Подрачје: Самопослужување – самостојност во јадење 

Цел на вежбата: Развој на самостојност кај децата при исхранување 

Како и совладувањето на другите вештини за грижа за себе така и самостојноста кај децата во текот на јадењето, ја гради самодовербата на детето и му дава чувство дека може само да се грижи за себе.  

Овие активности возрасните ги изведуваат автоматски и брзо, но за некои деца е потребно подолго вежбање и време за да ги изведат самостојно. Затоа важно е да се започне со самостојност во исхраната што е можно порано. 

Возраст: од една година па понатаму

Предходно стекнати компетенции:

Детето пред да започне самостојно да се храни треба да има развиено значајни моторни вештини. Добро развиена груба и фина моторика, визуо-моторна координација, внимание и концентрација. Односно детето треба да може да седи на столче, да фаќа со прстите и да го задржува вниманието најмалку 5 минути.

Што претставува самостојност во јадењето?

Самостојно хранење е кога децата се хранат со помош на прсти, прибор за јадење и користат различни видови чаши. Тоа е процес на земање храна од чинија, донесување на храната или течноста од чинијата или чашата до нивната уста, поставување на храната во устата, нејзино џвакање и голтање. 

Зошто е важно самостојното хранење?

Самостојната исхрана им овозможува на децата развој на сензорни вештини, истражување на вкусот на храната, текстурата, мирисот, бојата. Кога детето го контролира внесувањето храна, тоа учи да се прилагодува на природните знаци на глад и да престане да јаде кога е сито, што е важна животна вештина. 

Кога детето ќе почне да јаде самостојно?

Бебињата обично околу 9-12 месечна возраст покажуваат интерес за самостојност во хранењето, иако тоа може да варира во зависност од нивниот развој. Кога ќе забележите дека Вашето дете посегнува по лажицата, садот или во  храната на Вашата чинија, тоа е знак дека е подготвено да се обиде да се храни самостојно. На некои бебиња ќе им треба повеќе време да ги развијат своите вештини за самостојно хранење, особено во периодот кога учат да фаќаат со палец и покажалец (пинцета фат) за да соберат ситни парчиња храна. Повеќето деца нема да научат самостојно уредно да се исхрануваат се до 18-24 месеци. Други и до третата година може да јадат неуредно.

Опис: 

Секое дете е различно и на различен начин и во различно време ќе ги развива способностите за самостојно хранење. Затоа следната табела користете ја како ориентација што треба да вежбате со Вашето дете.

Возраст Активности при обување
Една 

година

Детето јаде самостојно со прсти мека храна, пробува да јаде со лажица, но неуредно.
Две до три години Може да јаде со помош на лажица. Со прсти фаќа ситни парчиња храна. Покажува што сака, а што не сака. Одбива одредена храна. 
Три до четири години Самостојно јаде со лажичка, но сѐ уште неуредно. Може само да јаде поцврста храна (бисквити, смоки, овошје).
Четири до пет години Самостојно јаде на маса заедно со семејството. Може да јаде и со вилушка. 
Повеќе од пет години Самостојно се храни. Користи вилушка и лажица при исхраната. 

 

Како можеме да му помогнеме на детето само да јаде? 

Прво, пред да се започне со овој процес треба да се има во предвид нивото на развиеност на грубата и фината моторика. Развојот на самостојноста во хранењето оди рака под рака со развојот на моторните вештини. Потоа следи вториот чекор, а тоа е да ги искористи рацете за да ја придвижи храната кон устата. Охрабрете го ова ставајќи неколку мали парчиња храна на хранилката или во неговата рака. Откако ќе успее успешно да ја преместува храната со целата тупаница во устата, полека се започнува со стимулација на употреба на палец и показалец. 

Самостојно хранење: 

      • детето нека седи на хранилка и на неа ставете малку цврста храна (смоки, бисквита, парче леб). Детето ќе може само да ја земе и да си ја стави во устата
      • јадете заедно со Вашето дете. Тоа нека Ве гледа и нека Ве имитира.  

