Подрачје – Груба моторика 

Цел – Стимулација на грубата моторика (постигнување на одење кај дете) 

Преку одењето детето постигнува независност и способност физички да се одвои од родителите и лицата кои се грижат за него. Така тоа почнува да се надоградува во секој домен од животот. Но како и секоја фаза и одењето треба да се развива постепено со цел детето да се развие правилно. 

Возраст – очекувана возраст за детето да прооди е околу првата година 

Претходно стекнати компетенции:

      • држење на главата 
      • сите активности кои се во позиција на стомак и грб да бидат постигнати
      • да седи самостојно без поддршка од друго лице
      • да биде развиено лазењето, самостојно да се исправа да прави исчекор и да станува на две нозе
      • да умее да прави чекор или два со поддршка од друго лице 
      • да се движи самостојно додека се држи за ѕид, маса или друг предмет 

Опис – Како да го помогнеме процесот на одење кај детето? 

Откако детето ќе започне да се исправа на две нозе и да прави ситни чекорчиња поддршката на одењето е преку негово мотивирање да се движи од едниот до другиот родител на мало растојание. Постепено како што детето станува посигурно во движењето се зголемува растојанието кое тоа треба да го помине. Исто така можеме да го поттикнеме детето да се движи ако ставаме предмети, играчки кои детето ги сака и да бараме да ни ги донесе или да ги пренесе од едно до друго место. На почетокот детето го држиме за двете раце, поставени кон напред, а не подигнати нагоре над неговата глава. Потоа полека ја отпуштаме едната рака и го држиме само за другата. Потоа можеме да се свртиме и да бидеме од позади грбот на детето и држејќи го за половината или пак за рамењата да го придржуваме додека детето се движи. На почетокот треба да го оставаме да се движи на оној начин кој му е најлесен. 

Многу од децата кога ќе започнат да се движат се држат за секоја потпора која се наоѓа во собата (масичата, креветот или било која друга цврста површина) и тоа е во ред. На тој начин се сигурни дека нема да паднат. Додека детето се држи за одреден предмет најчесто одењето ќе биде странично.

Одењето напред е доста сложена активност која бара пред сѐ добро развиена мускулатура и рамнотежа. Еден од начините на поддршка е да ставиме појас околу половината на детето и тоа да се движи со цел неговите раце да бидат слободни и полека со истите да учи како се држи рамнотежа при одење. Секогаш кога детето ќе падне во обид да се движи самостојно родителот не треба бурно да реагира доколку не станува збор за некоја посериозна повреда. Тоа има потреба да го вежба паѓањето исто толку колку и одењето. Само доколку детето знае да падне и да го постави рацете со цел да се заштити, ќе научи и да се движи. 

Откако чекорите ќе бидат посигурни треба на детето да му даваме во рацете да држи одредени предмети при самото движење. Многу е потешко да се движи детето кога на мозокот му даваме да изврши уште една активност поврзана со грубата моторика, но без разлика што е потешко со тоа го вежбаме детето да научи полесно да оди. По фазата на проодување следува период на усовршување на самото одење, но и на активностите кои се поврзани со одењето како на пример качување, симнување по скали, потскокнување, скокање, стоење на една нога наизменично. Секое дете сите овие активности различно ги совладува. Некое дете ќе биде вешто во качување по скали, друго подобро ќе шутира топка, но сепак задача на родителот е постојано да го стимулира.

Стимулација на одење кај деца со аутизам – кај децата со аутизам не се очекуваат дополнителни потешкотии при совладување на фазите од моторниот развој како и на оваа вештина и поддршката за нив е иста како и кај децата со типичен развој. 

Стимулација на одење кај деца со телесна инвалидност – кај секој вид на телесна инвалидност голема улога во остварувањето на фазите од моторниот развој се индивидуалните способности на детето. Во зависност од степенот на моторното нарушување ќе зависи и можноста детето да ја развие оваа способност до степен на самостојно одење.

Стимулација на одење кај деца со сензорна попреченост – кај децата со аудитивни оштетувања не се очекуваат потешкотии во постигнување на фазите од моторниот развој. Кај оние деца кои имаат визуелни оштетувања се очекуваат потешкотии во совладување на фазите од моторниот развој. Тоа е така поради тоа што визуелните информации кои стигнуваат до мозокот се клучен фактор за совладување на фазите од моторниот развој. Приспособување на средината во која детето расте, помош од други лица од околината ќе помогнат детето да ја усоврши вештината на одење. Во приспособување на средината се мисли на менување на текстурите на подлогата и предметите кои го опкружуваат детето.