обување не е важно само детето да научи да се обува, туку и да избира соодвети обувки.  Затоа:

      • дајте му лимитиран избор на обувки. На пример да избере меѓу патики или сандалки
      • зборувајте за временските прилики кога детето избира обувки. Прашајте го дали е ладно или топло, дали е надвор сончево или врне
      • овозможете му самото да научи да ги земе обувките од плакарот. Затоа одберете постојано место каде треба да стојат обувките и на детето дадете му налози да оди и да ги земе или да ги остави на место откако ќе ги собуе

Врзување врвки 

Како детето да научи да врзува врвки: 

Откако детето ќе научи самостојно да обува/собува патики и сандалки со лепенки потребно е постепено да се стимулира да ја научи и постапката на врзување врвки. Оваа постапка започнува околу 5 година. Во овој период, едно од најчесто поставуваните прашања кои ги слушаме од родителите и наставниците е како да им помогнеме на децата да научат да ги врзуваат чевлите?

 За некои деца, оваа вештина не доаѓа природно и лесно е да се разбере зошто… само помислете на сите чекори и потребни вештини вклучени во врзувањето на врвките за обувки! Фини моторни вештини, визуелно-моторна координација, внимание и концентрација, меморија и се разбира, мотивација да сакате да бидете независни во изведувањето на оваа вештина.

За жал, учењето да се врзуваат врвки за чевли може да стане фрустрирачко за децата. Во продолжение ќе бидат дадени неколку примери како  вашето дете полесно да ја научи постапката.  

Пример: На цврст картон може да нацртаме чевел, патика, да го избоиме или да залепиме веќе готов модел. На картонот се прават дупчиња низ кои потоа заедно со детето протнуваме врвка. Исто може да се употребуваат и чевли кои ги имате дома или да се купат веќе готови модели за вежбање. На почеток ја демонстрираме постапката во целост, а потоа ги вежбаме со детето поединечните чекори (префрлувањето на врвките од едната на другата страна, потоа вежбаме прекрстување и протнување на врвката до првото врзување. Потоа вежбаме превиткување на едната врвка и создавање „уво“, правење круг околу „увото“ и провирање на врвката низ создадениот отвор. На крај вежбаме потегнување на двете превиткани врвки). За оваа активност особено корисни се Монтесори рамките за врзување врвки и вежбањето на активноста според Монтесори принципите.  

Прилагодување за различен тип на попреченост

Постапката за обување/собување кај децата со нетипичен развој може да биде доста сложен процес. Понекогаш децата со попреченост треба да надминат специфични предизвици при обување и собување. Пред да се започне со стимулација на активности треба да се работи на развивање моторна координација. Исто така потребно е детето со попреченост да има добро развиена груба и фина моторика, визуо-моторна координација, внимание и концентрација. 

Обување кај децата со аутизам

Проблем за многу родители на дете со аутизам е носењето на чевли. Се случува многу деца со аутизам да не сакаат да носат чевли. Проблемот може да биде бојата или материјалот од кој се изработени. Многу е важно кога му купувате чевли на Вашето дете со аутизам, да го оставите само да си избере. Претходно дозволете му да избира помеѓу чевлите за соодветната сезона. 

Начини за навикување детето да носи чевли: 

      • пронајдете чевли во боја или стикери што ги сака Вашето дете
      • најдете чевли кои детето ќе може самостојно да ги обува
      • доколку купувате нови чевли размислете за слични чевли кои моментално ги носи Вашето дете. Понекогаш децата со аутизам можат бурно да реагираат ако се смени моделот на чевли, патики

Откако ќе набавите чевлите потребно е: 

Секојдневно да му се обуваат и да му дозволите на детето да ги носи дома. На почетокот тоа да биде кратко, но со тек на време да се зголемуваат временските интервали. Користете награда или пофалба по завршување на секој подолг временски интервал. Додека ги носи чевлите играјте забавни активности со Вашето дете, со цел да заборави дека ги носи на себе. Препорачливо е тоа да бидат активности кои Вашето дете многу сака да ги прави. 

Обување/ собување 

За да научи Вашето дете со аутизам како да се обуе самостојно, може да започнете преку: 

      • употреба на социјални приказни, илустрирана приказна на која се претставени чекорите преку кои дете како се обува и собува
      • преку употреба на слики, каде е прикажана постапката на обување и собување, претставени во ситуации пред/потоа
      • по пат на имитација – седнете Вие до него и обувајте ги Вашите чевли и побарајте детето да Ве имитира

Доколку детето има потешкотии во текот на обувањето: 

      • на јазикот на обувката може да залепите налепници со број или да се запише со перманентен маркет (1, 2) на овој начин детето ќе знае кој чевел прво да го обуе
      • на надворешната страна може да се залепат стикери кои меѓусебно се надополнуваат
      • да се научи да користи лажица за чевли