Употреба на прибор за исхрана

Никогаш не е рано Вашето дете да започне да користи прибор! Додека си игра создадете услови да игра хранење на своето мече, кукла со лажица или додека јаде дајте му лажичка и оставете го самостојно да ја истражува храната. Дозволето детето само да земе храна од садот. Не грижете се за нередот! Исто така, размислете да користите 2 лажици за време на оброкот – една за детето и една за Вас.

Учењето да се земе храна и да се донесе до устата може да потрае, па не заборавајте да бидете трпеливи за време на јадењето!

Независно јадење

Кога Вашето дете научило самостојно да јаде со прсти и лажица се продолжува со стимулација на користење и останатиот прибор за јадење и стекнување на навики за време на исхраната: 

      • Овозможете му на детето да одлучи што сака да јаде и колку време сака да потроши на јадење. Ако му дозволите на Вашето дете да носи одлуки за оброци, тоа ќе му даде чувство на независност.
      • За време на оброците не дозволувајте детето да седи пред телевизор, компјутер, мобилен. Додека јаде нека седи на маса заедно со Вас, но немојте и Вие да гледате во мобилниот, телевизорот… 
      • Понудете му нова храна на Вашето дете. Постојаното нудење на нова и поинаку презентирана храна ќе го изложи на нови вкусови и текстури. Давањето разновидност на детето може да го направи времето на оброк интересно.
      • Ако детето има постари браќа и сестри, овозможете му да седи на оброците заедно со постариот брат или сестра. Ова ќе му овозможи на детето да имитира и да учи од нив манири за однесување на трпеза. Она што е најважно е да бидете трпеливи кога го учите детето да јаде самостојно. Фокусирајте се на вештините што ги стекнува Вашето дете, а не на нередот што се јавува при стекнувањето на овие вештини.

Прилагодување за различен тип на попреченост

Усвојувањето на вештината за самостојно хранење кај децата со нетипичен развој може да биде доста сложен процес. Понекогаш децата со попреченост треба да надминат специфични предизвици при усвојување на самостојност во исхраната.  Пред да се започне со стимулација на активности треба да се работи на развивање на моторната координација, визуо-моторната координација, вниманието и концентрацијата. 

Развивање на вештини за самостојна исхрана кај децата со аутизам

Најчестите проблеми кои ги имаат децата со аутизам во однос на исхраната е селективноста, пребирливоста во исхраната и избегнувањето на нови видови храна. Многу од овие деца имаат особено силни реакции на изгледот на храната. На пример, некои од децата одбиваат храна во одредена боја. Други имаат екстремен страв од допирање на одредени видови овошки затоа што изгледаат „влажни“. Некои од нив во текот на нивниот живот мора да јадат безглутенска храна. Други имаат проблеми со сензорниот систем, поради тоа треба да се внимава на текстурата на храната и приборот кој го користат. 

Поради овие проблеми најдобро е: 

      • да се користи прибор кој детето самото ќе го избере (да се понудат неколку алтернативи)
      • храната да биде во зависност од желбата на детето и истата да биде надополнувана со други видови на храна (детето да не се присилува да јаде тоа што му се нуди, туку постепено преку игра може да му се понуди нова храна). Важно е да не се почнува со промена на една храна со друга. Понудете храна која е позната, додека градите толеранција кон мали и поединечни промени
      • поставете рутини за јадење. Вашето дете нека стекне дневна рутина кога е време за оброците (на децата со аутизам потребна им е структура на активности)
      • употреба на слики, на кои ќе биде прикажан процесот на употреба на приборот, кој прибор за што се употребува, како се употребува, запознавање со храната
      • за време на оброците седете заедно со Вашето дете на трпеза и Вие јадете (јадењето заедно му помага на детето да учи преку имитација. Кога ќе види дека Вие јадете можеби ќе започне и да Ве имитира) 
      • додека седи на маса не го терајте на сила да јаде, храната нека биде на масата, Вие зборувајте со него, пофалете го, обидете се да го стимулирате да седи на маса
      • изградете прифаќање на новата храна преку принципот на постепено изложување на истата. Тоа нека оди етапно со цел да научи да го контролира и надмине стравот (може на почеток храната која не ја сака илиод која се плаши да му биде прикажана на слика, потоа преку модели и на крај да му биде принесена на маса). На пример, дете кое се чувствува вознемирено околу допирање на банана, може прво да му се прикаже на слика да ја види и да му се каже дека не мора да ја јаде, туку дека само да ја разгледа. Потоа може да му се даде бананата да ја допре со некој предмет, па дури потоа со прстите. Доколку детето одбива да ја допре, не треба да се присилува на тоа. Кога ќе биде спремно, тогаш самото ќе ја земе во раце. Потребно е да се сфати дека му треба време да го надмине стравот. Бидете покрај него и бодрете го да го контролира стравот, а Вие бидете трпеливи
      • оставете го детето да ја истражува храната преку сетилата. Набавете интересни модели за сечење на храната и оставете го детето да си игра. Додека си игра може да проба и нова храна која дотогаш не ја сакало
      • обезбедете соодветни садови. Многу деца со аутизам сакаат различните видови храна да бидат издвоени во посебни садови. За таа цел може да обезбедите садови како во подолу дадените фотографии

