Развој на визуо-моторна координација во првата година на бебето

 

Под визуо-моторна координација се подразбира соработка помеѓу очите и рацете со цел да се изврши одредена активност. За возрасните, тоа се увежбани движења кои се изведуваат спонтано, на пример ни се пие вода, со очите прибираме податоци за тоа каде е чашата и чешмата, каде сме ние во просторот, ја земаме чашата, пуштаме вода да тече, ја полниме и пиеме, ја затвораме чешмата и ја одложуваме чаша, со што активноста е завршена. Меѓутоа кога ќе погледнеме едно бебе на два месеца, ситуацијата е поинаква. Над бебето висат играчки, тоа ги гледа, но не пушта рачиња да ги дофати, туку мафта хаотично на страните.

Кај бебето на таа возраст нема координација меѓу тоа што го гледа и раката која би сакала да  дофати нешто.

Тоа е така зашто бебињата се раѓаат со примитивни рефлекси или несвесни движења, кои со развојот треба да се интегрираат во свесни, вољеви движења или да исчезнат. 

Примитивните рефлекси имаат предвидена временска рамка во која перзистираат и потоа исчезнуваат или се вклопуваат во свесните, вољеви движења.

Еден од нив е палмарниот рефлекс, кој се очекува да исчезне околу третиот месец и тогаш забележуваме дека бебето ги отвара дланките и кратко пасивно задржува меки и лесни предмети.

Во истиот период тоа почнува да прави одредени, сѐ уште некоординирани движења кон висечката играчка над него, при што може и да успее да ја допре или удри и таа да се заниша.

Тоа е моментот што му причинува задоволство и бебето е мотивирано одново да пробува да го изведе истото движење за да си ја оствари целта.

Додека мафта со рачињата за да ја допре играчката, тие му влегуваат во видно поле и некаде при крајот на третиот и почетокот на четвртиот месец бебето открива дека има раце.

Доколку му ставите во рака тропалка која испушта звук, тоа ќе ја донесе во видно поле, ќе сфати дека ако мрда со раката прави звук и самото ќе се стимулира да го повторува тоа движење.

Тука започнува меѓусебната соработка на очите и рацете, или визуо-моторната координација.

Во натамошниот период оваа сложена мисловна способност се увежбува и усовршува, бебето ги увежбува старите шеми и научува нови, со цел да стаса до саканиот предмет кој му е извор на задоволство. Учењето како процес ги активира и менталниот и физичкиот развој на бебето и истовремено е значајна компонента на овие два аспекта. 

Визуо-моторната координација е еден од првите облици на интеракција помеѓу бебето и околината, со чија помош тоа учи за светот околу него и истовремено стекнува вештини кои ќе му обезбедат поголема самодоверба и независност во текот на растењето и развивањето.

Компоненти на визуо-моторна координација се:

      • движења на рацете 
      • движења на очите 
      • развој на мозокот

Зошто визуо-моторната координација е од големо значење?

Воспоставувањето на визуо-моторната контрола е појдовна точка за развој на способноста на детето самостојно да се храни, да се облекува, да игра, да извршува секојдневни активности во домот и надвор, таа е во основата на читањето и пишувањето и останатите предучилишни и училишни вештини, како и вештините кои го подготвуваат детето да се вклопи во неговата средина.

Како да ја стимулирате визуо-моторната координација на Вашето бебе?

      • започнете од првите денови по раѓањето, така што ќе ги стимулирате посебно двете функции (видот и фаќањето). Видот се стимулира со помош на играчки, перничиња или едноставно материјали со контрастни бои, кои ќе му ги поставите во видното поле на бебето, на дваесетина сантиметри од неговото лице. Бидете сигурни дека бебето го фиксира погледот кон предметот. Фаќањето се стимулира со ставање на мала мека играчка, може и марамче, чорапче во дланката на бебето и едноставно се остава така некое време со цел да се постигне полуотворена позиција на дланката
      • во третиот месец, ставете му мека тропалка во рака и со Вашата рака лесно затресете ја. Оставете го само да го направи тоа, па повторно заедно изведете го движењето. Ставете го под висечки играчки, во креветче или релаксатор, да ги гледа и да го предизвикуваат да ги придвижи рацете
      • во четвртиот месец  рацете на бебето се споени на градниот кош и од тука треба да започне посегањето. Ставете му малку поголема мека играчка на градниот кош (кога ќе ја ставите, истата треба да има висина да може да ја види). Доближете му ги прво едната, па потоа и другата рака да ја допрат играчката. Забележете дали погледот го насочува кон неа
      • во петтиот месец постепено оддалечувајте му ја играчката и стимулирајте ги рацете да посегнат по неа (оддалечувајте ја и враќајте ја до неговите раце, допрете ги и повторно оддалечете)
      • во шестиот месец бебето ги префрла предметите од една во друга рака. Активностите му се усложнуваат со поставување на играчки подалеку од него, за да ги здогледа и да направи план како со цело тело да стигне до нив (да се тркала, да се влече, да пружа раце). Во овој период започнува седењето, па доколку самостојно седи, му се ставаат играчки прво пред него, а во наредните месеци и од страните. Се стимулира да ја премине средишната линија на телото, односно со левото раче да посеге на десно и обратно (му го држите десното раче и од десно му подавате играчка). Бебето фаќа со целата дланка
      • седми и осми месец е период кога се издвојуваат прстите од дланката, односно бебето фаќа со опозиција на сите прсти и палецот. Му се нудат помали предмети, за да се извежбаат фините движења на прстите додека ги врти низ раце и ги разгледува. Секако, да не се помали од дланката, затоа што интензивно сѐ става во уста
      • во деветиот месец бебето може во секоја рака да држи по еден предмет, па му се нудат играчки од едната и другата страна за да ги види и посегне со секоја рака посебно. Со цел да се вежба рамнотежата при седење, како и движењата на очите со кои го испитува и учи просторот и предметите во него, на бебето му се подаваат играчки малку вон неговиот дофат. Тоа треба да направи проценка, колку да се наведне, дали треба да се потпре со раката и кој маневар му е потребен да стигне до играчката. Сѐ уште не може намерно да испушти предмет
      • во десетиот месец свесно и намерно испушта една играчка за да земе друга. Фаќа со опозиција палец показалец, како пинцета, затоа внимавајте да нема околу него многу ситни предмети кои може да ги стави во уста. Влече, гребе по површина, удира две коцки една од друга или од маса, така да механички играчки на влечење, туркање, потоа коцки, топчиња и најразлични кутии се вистински избор за стимулација на визуо-моторната координација на оваа возраст
      • наредните два месеца се вежбаат и усовршуваат претходно усвоените шеми. Фатот е со свиткан палец и показалец како клешта, па бебето почнува да се обидува да одвртува  капаче од шише, кутија, како и да листа сликовници со цврсти корици