Подрачје: Самопослужување – употреба на тоалет
Цел на вежбата: Развој на компетенциите за употреба на тоалет
Возраст: од 18 месеци па понатаму
Предходно стекнати компетенции:
Пред детето да почне самостојно да употребува тоалет треба да има развиено значајни моторни вештини кои ќе му помогнат во совладување на ова подрачје. Во текот на развојот доаѓа време кога пелените треба да се исфрлат од употреба, а детето да научи како самостојно да користи нокшир. Честопати родителите се прашуваат кога да започнат со одвикнување од пелени? Поради тоа што секое дете е индивидуа за себе, се развива различно и во различни услови.
Повеќето деца може да покажат знаци на подготвеност за користење на нокшир на возраст од 18 до 24 месеци. Преминувањето од пелени во нокшир/WC школка може да биде долг процес, но клучот е во трпението и вежбањето.
Опис:
Секое дете е различно и ќе ги развива способностите за самостојност во употреба на тоалетот според сопствен ритам. Затоа следната табела користете ја како ориентација што треба да вежбате со Вашето дете.
Возраст |
Активности при тоалет |
Две до три години |
Почнува да покажува знаци дека може самo да оди во тоалет, но потребна е помош од друго лице. Почнува да учи да користи нокшир. |
Три до четири години |
Може да користи нокшир, но покажува знаци дека сака да седи на тоалетна школка каде има адаптирана даска. По употреба на тоалет пушта вода и со помош мие раце. Потребна му е помош при облекување и соблекување. |
Четири до пет години |
Самостојно употребува тоалет, но потребна му е мала помош при бришење. |
Повеќе од пет години |
Самостојно употребува тоалет.
Самостојно се облекува, не му треба помош.
Самостојно мие раце и ги брише. |
Како можеме да му помогнеме на детето самостојно да употребува тоалет
Да го обучите Вашето дете да користи нокшир или тоалет е голем чекор и може да биде тешко да се надмине без потешкотии. Некои деца учат брзо, додека на други им треба многу поддршка и охрабрување од нивните родители. Меѓутоа, повеќето проблеми во одвикнувањето може да се избегнат ако родителите започнат со стимулација кога нивното дете е подготвено да учи. Доколку е потребно родителот може преку примери, демонстрација или слики да му ја објасни постапката.
Почеток на обука за одвикнување од памперс
Пред да се започне со обучување на детето треба да се обрне внимание дали детето е физички и емотивно подготвено. Многу е важно да го следите детето и да ги забележите сите знаци кои укажуваат на тоа.
Подолу се дадени неколку знаци кои покажуваат дека детето е подготвено за обучување:
-
-
- покажува со зборови, гримаси или може да биде преку држењето на телото (пр. држење на раката во генитална регија) дека има физиолошка потреба
- не поднесува мокра пелена, плаче или сака да ја извади
- покажува интерес за нокширот, сака да седне на него, го истражува
- може да следи основни инструкции
- сака да започне да носи гаќички
- пелените му остануваат суви околу два часа во текот на денот
- може само да ги турне панталоните и да седнува и станува од нокширот
Обучување:
Откако сме утврдиле дека детето е спремно за одвикнување од пелени се започнува со обучувањето:
-
-
- детето нека носи облека која е лесна за облекување и соблекување – тоа нека бидат тренерки или панталони со ластик
- изберете нокшир или специјален додаток – седиште во тоалетот -прво запознајте го детето со нокширот и која е неговата намена. Овозможете му само да си избере нокшир, тоа нека биде со некој негов омилен цртан лик
- воведување дневна рутина – откако ќе се запознае со намената на нокширот воведете дневна рутина, секој ден нека седува на нокширот за да му стане навика. Додека седи нека си игра со омилената играчка, или читајте му сликовници, раскажувајте приказни и сл. Ова се само неколку примери, а секако може и сами да бидете креативни и да воведете интересни активности. Корисно е да се залепи една табела, во близина на толетот, каде извесен период ќе се бележи во кои период од денот детето ги извршува физиолошките потреби. Тоа ќе овозможи да се воспостави ритам на седнување на нокшир/WC школка
- секогаш штом забележите дека му се оди во тоалет, веднаш ставете го на нокширот – на овој начин ќе научи дека штом му се оди во тоалет треба да седне на нокширчето
