Сложувалките како стимулација на развојот на детето

 

Процесот на свесно и целно разгледување на сложувалките и обидот од деловите да се направи целина, започнува помеѓу првата и втората година, но процесот на свесно градење на целината се јавува кон крајот на втората година и продолжува понатаму.

Како сложувалката позитивно влијае на развојот на детето?

      • ја подобрува концентрацијата, односно го зголемува времето на насочено внимание кое детето го посветува на една активност во даден временски период
      • го осознава просторот и релациите на предметите во него и станува свесно за себе во тој простор. Преку обидите да се спојат два дела, детето разбира дека треба да ги одбере точно тие две парчиња кои одат заедно, а не било кои. Ги врти во раце, се обидува да го најде точното место каде се спојуваат, ги анализира боите или сликите на секој од нив и со секое следно искуство, бројот на обиди и грешки се намалува и тоа побрзо го прави спојувањето
      • тематските сложувалки се извор на информации за светот кој го опкружува детето. Опфатени се теми како превозни средства, овошје, зеленчук, животни итн. Откако ќе ја состави целата, со него разговараме на темата на која се однесува. Со тоа се влијае стимулативно и на развојот на говорот
      • помага во учење и разликување на геометриските форми, кои се база за учење на бројките и буквите во понатамошниот период
      • преку ракување со деловите од сложувалката, кај детето се развиваат фините моторни вештини. Покрај што станува повешто во редење на сложувалката, тоа стекнува искуства и е повешто и во откопчување, закопчување, пиење од чаша, самостојно јадење итн, бидејќи  за развивање на овие вештини се потребни истите мускули како и за редење на сложувалката (малите мускули на прстите, дланката, рачниот зглоб како и раката во целина)
      • координација меѓу раката и очите (визуо-моторна координација) се појавува во 4 месец од животот, а бенефитот од истата е за цел живот. Таа е во директна врска со умствените процеси и овозможува изведување на скоро сите човекови активности (јадење, тоалета, пишување, мануелна работа итн). За да ја состави сложувалката, детето мора да го гледа делот кој му е во рака, па да го побара со поглед делот со кој треба да го состави и на крај да го направи спојувањето
      • бидејќи од поединечни делови треба да се состави целина, ова е одлична прилика детето да ги развива вештините за решавање проблеми
      • со секое наредно составување на сложувалката, кај детето се подобрува помнењето, односно побрзо се сеќава кои делови одат заедно и како да ги спои истите
      • успешното редење на сложувалката ја јакне самодовербата на детето, тоа е задоволно од себе и својот успех
      • сложувалката нуди можност за развивање на социјалните вештини, доколку во редењето учествуваат две или повеќе деца

Со цел да биде успешно склопувањето на сложувалката потребно е да се внимава на следните фактори:

      • бројот на парчиња на сложувалка
      • темата на сложувалка
      • видот на сложувалка
      • големината на деловите од сложувалката
      • видот на илустрацијата на сложувалката
      • обликот на сложувалките
      • материјалот од кој се направени сложувалките

 

Возраст во години Опис на сложувалки
2 до 3 Сложувалки од 8 до 20 делови од нивни омилени ликови од цртаните филмови, музички инструменти и слики со илустрации од различни професии или сообраќајни средства 
4 до 5 Тука може да се вметнат и парчиња кои прво треба да се спојат па вклопат во сложувалките со различни ротации, различни по боја но слични по форма или теми со букви и бројки. Најчесто се користат до 60 делови кои се лесни и не мора да имаат подлога
над 6 години Се користат сложувалки кои бараат логично расудување и размислување, исти по боја различни по форма. На оваа возраст може да се даде и Рубикова коцка

Прилагодување на активноста на различен вид на попреченост

 

Прилагодување за дете со аутизам

Кога станува збор за дете со аутизам секогаш прво треба да мислиме на поддршката и приближувањето до детето со аутизам за да може да го насочиме на некоја активности. Секогаш кога работите со овие деца треба да бидете љубезни, да бидете на иста висина и позиција со него. Играјте си, пример скокоткајте го за да му го привлечете вниманието и да успеете и на кратко да Ве погледне во очи. Исто така потребно е да бидете директни и да поставувате кратки прашања. Дозволете му да Ве имитира, бидете му пример. Работете со детето во мирна просторија и на почеток користете наједноставни сложувалки, повторувајте, имајте трпение, мотивирајте го…Кога го водите дететето кон посложени сложувалки можe најпрво Вие да ја составите целата слика, а потоа да извадите неколку карактеристични парчиња и потоа да побарате детето да ги стави на соодветното место.

Некои деца со аутизам имаат високо развиена способност за редење сложувалки и уживаат во нивата изработка. Во тој случај обезбедете сложувалки на најразлични теми и искористете ги како мотивациско средство за насочување на некоја друга активност.

Прилагодување за дете со телесна инвалидност

Дететo со телесна инвалидност може, но и не мора да има дополнителни развојни потешкотии. Кај него е најважно да се искористат сите останати потенцијали кога се работи за активности кои ја вклучуваат фината моторика, но и да се направат прилагодувања на активностите кои ќе ги стават тие потенцијали во функција. Кога се работи за сложувалките, прилагодувањето може да се однесува на користење на сложувалки со магнети или поголеми делови кои лесно би се вклопиле во сложувалката и не би дозволиле поместување при склопувањето на целината. Исто така кога се работи за служувалки кои бараат вметнување во одредени празнини може дршките да се направат поголеми, или да се заменат со дршки кои најчесто се користат за мебел. Во зависност од развојот на когнитивните способности и возраста се користат сложувалки од различни теми и илустрации. При изведувањето на активноста секогаш внимавајте на подвижната страна на детето и наместете ја најдобрата позиција за работа.  

Прилагодување за деца со оштетен вид

Започнете со едноставни сложувалки за вметнување, а потоа користете 3Д сложувалки, сложувалки со Брајова азбука, сложувалки кои имаат тактилно обликувани контури. 

Поддршката при просторната ориентација е најважна за овие деца, особено за оние кои имаат целосно оштетување на видот. Водете ја неговата рака да ги опипа деловите од слагалицата, а потоа и местото каде треба истите да се стават. За децата кои имаат остатоци на видот, користете јаки и контрасни бои, големи парчиња кои имаат јасно означени контури. Дополнително применете ги следните методи: често трепкање – така детето ги влажни очите со што се намалува напорот и се избиструва сликата, триење на дланките и покривање на очите да се одморат, па потоа да гледа. Ако е потребно зумирајте со лупа. Кога давате инструкции бидете конкретни, на пример наместо зборовите овде или таму, користете ги следниве зборови како: пред тебе, покрај тебе десно, покрај тебе лево и сл.

При изведување на вакви активности со дете со оштетен вид доминантна улога има сетилото за допир, но исто така настојувајте да ги вклучите сите сетила. На пример кога имате сложувалки со овошје може да ставите парфем со мирисот на овошјето, по секое редење да му давате да вкуси овошје како тоа што го реди, да му дадете и тактилно да го осознае и допре. Исто така може да се користат и звучни сложувалки.

Прилагодување за деца со оштетен слух

За децата кои имаат оштетен слух обично не се потребни дополнителни прилагодувања на сложувалките.