Подрачје – Фина моторика 

Цел на вежбата – Нижење на обрачи, прстени на сталак

Развојот на фината моторика помага на децата да се стекнат со вештини како да ги користат дланките и прстите во изведување на прецизни моторни активности (дофаќање, фаќање, отварање, затварање, сечење, закопчување, пишување). 

Развојот на фината моторика се разгледува од два аспекти, едниот дали детето може да воспостави контрола на движењето на дланките и прстите и другиот дали детето може да ракува со играчки и разни предмети за општа употреба. 

Возраст –  од една до две години ( 12 – 24 месеци ) 

Претходно стекнати компетенции:

      • потребно е детето самостојно да седи
      • развиена координација на движењата на дланките и прстите
      • способност за одржување на вниманието 5 – 10 минути
      • визуо-моторна координација

Опис – Како да започнеме со активноста?

Пред да започнете со оваа вежба најпрво е потребно да му дадете можност на детето да ги вади обрачите, прстените од сталакот. На овој начин ќе ја подготвите раката за долгото, континуирано движење на раката додека обрачот се лизга по сталакот. Потоа преминете на ставање, нижење на обрачите по сталакот. Детето треба да го земе обрачот и потоа го става на сталакот кој стои пред него. Најпрво се започнува со обрачи со поголем дијаметар, а како детето ја совладува активноста така дијаметарот се намалува. Секогаш треба да му биде интересно на детето, па затоа може обрачите да ги обоиме во различни бои, да бидат контрастни. Оваа активност можеме да ја користиме и на поголема возраст кога детето го вежбаме да следи шеми, кои се значајни за развој на логичкото мислење. Во таа насока можеме да побараме да ги реди според шема на бои, кои предходно ќе ги имаме нацртано на лист харија.

Во насока на понатамошна стимулација на фината моторика оваа активност, на почетокот на втората година може да се прави со макарони, такашто макароните треба да бидат поголеми, но потоа како детето ја совладува активноста големината на макароните може да се намалува. Стапчињата може да бидат боцнати во сунѓер или во тесто, со цел за да бидат фиксирани. Најпрво ќе му покажете на детето како да направи (Вие ќе ставите една макарона на стапчето), а потоа ќе му дадете на него да продолжи со нижењето на макароните. После секоја точно извршена активност пофалете го детето. 

 

Прилагодување на активноста кон различен вид попреченост:

Деца со телесна попреченост – кај децата со телесна попреченост често се присутни потешкотии во извршувањето на активности од фина моторика. За таа цел потребно е прилагодување на материјалите за работа. Во случајот на оваа активност, треба да се започне со поголеми обрачи кои се вметнуваат на подебел сталак, а постепено се намалува големината на обрачите. Дополнително треба да се обезбеди подлога која ќе обезбеди поголема стабилност на сталакот. Голем дел од материјалите можете и самите да ги изработите од рециклиран материјал. Како предлог може да ги погледнете следните примери. 

Деца со аутизам – активности каде се бара користење на фината моторика не претставуваат проблем или потешкотија кај децата од аутистичен спектар. Но она што треба да го направите е да го подготвите детето за активноста што следи. Тоа може да го најавите со помош на визуелна картичка, а потоа да ја демонстрирате активноста неколку пати. Следен чекор е да ја водите неговата рака, односно да ја земете неговата рака и заедно да ги ставате обрачите на сталакот. 

Деца со оштетен вид – кај децата со оштетен вид при објаснување на активноста потребно е да дадете прецизни вербални инстукции и да му ги водите (придвижувате) рацете на детето додека зборувате. Повторете ги чекорите од активноста неколку пати. При тоа со едната рака детето треба да го допира сталакот каде што треба да го стави обрачот, а со другата рака треба обрачот да го носи до сталакот. За оваа активност можете да користите и обрачи со различни текстури.