- пофалете го детето за секое успешно користење на нокширот – никогаш не го казнувајте доколку не успее, пофалете го за обидите „браво за обидот, одлично беше како си ги спушти тренерчињата сам, јас сум многу горд/а на тебе“. Со ентузијазам и одушевување пофалете го кога ќе биде успешно. Можете да му кажете „Браво, сега си големо момче/девојче“
- никогаш не заборавајте на хигиената – штом Вашето дете започне да користи нокшир или тоалетна школка време е да го научите и како да се брише правилно со тоалетна хартија, но најважно е да му создадете навика за миење на рацете
- на почетокот сè уште ќе требаат пелени во текот на ноќта – многу е полесно да го научите детето да останува суво и чисто во текот на денот, отколку за време на ноќното спиење. Поради тоа, на почетокот препорачливо е да користите пелени во текот на ноќта, или адаптирани гаќички кои се непропустливи. Поставете го нокширот блиску до креветчето на Вашето дете и советувајте го да станува кога ќе има потреба да изврши нужда. Кажете му дека може да Ве повика за да му ги соблечете пелените и да му помогнете во процесот
- имајте реални очекувања – некои деца преминуваат од пелени кон нокшир за неколку недели, на други им се потребни и по 7 до 8 месеци. Не очекувајте брз напредок. Останете позитивни и трпеливо минувајте низ процесот, секогаш напоменувајќи му на детето колку сте горди на неговите мали, но значајни постигнувања
Прилагодување за различен тип на попреченост
Понекогаш децата со попреченост треба да надминат специфични предизвици при постигнување на самостојност во употреба на тоалетот. Предизвиците со овие деца се доста тешки и потребно е многу време и трпение. Со обука се започнува кога сме сигурни дека детето е спремно за обучување.
Прилагодување на тоалет тренингот за децата со аутизам
При обуката за користење на тоалетот на децата со аутистичен спектар на нарушување како помош можете да користите некои специјализирани стратегии. Во текот на обучувањето треба да бидете трпеливи, да го запознаете добро детето. Една стратегија која била ефикасна кај едно дете не значи дека ќе биде успешна кај друго дете со аутизам.
Знаци кои покажуваат дека детето со аутизам е подготвено за обучување:
Децата со аутизам генерално ги покажуваат истите знаци на подготвеност за тоалет тренинг, како и децата со типичен развој. Но, овие знаци може да се појават кога детето е постаро, а обуката може да трае подолго од вообичаено. Најчесто со појавуваат следниве знаци:
-
-
- знае да каже или покаже со гест
- може да следи едноставна инструкција како „Оди во тоалет“ или „Седни на шољата“
- да може да ги повлече панталоните нагоре и надолу
- да остане сув најмалку еден час во исто време во текот на денот
Чекори на обучување:
Чекорите за учење на детето со аутизам се исти како и кај сите други деца. На децата со аутизам можеби ќе им треба дополнителна помош и стратегии за задоволување на оваа потреба. Tреба да знаеме дека првиот важен чекор во обучувањето е воспоставената комуникација со детето. Учењето за користење на тоалет треба да се сфати како низа помали чекори кои детето треба да ги поврзе во целина. Најдобар начин за учење кај детето е разделување на задачите и учење на истите чекор по чекор.
-
-
- Охрабрување и награди – ова ќе го поттикне детето подобро да се чувстува и да се мотивира за учење. Тоа може да биде, вербална – на пример, „Браво Марко, седиш“ или невербална пофалба, со гестови (плескање со рацете за браво) или со знаци (палците нагоре). Исто така како награда може да ја понудите омилена активност на детето – на пр. играње со возот, читање омилена книга, слушање омилена песничка. Пред да започнете, испланирајте точно за што ќе биде наградено детето и осигурете се дека тоа јасно разбира какво однесување се наградува. Не претерувајте со наградите. Откако детето ќе напредува во одреден чекор, престанете да користите храна, активности и играчки како награди. Но, продолжете да користите вербална и невербална пофалба
- Визуелна поддршка – децата со аутизам често се визуелни ученици. Така, можете да го поддржите учењето на детето со давање визуелни сигнали и упатства. Социјалните приказни можат да помогнат да се зајакне рутината на користење на тоалетот. Може да се залепат на ѕид близу до тоалетот или нокширот/WC шољата
Бидејќи децата со аутизам не сакаат промени и лесно се вознемируваат поради истите, доколку детето треба да оди во тоалет на некое непознато место за него, добро е да се направи приказна и да му се објасни вербално за оваа ситуација пред време, со цел да не се вознемири на новонастаната ситуација.
