Примарни или основни чувства
Стравот е филогенетски и онтогенетски најстара емоција. Секогаш е проследен со напнатост, грижа и вознемиреност, се јавува во ситуации кои личноста ги доживува како загрозувачки, изненадувачки или нејасни. Тој е автоматска реакција и често е ирационален. Изворите на страв може да бидат различни. Додека возрасните претежно ги вознемируваат апстрактни ситуации, децата најчесто се плашат од конкретни настани и предмети како на пример темни простории, грмотевици, злобни ликови и чудовишта од бајки или филмови.
Лутина може да биде изразена со различен интензитет, од фрустрација до вистински гнев. Причините за лутина може да бидат различни и зависат од низа фактори. Најчесто е предизвикана во ситуации кога се јавува пречка при остварување на некоја цел при што доживувањето и должината на траењето на пречката влијае врз интензитетот на лутината.
Среќа е пријатна емоција која е предизвикана од постигнување на успех во зацртаните цели. Интензитетот може да се движи од пријатност и задоволство, до безгранична среќа и е во зависност од важноста на целта, како и од неочекување во нејзиното постигнување.
Тага – покрај лутината и стравот исто така спаѓа во непријатни емоции. Се јавува при загуба на нешто многу значајно за нас (блиско лице, дел на сопственото тело, способност или нешто кон кое се стремиме). Интензитетот на тагата е во зависност од важноста што ја придаваме на загубата и може да се движи од нерасположение до длабока депресија.
Како да се насочуваат децата да ги препознаат емоциите и да ги изразуваат на социјално прифатлив начин.
Не ретко се случува во текот на еден ден децата да доживеат цела низа на емоции, на пример наизменично во еден момент да се среќни, а во друг тажни. Она што е важно да се има на ум е дека сите емоции се дозволени.
Изразувањето, зачестеноста и должината на траењето на емоциите кај децата се разликува од возрасните. По начин на изразување кај децата тие се површински и спонтани. Во однос на зачестеноста и долготрајноста тие се почести и пократкотрајни отколку кај возрасните. Преку воспитување детето почнува да ги контролира своите емоции, но најважно е да развие способност за препознавање и разбирање на сопствените емоции и на емоции кај другите.
Важно е да го охрабрувате своето дете во изразување на емоции и истовремено да го учите тоа да го прави на социјално прифатлив начин.
-
-
- бидејќи детето набљудува како родителите се однесуваат во одредени ситуации и врз основа на тоа го учи и изградува својот начин на однесување, бидете му добар модел
- она што може да биде од помош е да му овозможите на детето учество во различни социјални односи
- децата најдобро учат преку игра и хумор или цртајќи, па направете да биде забавно и удобно
- не судете, сите емоции се дозволени и почитувајте кога детето ќе Ви раскаже што доживеало. Потврдете ги чувствата на своето дете, на пример кога е гневно можеби може да помогне ако му речете “Разбирам дека си лут/а и тоа е во ред, но не е во ред да ја удираш сестра ти или брат ти”
Пример вежби за препознавање на емоциии нивно изразување на социјално прифатлив начин:
Колку повеќе учесници во вежбата толку позабавно, но изводливо е и да се прават во дијада родител-дете. Истите вежби можат да бидат применети за страв, лутина, среќа, тага итн.
Вежба 1: Се користи слика со среќно лице и секој учесник раскажува своја приказна зошто е среќно лицето на сликата, односно прави своја верзија на настани кои преедизвикале среќа кај лицето.
Вежба 2: Од секој учесник се бара да направи тажно лице, да застане пред групата и да ја покаже својата тага со однесување, гестикулација, држење на телото, движење и сл. Потоа секој кажува по што забележал дека другиот е тажен, какво му било лицето, се опишува во детали, држењето на телото, тонот на гласот…
Вежба 3: Се бара учесниците на исечен круг да ја прикажат лутината со цртање или боење со боја која за него го означува соодветното чувство. Добиеното лице се лепи на шпатула/стапче и се покажува пред другите учесници, така секој учесник во круг дискутира за нацртаната или обоената емоција, ја доведува емоцијата во врска со одредена ситуација, дали ја покажува, објаснува како ја покажува и по што другите можат да ја забележат дадената емоција, дали другите ја препознаваат….
Вежба 4: Родителот чита приказна и прави израз на лицето за секоја емоција која се спомнува во приказната, притоа го прашува своето дете што мисли која е таа емоција и како се чувствува ликот од приказната. Понатаму може разговорот да се прошири и на искуството на детето кога доживеало слична емоција и на кои начини би можело да ја изрази.