Подрачје – Груба моторика 

Цел – Стимулација на грубата моторика (постигнување на исправање кај детето) 

Исправањето на детето во стоечка позиција е моментот пред детето да започне самостојно да се движи. Уште од мала возраст доколку детето го ставиме на нозе очекуваме кратко да ја задржи сопствената тежина, да направи обид да се одбие од подот за подоцна да се обиде да се исправи. Со тоа детето ни дава до знаење дека е доволно развиено во р’бетниот столб при што може да ја држи сопствената тежина. На почетокот вообичаено, исправањето е со задржување на друг цврст предмет, а подоцна детето самостојно без потпирање на предмет или поддршка од друго лице може да се исправи и да застане на нозе, а потоа почнува и  самостојно да се движи. 

Возраст – 9 месеци до 1 година

Претходно стекнати компетенции

      • контрола на главата
      • самостојно седење без поддршка 
      • одење на колена
      • исчекор напред од седечка позиција и обид за исправање 
      • исправање со поддршка од друго лице или предмет  

ОписКако да помогнеме на детето во процесот на исправање ? 

За да може детето да се исправи самостојно, но и со помош од друго лице или предмет треба седењето како фаза од моторниот развој да е добро развиено. Тоа значи дека правилно, сигурно и самостојно седење ќе му дозволи на детето да се исправи на двете нозе и притоа да не се плаши да го направи тоа. Како детето ќе расте и околината сѐ повеќе ќе го интересира така и ќе сака да напредува во моторниот развој. На почетокот станувањето ќе биде со помош, односно со придржување на предмети кои ќе бидат во близина на детето (масичка, стол, софа и сл.). 

Претходно во фазата додека детето лази тоа постојано вежба исчекор напред со левата и десната нога. Активност која придонесува за подобро зацврстување на мускулите на трупот и полесно исправање на телото е одењето на колена. Од позиција на лазење следниот чекор е седење со свиткани колена за потоа детето  да се исправи на колената. Кога детето ќе биде исправено со наша помош започнуваме со чекори односно движење со колената наизменично. Во таа позиција додека детето е на колена најлесно ќе му биде да ја исфрли левата или десната нога нанапред односно да го направи исчекорот кој помага детето целосно да се исправи односно да ја задржи сопствената тежина. Затоа треба да се форсираат активности во коленична позиција со исправено тело и работа со горните екстремитети. Стимулацијата на овие активности најдобро се прави со поставување на играчки (започнете со омилените) на маса која е во точна висина колку што е детето и бара постојано детето да биде подигнато на колена. Така детето вежба да ја одржува рамнотежа во моментите кога е исправено на колена и држи предмети. Моментот на исправање се случува тогаш кога кај детето се јавува природниот рефлекс за одење, односно тоа ќе почне да прави исчекор нанапред и да се исправа на двете нозе во моментот кога ќе сака да се движи самостојно.

Стимулација на исправање кај деца со аутизам – кај децата со аутизам не се очекуваат дополнителни потешкотии при совладување на фазите од моторниот развој како и на оваа вештина и поддршката за нив е иста како и кај децата со типичен развој. 

Стимулација на исправање кај деца со телесна попреченост – кај секој вид на телесна попреченост голема улога во остварувањето на фазите од моторниот развој се индивидуалните способности на детето, односно за какви моторни потешкотии станува збор. Дали детето ќе постигне самостојно да се исправи, и какви интервенции односно вежби за стимулации се потребни, зависи од претходно наведеното. 

Стимулација на исправање кај деца со сензорна попреченост – кај децата со визуелни и аудитивни оштетувања не се очекуваат потешкотии во постигнување на фазите од моторниот развој.