Вежби за развој на експресивниот говор

 

Подрачје: Експресивен говор

Цел на вежбата: Стимулација на развојот на говор, запознавање со домашните животни, формирање на поимот „домашни животни“.

Возраст: Почнувајќи од 2 до 4 години

Предходно стекнати компетенции

– разбирање на прашањето „Каде?“

– разбирање на налогот Земи – Стави

– способност за оддржување на вниманието од најмалку 2 минути

– координација око-рака

 

Опис: Најпрво нацртајте неколку домашни животни на лист (секое животно нацртајте го на посебен лист). Дополнително на еден поголем лист нацртајте ги сите животни заедно. Доколку имате сет од модели на животни (пластични) најдобро е да почнете со нив.  Покажувајте му едно по едно животно на детето и именувајте го. Најдобро е да ги комбинирате пластичните животни со сликички. Започнете најпрво со две животни, а потоа зголемувајте го нивниот број.

Пр. „Ова е коњ“, „Ова е крава.“ Потоа побарајте детето да Ви го покаже коњот, потоа кравата. Прашајте го „Каде е кравата?“ неколку пати, или „Каде е коњот?“ Побарајте од детето на соодветно место да ги стави животните. Дајте му ја следнава инструкција: „Земи го коњот. Ајде стави го тука (покажете каде треба да го стави).“ Потоа побарајте од детето да го именува животното. На овој начин изучувајте ги сите животни. Започнете со оние за кои детето слушало приказни, ги видело во живо или ги препознава на пример од цртани филмови. 

Потоа може да побарате детето да ги комбинира пластичните животни со картичките (сликичките) на кои се нацртани животните. Ова претставува повисок степен на апстракција кога се бара објектот да се спарува со неговата слика и е важна фаза од развојот на мислењето на детето. 

Побарајте да Ви го покаже коњот, потоа да го именува и да го стави на сликата каде има коњ. Повторете го тоа со сите животни. Иако детето сѐ уште не го развило вербалниот говор можете да преминете на спарувањето на предметот (објектот) со неговата слика. Продолжете со сите животни сѐ додека детето не ги стави сите животни точно. (Види слика подолу). 

Активноста можете да ја проширувате, а со тоа и да го богатите говорот, такашто за секое животно ќе му кажувате на детето по некоја нова информација, на пр. „Кравата ни дава млеко“, „Коњот трча“, … и со поставување на прашањата: „Кое животно ни дава млеко?“, „Кој трча брзо?“ и слично и на тој начин ќе проверите колку детето навистина Ве разбира. 

Не заборавајте да го пофалите детето за успешно извршена задача!

Следната фаза во богатењето на говорот е формирањето на поимот „домашни животни“. За таа цел побарајте детето да ги постави моделите на животни или сликичките од животни на листот каде се нацртани сите животни заедно. Откако детето ќе ги стави сите истакнете: „Сите заедно со едно име се викаат  – ДОМАШНИ ЖИВОТНИ.“

На овој начи детето може да ги изучи и дивите животни и кај него да се формира поимот – ДИВИ ЖИВОТНИ.

 

Прилагодување на активноста кон различен вид попреченост:

  • Доколку се работи за дете со аутизам треба да обрнете внимание на следното:
        • децата со аутизам најчесто не воспоставуваат контакт со очи. За да биде упешно изведена било која активност неопходно е да се работи на тоа. За да бидете успешни во тоа седнете лице во лице со детето и привлечете му го вниманието.Тоа можете да го остварите со скокоткање, со различни интересни гримаси, со намерно правење грешки така да на тој начин ќе го испровоцирате детето да Ве погледне
        • предизвикајте го детето да Ве имитира. На тој начин полесно ќе ја остварите целта
        • активноста почнете ја со: „Дај ми“ и „Земи“, за да бидете сигурни дека Ве разбира. Разбирањето е тесно поврзано со говорот
        • шочнете со помал број примери и тоа на тој начин што прво ќе му го посочите животното со Вашиот прст и ќе го именувате, потоа водејќи го неговиот прст ќе го направите истото. Доколку самото дете не го именува животното, Вие повторно именувајте го
        • направете ја активноста уште поинтересна со користење на ономатопеја, на пр. „Како прави кравата? – МУУУ “ или „Како прави кучето? – АВ, АВ!“
  • Прилагодување на активноста доколку детето има церебрална парализа:
        • најважно е родителите секојдневно, на сите можни начини, со пасивно потпомогнати вежби да ја потикнуваат подвижноста на говорните органи и целата фацијална регија
        • важно е да се провери колку детето Ве разбира со тоа што ќе побарате од него да изврши налог, на пр.„ Дај ми ја кравата?, „ Покажи ми ја мачката!“. Доколку има разбирање тогаш можете да преминете на развој на експресивниот говор
        • вежбата ќе ја изведувате со делење на секој збор на слогови, по потреба и на гласови. Постепено ќе му ги поврзувате слоговите  во целосен збор
        • бидете упорни и трпеливи, не се обесхрабрувајте. За секој успех наградете го детето
        • обрнете внимание на тоа која е поподвижна страна на детето