Надминување на предизвиците при обучувањето:
-
-
- прескокнување на фаза – за да се надминат и спречат промените и да не дојде до вознемиреност кај детето, може да ја прескокнете фазата „нокшир“. Некои родители одат директно на ставање на своето дете на тоалетната школка, каде е поставена адаптивна даска. Ова го ограничува бројот на промени што ги доживуваат децата во процесот на обука.
- употреба на гаќички – може да се користат и гаќички кои се непропустливи
- изберете еден збор кој ќе се однесува на одење во тоалет – советувајте ги сите во семејството да го користат истиот. Различните зборови што ги користите за да го опишете тоалетот можат да бидат збунувачки за децата со аутизам
- пет минути седење на тоалетот е доволно на почеток – предолгото седење може да направи детето да се чувствува како да е казнето
- обидете се да останете смирени и позитивни – децата со аутизам можат да имаат потешкотии во разбирањето на нови ситуации и емоционалните одговори на другите луѓе
- детето после употреба на тоалетот да научи да ги мие своите раце и да ги брише – ова е многу важно при користење на тоалетот, при тоа секогаш потсетувајте го детето на постапката
Прилагодување на тоалет тренингот за децата со потешкотии во мобилноста
За многу родители обучувањето на децата со потешкотии во мобилноста да се стекнат со навиките за самостојност во тоалетот, може да изгледа како недостижна цел. Отежнатата подвижност, отежнатото одржување на рамнотежа или отежнатата способност за фаќање ја отежнуваат способноста за самостојнoст во употребата на тоалетот. Индивидуализирана поддршка и воспоставување на рутина за користење на тоалетот може да има големо позитивно влијание врз квалитетот на животот на детето со телесна инвалидност.
При обучувањето на детето да стане самостојно во навиките за тоалет:
Започнете со прилагодување на Вашата бања. Бањата е местото што често предизвикува најмногу предизвици за децата со попреченост. Ако Вашето дете има проблеми со самостојно седење или стоење, можеби ќе биде потребно да се користат адаптивни помагала за поддршка на детето. Адаптивни држачи може да бидат доволни за да детето може самостојно да влегува и да излегува од тоалетот. Најдобро би било ваквите држачи да се поставени низ целиот дом за да го олеснат движењето на детето. Во тоалетот треба да бидат поставени држачи над тоалетната школка кои ќе му помогнат на детето да седне или стане. Може да се постават и врати кои лесно се отвараат и затвараат (пр. со магнети).
Постапка на обучување:
-
-
- пред да се започне со обука за користење на тоалет потребно е да се посети доктор за да се исклучат или да се решат сите медицински проблеми доколку ги има детето
- потоа се започнува со позиционирање на детето со употреба на адаптивно тоалетно седиште ако детето не е во состојба да одржува седечка положба на тоалетната школка. Детето кое не може да се одржи исправено при едењето на школката нема да може да се опушти и да се концентрира на задачата
- децата со намален мускулен тонус или со спастични абдоменални мускули може да имаат потешкотии да ги контрахираат своите мускули за да постигнат елиминација на фекалии или урина. Недостатокот на стоење во исправена положба и намаленото физичко вежбање може да придонесе и за опстипација (запек). Поради тоа, потребно е за време на обуката детето да пие многу течности. Едно тешко, болно движење на дебелото црево може да биде значителен неуспех за детето кое учи да биде кооперативно во воспоставувањето рутина за тоалет
- децата со телесна инвалидност можеби ќе треба да седат подолго време на толетната школка. Чувството на нестабилност може да биде една од основните причини што овие деца се спротивставуваат на седењето на тоалетна школка. За многу деца, едноставното вметнување на столче под стапалата може да биде доволно за детето да може удобно да одржува рамнотежа. На други пак, може да им е потребно адаптивно седиште за тоалети
- важно е да постои тивка околина во тоалетот без дразби кои би го одвлекувале вниманието, звуци или мириси што може да предизвикаат непријатност или вознемиреност. Доколку детето не е постојано прекинувано од надворешни дразби, истото ќе може полесно да се посвети на задачата и да демонстрира успех. Други деца пак, може да имаат потреба од музика, читање на омилената книга со приказни или играчка за да се охрабрат да седат во подолг временски период
