Формирање на рутини и ритуали кај децата

 

Значење на рутините и ритуалите

На штотуку роденото дете светот му е непознат. Првите месеци на неговото живеење подразбираат континуирано откривање на опкружувањето. Бидејќи родителите се тие кои први го воведуваат детето во светот, од голема важност е тие да му го организираат опкружувањето пришто ќе применуваат фиксни распореди и повторливи активности и на тој начин ќе му овозможат на детето да асимилира шеми на однесување. 

Рутините и ритуалите се секојдневни активности кои се важни за добро функционирање, како на поединецот, така и на целото семејство. Воспоставените рутини во семејството ја намалуваат појавата на проблематичното однесување кај детето. Преку рутините и ритуалите, а со тоа и создавањето на навиките, на детето му се нуди стабилно опкружување во кое детето ќе може да учи и да се образува, како и да ја развива сопствената самодоверба. 

Рутините може да се научат рано, но не се јавуваат сами од себе, затоа е потребно родителите да бидат истрајни во нивното воспоставување и упорно повторување.  Кога детето ќе ја совлада рутината кај него се создава чувство на сигурност и пријатност бидејќи знае што може да очекува, a истовремено учи дека секоја активност се случува во свое време и место. Воспоставувањето на рутини ги намалува конфликтните ситуации, дава чувство на ред и ја олеснува соработката меѓу детето и членовите од семејството.

Рутините кои со тек на време се повторуваат овозможуваат детето да препознава која активност ќе се изведува и во кој период од денот. Повеќето рутини се однесуваат на секојдневните активности, како на пр. рутини за време на јадење, облекување, миење заби, утрински, вечерни рутини и сл. 

Ритуалите имаат емоционално значење давајќи му на поединецот чувство на припаѓање во семејството. Со вклучување на ритуалите во секојдневието на детето не само што се зајакнува неговата самодоверба туку и родителството се збогатува преку поубаво поминато заедничкото време, а меѓусебниот однос станува поквалитетен.

Како да се воведат рутини и ритуали кај детето

Секојдневните рутини на детето му даваат еден вид прегледност во текот на денот. Воспоставувањето на рутини кај детето се започнува уште додека е бебе иако во првите неколку месеци може да бидат повеќе променливи поради самите развојни промени кај бебето. 

Доброто планирање на рутините, предвидливост и редовност се трите клучни точки за нивната успешност. 

При формирање на рутини потребно е да се применува следново:

      • покажете доследност, но и флексибилност

Она што е важно е активностите во текот на денот да се извршуваат по ист редослед и во вообичаеното време. Но тоа не значи дека треба следењето на рутината да се изедначи со следење на часовникот. На пример, при изведување на рутината за заспивање многу е поважно да се следи уморот на детето отколку да му се робува на часовникот. Покажете флексибилност и обрнете внимание на потребите на детето следејќи ги знаците кои ги дава детето кога му се спие, или пак кога е гладно и слично. Искористете ги тие знаци како основа за градење на одредена рутина.

      • подгответе го детето за она што следува

За полесно воведување од една активност во друга, претходно започнете со мали ритуали кои секојдневно ќе служат како предзнак за она што следува. Смислете и испланирајте ги ритуалите согласно возраста на детето. Испланирајте доволно време за спроведување и покажете дека и Вие уживате во нив. На пр. кога се наближува времето за спиење, најмалку половина час претходно започнете со вечерните ритуали како што се затемнување на просторијата, бањање, пеење приспивни песни или раскажување на приказна, гушкање, давање на омилената играчка на детето и слично.

      • овозможете му на детето да учествува

Со зголемувањето на возраста акцентирајте го учеството на детето во изборот при спроведување на рутините. На тој начин ќе се зајакне неговата мотивација. На пр. наутро додека го подготвувате да оди во градинка дозволете му да избере дали ќе се симнете по скали или со лифт, која капа ќе ја избере и сл.  Дадете му задача на детето, на пр. после оброк да помогне во раскревање на масата, да ја изгаси лампата пред спиење, да ја фрли пелената во корпа итн. Одработувајќи го својот дел од рутината, кај детето постепено се гради самостојноста, одговорноста и самодовербата.