Графомоторни вежби според возраст

 

Графомоториката претставува способност на држење молив и пишување, односно моторичка способност за пишување букви. За графомоториката најчесто се зборува пред детето да тргне во училиште. Поголем број на деца ги препознаваат бројките и буквите и пред да тргнат во училиште, а некои и ги пишуваат. Други пак деца пишувањето на буквите го усвојуваат во прво одделение. Развојот на графомоториката, односно вештините кои таа ги вклучува почнуваат од 18. до 24. месеци и траат сѐ до поаѓање во училиште. Интерес за молив и боички, малите деца покажуваат уште од средината на првата година. На оваа возраст моливот или боичката ја грабнуваат со цела рака, користејќи го рамото за да ја движат боичката.

Цел на вежбата: стимулирање и развој на графомоторика кај децата 

Возраст: 2 – 6 години

Претходни стекнати компетенции: 

      • развиен „пинцета“ фат 
      • подвижност на зглобот на шаката
      • координација око – рака
      • внимание и концентрација 

Активности:

Пред Вашето дете оставете боички и лист хартија и оставете го детето само да ја фати боичката и нека шкрта. Исто така може во подлабок сад да ставите брашно, песок, палента и да му дозволите на детето да шара.

Веќе во втората година детето ќе започне да ја држи боичката со три прсти (палец, показалец и среден прст) правејќи хоризонтални, вертикални и кружни линии, но сѐ уште неправилно. Во овој период на детето може да му понудите кесичка со зип затварање наполнета со брашно, шеќер, сол или друг материјал врз која детето ќе шара. Исто така на лист хартија нацртајте линија (по Ваша желба) и заедно со детето кинете хартија и лепете ја врз линијата.

Возраст: 3 години

Детето на возраст од три години боичката ја држи со три прста, може да прецрта хоризонтална и вертикална линија и круг. При пишување ја движи целата рака, не само прстите. 

Активности: 

На лист хартија нацртајте линии низ кои детето со Ваша помош ќе поминува со прст или некоја алатка (топче, четка, молив и сл). На почетокот и крајот на линијата може да залепите сликичка или да нацртате омилен лик и движењето може да го претставите како патека по која треба да се стигне од еден до друг крај. Потоа, од картон може да направите шаблони за повлекување линии низ кои детето ќе може да поминува со прсти, да ја бои внатрешноста или да поминува со боичка. За вежбање на определени линии може да направите примери како овие на сликата од картон, со чија помош ќе се ограничи движењето на рака на детето во форма на одредена линија и на тој начин ќе се учи и вежба „мускулната“ меморија за движење во одредена линија. Користете подебели алатки за пишување, кои се полесни за држење. Со детето работете рака врз рака. 

Возраст: 4-6 години

На возраст од 4 до 6 години држењето на алатот за пишување (молив, боичка и сл.) станува правилно, со врвовите на прстите (палец, показалец и среден прст) и детето може да прецртува квадрат, знак плус, бројки и букви, триаголник. 

Активности:

Цртање со прсти во брашно или песок. Во некој пластичен широк сад ставете брашно, ориз или сол, за да детето може да прецртува линии (букви, бројки) по даден модел. Вежбата може да се изведе со прсти или со помош на четка, стапче и сл.

Поминување низ препреки, на пример топчиња или пинови. Детето нека поминува со боичка низ нив. 

На лист хартија нацртајте линии, форми, букви или бројки во различна форма или големина. Детето со боичка нека поминува врз нив. Може да користите и пластелин од кој ќе обликувате букви, бројки или линии од пластелин. 

Со вежбање, преку разни активности детето ќе дојде до фаза кога држењето на алатот за пишување нема да му претставува проблем и тогаш ќе биде спремно за други графомоторни материјали, како боенки. Она што е најважно во овој период е во текот на активностите детето да го поддржувате и да го поттикнувате на самостојно истражување. Во текот на активностите бидете креативни и секогаш за успешно завршената работа наградете го Вашето дете. 

Одбивност кон цртање и да пишување:

Најчестата причина поради која децата одбиваат активности со цртање и пишување е поради потешкотиите со кои се соочуваат, недоволно развиена фина моторика, координација око-рака, недоволно внимание и концентрација. Не го форсирајте детето, графомоториката е способност која се развива и се вежба. Со ваша помош и креативни активности детето ќе ги совлада сите препреки. 

Прилагодување за различен тип на попреченост:

Прилагодување за дете со аутизам:

Пред да се започне со активности за графомоторика со децата со аутизам, мора да се внимава активностите да бидат интересни. Со овие деца може да се изведуваат истите графомоторни вежби како и со децата со типичен развој, но внимавајте да ги дозирате вежбите во согласност со нивната можност за одржување на вниманието. Исто така може да го земете детето во скут додека седите на подот и да му дозволите да Ве следи како работите. Со тек на време ќе почне да Ве имитира. Доколку е потребно најдете начин да го испровоцирате да почне да соработува, следете го и видете што ќе му го привлече вниманието. Исто така користете ги омилените активности и играчки на детето како мотиватори кои детето ќе ги добие откако ќе ги заврши графомоторните вежби. Важно е при работењето со детето со аутизам да се работи една активност додека не се усоврши, односно да не се воведуваат повеќе активности истовремено.

Прилагодување за дете со телесна попреченост:

Децата со телесна попреченост во однос на графомоторичките вежби се соочуваат со многу проблеми. Графомоторните активностите треба да се подготвуваат и да се прилагодат во однос на потенцијали и можности на детето. Секако потребно е да се прилагоди и пристапот на работа. Во текот на изведувањето на вежбите можеби ќе треба постојано да му се помага на детето, користејќи ја техниката „рака врз рака“ или „рака под рака.“ Може да вклучите и асистивна технологија и помагала кои може да ги изработите сами во домашни услови. Доколку детето не може да ја држи боичката земете штипка која ќе ја ставите на боичката и ќе му ја прицврстите на раката. Може да земете чорап на кој ќе направите 2 отвори низ кои ќе се проврат палецот и показалецот. Може да употребите ластиче со кое ќе го поставите и прицврстите моливот на раката. 

Прилагодување за дете со оштетен вид

Децата со оштетен вид учат преку сетилото за допир, но имајте ја во предвид и потребата маскимално да се искористат остатоците на видот. Поради тоа, најдобро е да се направат табли на кои ќе бидат претставени на пр. линии, букви, бројки, а детето тактилно ќе истражува и ќе учи. Користете форми или предмети со добро тактилно обликувани контури. Во текот на активноста водете ја рака на детето, користете ја техниката „рака под рака“ или „рака врз рака.“ За лицата кои имаат остаток на видот, користете јаки и контрасни бои, а дополнително употребете и лупа. Додека се работи со детето секогаш вербализирајте ја постапката и насочувајте го просторно (горе, долу, лево, десно). 

Прилагодување за дете со оштетен слух

Активностите за графомоторика кај децата со оштетен слух се исти како и кај децата со типичен развој. Процесот на учење се одвива според возраста на детето и неговата интелектуална способност.