Подрачје – Груба моторика 

Цел – Стимулација на детето да ползи и лази

Еден од најубавите периоди кај секое дете e кога тоа ќе започне со лазење кое му овозможува да ја истражува околината во која се наоѓа. На возраст од 9 месеци се очекува детето да се доведува до ползечка позиција, а 3 месеци подоцна многу умешно да ползи низ просторот во кој се наоѓа. Ползењето не само што е еден вид механизам за истражување на просторот, воедно е и вежба за јакнење на мускулите на рацете и торзото. Тоа подоцна ќе му помогне на детето да одржува исправена положба. Детето за ползење се подготвува уште во првите месеци од животот со ставање на позиција на стомак.

За подоцна самото дете да се подигне во рамен појас, да ги свитка колената и да започне со ползење. Покрај тоа ќе се труди да воспоставува рамнотежа при што во почетокот ќе паѓа, но со време ќе се научи како да паѓа. Ползењето не е предуслов за детето да оди, и не е задолжителна фаза од моторниот развој на секое дете. Доколку детето не го ставаме во позиција на стомак и не го стимулираме да лази, често се случува да дојде до прескокнување на оваа фаза од моторниот развој, но сепак децата околу првата година проодуваат.

Возраст – 9 месеци до 1 година

Претходно стекнати компетенции: 

      • контрола на глава
      • позиција на стомак – да се врти од стомак на грб, да се потпира на испружени раце, да се доведува до ползечка позиција 
      • позиција на грб – да се врти од грб на стомак, да подава раце и да се повлече до седечка позиција, самото да се доведува до седечка позиција и да прави обид да се исправи
      • седење со предна и странична заштитна реакција
      • добра билатерална координација, да фаќа со палец и показалец 

Опис – Како да помогнеме во постигнување на ползење и лазење? 

Ползењето е фаза за која детето се подготвува уште во првите месеци од животот. Секое дете се раѓа со рефлексот на ползење, меѓутоа доколку истиот не се стимулира тој ќе исчезне. Ставањето во позиција на стомак и стимулацијата со играчки со цел детето да посегнува по истите и да се придвижи кон напред, го потикнува детето да започне со ползење.

Има неколку чекори кои родителот треба да ги применува кај детето со цел полесно да се научи ползењето:

      • исправање додека е легнато на стомак – да се потпира на испружените раце (да научи да префрла тежина напред – назад), а потоа странично да се движи, врти во круг
      • совладување на вртење од грб на стомак – ставање на омилените играчки во видното поле со цел детето да го движи целото тело во правец на играчката

Ползењето на почетокот би било еден вид „пливање” на подот за потоа како одминува време детето полека да се подигнува во рамениот појас. Во оваа фаза кога детето ќе се подигне во рамен појас, пасивно го подигнуваме и неговиот заден дел (подигнување на колена) за да се постави детето во четвороножна позиција. Започнуваме со поместување на рацете и нозете во насока напред, со цел детето да започне самостојно да лази. Во оваа фаза од моторен развој не е исклучено да видиме други форми на движење кај детето. Доколку детето ползи наназад, или доколку едната страна му е посилна од другата, понекогаш може да се сплетка од сопствените раце и да падне. Покрај класичното ползење постојат и други начини каде што на пример стомакот на детето ќе биде на подот и со испружени раце и нозе едноставно ќе се влече по подот, можно е ползење наназад, тркалање, движење со помош на задникот на детето итн. 

Стимулација на ползење, лазење кај деца со аутизам – кај децата со аутизам не се очекуваат дополнителни потешкотии при совладување на фазите од моторниот развој, па оваа вештина и поддршката за истата, би била иста како и кај децата со типичен развој. 

Стимулација на ползење, лазење кај деца со телесна инвалидност – кај секој вид на телесна инвалидност голема улога во остварувањето на фазите од моторниот развој се индивидуалните способности на детето и за какви конкретни моторни нарушувања потешкотии станува збор. Во зависност од степенот на моторното нарушување ќе зависи и можноста детето да ја развие оваа способност.

Стимулација на ползење, лазење кај деца со сензорна попреченост – кај децата со аудитивни оштетувања не се очекуваат потешкотии во постигнување на фазите од моторниот развој. Кај оние деца кои имаат визуелни оштетувања се очекуваат потешкотии во совладување на фазите од моторниот развој. Тоа е така поради тоа што визуелните информации кои стигнуваат до мозокот се клучен фактор за нормално совладување на фазите од моторниот развој. Приспособување на средината во која детето расте, како и помош од други лица, ќе помогнат детето да ја развие способноста за ползење. Под приспособување на средината се мисли на менување на текстурите на подлогата и предметите кои го опкружуваат детето.