Обувањето и децата со потешкотии во визуелната перцепција

Постапката на обување кај децата со визуелни потешкотии е предизвик. Прво детето треба тактилно да научи што е чевел, патика, сандала итн. Кога се работи со детето тоа прво нека седне, а потоа дадете му ја конкретната обувка да ја фати во рака (за време на постапката постојано вербално да му се објаснува: „Сега ќе ти дадам чевел, еве земи, ајде сега да видиме како изгледа“). Како што детето го опипува чевелот со рацете така му се објаснуваат деловите. Исто така може со Ваша помош, со држење на неговата рака да се води постапката и да му се објаснува, на пример: „Ова е горниот дел на чевелот, а ова е долниот дел. Еве ова е лепенка, ајде сега да ја одлепиме па да ја залепиме, ммм браво! Ајде да видиме што имаме друго…“, преминувате на другите делови и му ги објаснувате (ова е јазичето на патиката и слично). Доколку е потребно постапката за одреден дел може да се повторува повеќе пати додека се усвои истата. Откако неколку пати ќе ја опипа патиката побарајте од него самото да ги покаже деловите. 

Во прилозите, подолу се дадени примери како да го стимулирате Вашето дете да ја научи постапката: 

  • прво ви се потребни пар патики или сандалки
  • потоа започнувате со вежбање! Ја земате патиката и ја истражувате заедно со Вашето дете, со цел да ја запознае текстурата и деловите на патиката. Додека вежбате му ја вербализирате постапката

Како дете со визуелни проблеми да научи да врзува врвки? 

Учењето врзување врвки може да изгледа малку застрашувачко за слепо дете или дете со оштетен вид, но учењето на независност и моторните вештини соодветни на возраста се многу важни за нивниот развој. Вежбајте доследно и поучете ги на процесот во фази. Исто така, постојат неколку покреативни пристапи што можете да ги испробате, како што се употреба на врвки од различни големини и текстури. 

Активности: 

      • започнете со вежбање на оваа вештина кога ќе почувствувате дека детето е подготвено
      • побарајте од детето да Ви помогне. Додека тоа самото не ја совлада вештината, охрабрувајте го Вашето дете да помогне на кој било начин. На пр. можете да побарате од детето да Ви помогне кога ја вртите врвка за чевли околу прстот
      • користете ја истата техника на врзување сите членови во семејството
      • секако расчленете ја активноста на чекори и вежбајте го секој чекор поединечно
      • детето нека ги постави своите раце на Вашите раце. Дозволете му да ги следи Вашите раце додека Вие ги врзувате Вашите чевли. Ова му овозможува на детето да „гледа“ како поминувате низ постапките и му помага да добие чувство какви движења треба да користи
      • користете предлози додека ја изведувате постапката.Тоа ќе му помогне да ги научи и просторните концепти. Дискутирајте за движењата во смисла нагоре и надолу, напред и назад, десно и лево и пред или зад
      • објаснете го секој чекор вербално. Точното фразирање ќе зависи од тоа каква техника на врзување употребувате, но користете фрази како: „Земи ја десната врвка и прекрсти ја преку левата врвка“. Демонстрирајте додека тие „гледаат“ со своите раце. „Фати ја десната врвка со левата рака и левата врвка со десната рака“

Бидете трпеливи и охрабрувајте го детето! 

Прилози: 

Собување и обување кај децата со потешкотии во мобилноста

Поради отежнатата подвижност, одржувањето на рамнотежа или отежнатата способност за стискање,  децата со потешкотии во мобилноста се соочуват со проблеми во способноста за самостојно собување и обување. 

При учењето на постапката за собување/обување треба да се посвети внимание на следново: 

      • да не се менува моделот на обувки, додека не се совлада претходниот (на пример: ако се користат патики со една лепенка додека не научи да ги собува/обува истите да не се менуваат)
      • обувките секогаш да бидат во соодветна големина на ногата на детето, ни претесни ни прешироки
      • ако детето има послабо подвижна страна, нека се вежба прво да ја обуе таа нога
      • доколку детето има потешкотии во одржувањето рамнотежа или подвижноста, додека се собува/обува нека седи

Додека на некои деца во текот на целиот живот секогаш ќе им биде потребна помош при собување/обување, други пак може да научат сами да се собуваат/обуваат со помош на адаптивни помагала. 

Адаптивни помагала 

„Дофаќачите“ им овозможуваат на децата да ја дофатат обувката од подот без да се виткаат и исто така може да се користат за да се повлече задниот дел на чевелот во текот на обување или јазикот на чевелот доколку има потреба. 

Употреба на пластична лажица

Обување со помош на ˶инкаˮ за чевли 

Пластична инка се става позади на чевелот, потоа чевелот се става на подот. Нејзината права, мазна површина го олеснува влегувањето на ногата во чевелот. Откако ќе се обуе чевелот врвките од инката се повлекуваат и инката излегува. Овој модел е одличен за оние што не можат да допрат долу. Може да се користи на повеќето типови и големини на чевли. 

Изборот на обувки исто така е многу важен во процесот на обување/собување, поради тоа најдобро е да се користат обувки со лепенки или еластични врвки.