Развивање на вештини за самостојна исхрана кај децата со потешкотии во мобилноста

Отежнатата подвижност, одржувањето на рамнотежа или отежнатата способност за притискање, придонесуваат децата со потешкотии во мобилноста да се соочуват со проблеми во способноста за самостојно јадење. Дел од нив во текот на целиот живот се хранат со помош од друго лице, додека некои може да научат да јадат самостојно. 

Детето со потешкотии во мобилноста може да има проблеми со хранење и јадење од многу различни причини. Кај некои од нив се јавуваат физички проблеми кои предизвикуваат тешкотии при голтање, џвакање, цицање или варење на одредена храна. Токму затоа процесот на обука за самостојно исхранување може да трае подолго време. Во насока на поддршка и олеснување на овој процес треба да се внимава на поставеноста на телото за да детето може без пречка да ја џвака и голта храната. 

Поради олеснување во процесот на исхрана постојат адаптирани помагала за јадење, како на пр. адаптирани лажици и вилушки, чинии и чаши, како и држачи кои се прицврстуваат на инвалидска количка или на креветот каде детето лежи. 

Секогаш кога тоа е можно користете соодветен прибор и адаптирани помагала. 

Дополнително лажицата која ја користат овие деца никогаш не треба да биде поголема од јазикот на детето и истата треба да биде безбедна за детето. Најдобро е да биде пластична, а ако детето е поголемо може и метална. Кај повозрасно дете може да се започне со употреба на вилушка, која треба да биде соодветна за употреба како и лажицата. Обрнете внимание на соодветната дршка на приборот за јадење и доколку има потреба користете прибор со соодветен агол на искривување. Некои деца тешко можат да го направат малото завртување на раката за да ја принесат лажицата во устата. Исто така од голема корист се и чаши со вдлабнатина, силиконски чаши, чинии со подигнати рабови.

Време поминато во хранење на детето

Времето што е наменето за хранење е променливо и ќе зависи од самото дете и видот на храната. Секогаш треба да се има во предвид дека процесот на храна е пријатен момент и затоа детето мора да ја има целата потребна грижа и да му се даде соодветно време. Општо земено, земајќи ги сите дадени препораки, процесот на храна може да трае во просек од 20 до 45 минути. Не брзајте важно е детето да научи да јаде колку што е можно посамостојно. Доколку детето има потреба од помош нека ја чувствува храната и нека научи да џвака и голта. 

