На многу родители им е познат поимот детски тантруми особено кога и поради едно лижавче детето може да плаче, вика, вреска и слично и сето тоа не ретко се случува во јавност. За време на тантрумот детето покажува неконтролиран излив на бес, придружено со фрлање на под, плаче и вриска, удира со главата, мавта со раце и нозе, расфрла предмети ги гази со нозе и сл.

Тантрумите вообичаено се јавуваат после првата година и се најизразени околу 2,5-3 годишна возраст. Некои деца го надраснуваат тоа, но кај некои останува во одреден облик и во подоцнежна возраст. Во текот на овој кризен период во раното детство тантрумите може да се случат наеднаш и по неколку пати дневно. Тантрумите се јавуваат кај децата при иритација или бес за не исполнета желба од страна на возрасните, и забележливо е дека колку повеќе внимание се придава на ваквите ситуации, истите повеќе се засилуваат. 

Иритацијата и бесот може да бидат резултат на:

      • неможност кај детето вербално да го изрази своето незадоволство
      • начин за привлекување внимание
      • причина од физиолошка природа како измореност, глад, оздравување од болест
      • ако во моментот е отргнато од играта во која ужива заради некоја друга активност
      • преголема заштитеност на детето од страна на родителите и неизграден однос кон неговите постапки било позитивни или негативни
      • различен стил на воспитување кај родителите и другите даватели на грижа
      • однос на возрасните т.е. научено е да добива сѐ што сака и сѐ да му е дозволено (не знае за „не”)

Она што исто така е карактеристично за тантрумите е дека тие се неволни и се резултат на тешко справување на детето со сопствените емоции. Во таква состојба детето не реагира на зборовите на родителите и обидите да го смират.

Лажни наспроти вистински тантруми

Лажни се кога:

        • забележувате дека детето кое вреска и плаче, се фрла на под и мава со рацете/нозете на сите страни, Ве слуша и разбира додека му се обраќате
        • при спомнување на казна или условување со нешто важно за него веднаш се смирува
        • при манифестирање на тантрум покажува спремност за договор
        • доколку во тој момент успевате да му го пренасочите вниманието и да го започнете разговор за нешто друго

Вистинските тантруми се многу подемонстративни:

        • во тој момент детето ниту Ве слуша ниту разбира што му зборувате
        • не се смирува дури иако прифаќате да го исполните неговото барање
        • однесувањето е во обид да се повреди себе си, Вас, некој друг или да искрши нешто
        • не е во состојба да ги контролира своите движења
        • говорот (доколку го има во таква состојба) е неповрзан

Како да се избегнат или намалат тантрумите кај детето

      • размислете околу тоа зошто Вашето дете добило напад, каква е Вашата улога во тоа, како се разрешила и завршила состојбата, како се смирило, што сте направиле Вие за да се смири и сл.
      • размислете дали рутините се навремени и дали детето знае што се очекува во семејството, дали има потреба да се сменат рутините и на кој начин
      • пишување на дневник за тантрумите на пример, може да биде од помош во препознавање на причините и поефективно пресретнување на истите
      • обидете се да разберете и препознаете која состојба укажува на потенцијален тантрум, обидете се на Вашето дете во тој момент да му го одвратите вниманието на пр. со покажување кон нешто и смислување кратка приказна за тоа нешто
      • дозволете му на детето да има право на избор (на пр. да избере каде сака да го однесете на прошетка)
      • избегнувајте директни упатства, понудете му алтернатива, на пр. наместо „Облечи ја сината маица” обратете се со „Сакаш ли да облечеш сина или црвена маица”
      • обидете се да бидете усогласени во правилата на воспитувањето со другиот родител, бабите/дедовците. Ако едниот вели „не” другите да го следат истото правило. На тој начин искажувањето на бес како метод за добивање на посакуваното ќе почне да губи на интензитет
      • не извршувајте го наместо детето и она што може само за своја возраст да го направи
      • кога имате намера да го прекинете детето во она со што во моментот се занимава подгответе го за тоа претходно, на пр. додека е заиграно известете го дека за кратко време ручекот е спремен, за да знае дека треба да ја приврши играта наскоро
      • користете кратки реченици кога му се обраќате на своето дете. Задавајте му задачи кои може да ги изврши и направете ги забавни
      • известете го детето за тоа што следува, на пр. „Сега ќе одиме во парк а потоа во продавница“, или дозволете му заеднички да договорите редослед на активности

Што во ситуација кога детето има тантруми во јавност

Родителите често се наоѓаат затекнати и не секогаш се спремни да се справат со нападите на бес кај своето дете во јавност. Попуштањето во тој момент и задоволувањето на неговото барање само за да престане и да се смири нема да го реши проблемот трајно, напротив ќе го поткрепи.

Што би помогнало кога детето би имало тантруми во јавноста:

      • важно е родителите да останат смирени, контролирајќи ги сопствените емоции и игнорирајќи го фактот дека очите на другите луѓе се вперени во нив
      • дајте му простор на детето да се смири, кај малку постаро дете можеби и можете на кратко да се потргнете на страна, помало дете не го оставајте само. Некои деца во тој момент имаат потреба од прегратка, прашајте го своето дете сака ли да го гушнете или да почекате
      • не се обидувајте на сила да воспоставите контакт со очи и не го држете цврсто, освен во ситуација ако постои можност да се повреди себе си или некој друг
      • не го казнувајте детето физички (не го удирајте) и не му се заканувајте дека ќе го истепате ако не престане
      • користете малку зборови и обраќајте му се на детето со смирен тон. Не викајте на детето. Во тој момент можете само да ја влошите ситуацијата – уште повеќе да почне да вреска бидејќи тоа влијае заканувачки на него
      • вашиот говор нека оддава смиреност, на пр. седнете на подот покрај него да може да Ве доживее како поддршка наместо закана
      • ако е можно земете го детето во раце и повлечете се во некој дел каде нема да привлекува внимание на луѓето околу него (публиката е само засилувач на тантрумите)
      • кога ќе се смири бурата на емоции, детето обично е спремно за контакт со Вас. Искористете го тој момент. Гушнете го и дозволете да се смири и дадете му до знаење дека сте тука за него. Во тој момент не го критикувајте и не му кажувајте како треба и како не треба да се однесува
      • откако ќе се смири детето, разговарајте за тоа што се случило, не го обвинувајте. Дадете му пример на кој начин би можело следен пат да се однесува. На пр. може да разговарате во друга ситуација, кога заедно си играте, готвите или правите нешто друго

Разбирливо е дека за родител ваквите ситуации се многу тешки, напорни и стресни, може да предизвикаат и чувство на лутина, беспомошност, срам и окривување. Не е лесно и предизвикувачко е во тие моменти да се одржи трпеливоста и да се исконтролираат емоциите. 

Обидете се себе си да се смирите за да можете да му излезете во пресрет на своето дете и да му помогнете.