- поставување дневна рутина за одење во тоалет, односно одреден временски распоред, на пример на секој час до два часа. Со текот на времето, детето може да развие свест за потребата од одење во тоалет. Корисно е да водите евиденција за тоа кога детето последно јадело, пиело течности и кој период во денот оди обично врши нужда. Ова ќе Ви помогне полесно да го фатите ритамот за одење во тоалет и многу ќе го олесни обучувањето
- преку набљудување, родителите можат да научат да го толкуваат говорот на телото и невербалните знаци што укажуваат на „потребата да се оди во тоалет“. Откако детето ќе стане посвесно дека е влажно или извалкано, можеби ќе сака во тоалет да врши нужда за да остане суво. Детето може да дава знаци, со погледнување кон тоалетот или да покажува одреден степен на вознемиреност, да ја турка долната облеката надолу или да биде раздразливо (да плаче). Може и да се случи да оди или да маневрира со неговата инвалидска количка до бањата. На крајот (а тоа може да трае со месеци или години) детето може да научи вербално да бара или да користи гест, симбол, слика или поглед со очите за да побара да оди во тоалет
- бидете доследни. Не се откажувајте од намерата, постигнатиот успех секогаш наградете го
- бидете трпеливи. На детето можеби ќе му бидат потребни неколку недели, месеци или години да научи
Различни видови адаптивни помагала
Независноста во употребувањето на тоалетот е развојна пресвртница во животот на секое дете. За дете со телесен инвалидитет бариерите се дури повисоки, а предизвиците се многу поголеми. Постојат повеќе видови на адаптивни помагала кои можат да му го олеснат процесот на учење за користење на тоалет.
Прилагодување на тоалет тренингот за децата со потешкотии во визуелната перцепција
Стратегии за обучување на Вашето дете со оштетен вид:
-
-
- овозможете му на детето да се запознае со нокширот и објаснете му за што истиот се употребува. Претходно научете ги знаците кои покажуваат дека Вашето дете има потреба од тоалет
- откако ќе се запознае со нокширот, поставете го на гумена подолога која лесно се чисти и пере. Тоа обезбедува тактилна ориентација за полесно детето да го најде нокширчето. Исто така, овозможува да биде поставен на површина без лизгање за да може детето да седи безбедно и цврсто, без да се лизга низ подот
- додека Вашето дете седи на нокшир, може да му читате книга со цел да го задржите окупирано
- ако Вашето дете се плаши од звукот што го прави испуштената водата од тоалетното казанче, дајте му можности да пушта вода неколку пати кога не го користи
- нокширчето секогаш нека биде поставено во негова близина, за полесно да го најде и секогаш нека стои на исто место. Доколку има промени во неговата поставеност, претходно објаснете му на Вашето дете.
- менување на предметите во домот не е пожелно, особено кога детето го учиме да го користи тоалетот. Детето веќе го има научено просторот и оставете го така
Откако детето ќе се навикне да користи нокшир и веќе е доволно зрело, може да почнете да го обучувате да користи и тоалетна WC школка:
-
-
- на почетокот со Ваша помош преку техниката „рака под рака“, или „рака над рака“ однесете го детето во тоалетот каде Вие вербално и преку заедничко опипување на предметите во бањата ќе му го објасните просторот
- за децата кои имаат остаток на видот може патеката до тоалетот да биде означена со светла кои децата ќе ги следат. Или во домот може да се постават подебели лепенки кои ќе го означат патот до тоалетот (детето преку стапалата ќе ги чувствува и следи лепенките)
- помогнете му на Вашето дете користејќи ги горенаведените техники да ги повлечете пантолоните и долната облека нагоре и надолу. Размислете за купување облека што е лабава и нема многу копчиња
- научете го Вашето дете да ги мие рацете откако ќе го користи тоалетот. Ако има слаб вид, користете сад за сапун кој е во контраст со мијалникот за да може лесно да го види. Чувајте ги сапунот и крпата постојано на исто место за да може детето лесно да ги лоцира
Обучувањето за користење на тоалет не се случува преку ноќ. Секогаш бара трпеливост. Можно е на Вашето дете да му треба повеќе пракса отколку на другите деца на негова возраст, но тоа може да научи да биде независно со Ваша поддршка и охрабрување!