Што треба да знаат родителите во текот на хранењето: 

  • секогаш бидете седнати пред детето со стапалата рамно поставени на подот
  • нозете на детето треба да бидат свиткани во седечка положба (околу 90 степени). Можеби ќе треба да користите безбедносен ремен или крпи поставени околу детето за да го задржите во позиција соодветна за хранење. Ако детето е во лежечка положба, поткрепете му ја главата со перниче
  • стапалата треба да лежат рамно на цврста површина, на подот или  може да искористите кутија или мало столче за поддршка на стапалата
  • понекогаш е потребен посебен адаптиран стол за да му се даде поддршка на детето и да се помогне да се одржи во седечка позиција

Развивање на вештини за самостојна исхрана кај деца со потешкотии во визуелната перцепција

Пред да започнете да го оспособувате детето со оштетување на видот самостојно да се храни овозможете му да го запознае приборот за исхрана. Кога се работи со детето, тоа треба да е во седечка положба. Потоа дадете му на ја чинијата, нека ја држи во рацете и нека ја истражува со Ваша поддршка, потоа откако ќе ја усвои истата се продолжува на друг предмет се додека детето не го усвои приборот за исхрана. Во текот на учењето може да искористите техники како на пример „рака под рака“ за да му помогнете на детето да научи да ја носи лажицата до устата. Потребно е многу вежбање за да може тоа да го направи прецизно, затоа бидете подготвени за неред. Додека се вежба може да се стави пластична подлога или чаршав за полесно чистење. За време на постапката многу е важно постојано вербално да му се објаснува предметот и за што истиот се употребува. На пр. „Сега ќе ти ја дадам вилушката, еве земи ја (му ја приближувате до неговата рака за да може да ја почувствува и да ја фати), ајде сега да видиме како изгледа, ммм има рачка… (ако е потребно му ја држите раката и го водите во текот на истражувањето на предметот), ммм види на краевите има нешто остро со тоа ја боцкаме храната…“ Доколку е потребно постапката за одреден дел може да се повторува повеќе пати додека се усвои истата. Во текот на учењето бидете трпеливи и постојано охрабрувајте го детето! 

Во продолжение се дадени неколку стратегии кои може да Ви бидат од корист: 

      • дадете му на детето лажица со која ќе си игра и ќе учи да ја држи и принесува до устата. На овој начин самото дете ќе ја учи постапката за јадење
      • ако Вашето дете има остаток на видот во текот на хранењето изберете сад кој ќе биде во контраст со храната. На пр. црн сад во кој ќе ставите ориз. Во текот на јадењето охрабрете го Вашето дете да ја види храната. Ако и храната и садот се со светла боја, размислете да ставите подлога со потемна боја која ќе ја ставите под храната
      • ако Вашето дете има потреба друг да го храни, додека го храните дадете му до знаење дека лажицата ќе му ја принесете до устата за да знае дека следува залак (вербализирајте му ја постапката на пример, „Ајде отвори ја устата, мммм браво, колку е вкусно“). Може и нежно да ја допрете неговата уста со прстот, лажицата или да го погалите по брадата за да ја отвори устата
      • како што Вашето дете расте така ќе почне да ги користи прстите за да самостојно земе храна. За да го научиме детето да јаде цврста храна, прво треба да застанеме пред него, потоа полека му кажуваме: „Ајде земи ја бисквитата.“  Кога ќе ја подаде раката полека со бисквитата ја допираме неговата рака и го стимулираме да ја фати, откако ќе ја земе му кажуваме „Ајде сега стави ја во уста… ммм браво“ 
      • чашите со капак или цевка може да му помогнат на детето да премине од шише на чаша. Полека покажувајте му како да ја подигне чашата до неговата уста, со техниката на водење „рака под рака“ 

Помош на Вашето дете додека седи на маса да јаде

Откако детето ќе научи да јаде самостојно за време на оброците нека седи заедно со Вас на маса. Она на што треба да се обрне посебно внимание е: 

      • секогаш садот, чинијата и приборот нека стојат на исто место. За да може детето полесно да го најде приборот, не му го разместувајте
      • храната која полесно може да се изеде со лажица полесно се манипулира, но кога Вашето дете ќе почне да јаде и поситна храна како грашок на пример, користете прибор кој ќе биде адаптиран (користете повисок сад од кој нема да може да се истура храната на масата) 
      • обидете се рачките на лажицата, вилушката и ножот да бидат со различна текстура
      • користете садови чиј раб ќе биде обележан со рабови со контрастна боја