Запознавање на детето со боите

 

Децата, најпрво учат да ги идентификуваат боите, односно да прават разлика на две бои (тоа се случува во периодот од 18-от до 24-от месец). 

Во периодот после втората година детето започнува да ги разликува основните бои (црвена, зелена, сина, жолта). Сепак, понекогаш може да биде фрустрирачко за родителите бидејќи учењето на боите не е лесно. Да го научите Вашето мало дете да идентификува играчка, чевли итн. може да изгледа помалку комплицирано отколку да го научите да ги идентификува боите, бидејќи боите се апстрактни поими. За да може детето да препознава бои потребно е да има добро развиена визуелна перцепција.

Учењето на боите најпрво започнува со препознавање на боите. И тоа не сите, туку само основните бои. Се започнува најпрво со црвената боја, па потоа жолтата, сината и на крај зелената боја. 

Еве неколку идеи за како детето да го научите да ги препознава основните бои:

Во секојдневните домашни активности

Најлесно детето може да ги перцепира боите при секојдневните активности кои се повторуваат на дневна основа, односно активности како облекување, јадење, играње, пазарење итн. При секоја активност која ја правите со детето именувајте ги боите на пр. „Сега ќе ја ставиме црвената капа.“ или „Ајде да ја земеме сината чинија.“. 

Детски книги за учење на бои

Книгите се најпогодни при учење поими во раното детство. Па така би можело на детето да му читате книги во кои ги има претставено боите со соодветни слики.

Преку игра

Секое дете најмногу учи преку игра. Па така можете да искористите додека детето игра на пример со Лего коцки, коцките да ги редите според одредена боја (на пр. да редите само црвени коцки) или да ги именувате боите на коцките при редење. Исто така при игра со пластични овошја и зеленчуци, заедно со името на овошјето да ја кажувате и бојата на пример „Еве едно црвено јаболко“.

Кога детето ќе умее да прави разлика меѓу боите следува посочување на боите. Ова обично се случува до третата година. Може сѐ уште да не може да ги изговори, но ќе умее да ги посочи. Не се фрустрирајте доколку направи грешки при тоа, процесот на учење на боите не се случува преку ноќ. 

Во продолжение Ви предлагаме неколку идеи за активности кои можете да ги правите со Вашето дете:

Класификација на предмети по боја

Во три различни празни чинии дајте му на детето да сортира топчиња во различни бои. На чиниите залепете ливче со одредена боја, такашто детето ќе треба да стави топче со иста боја како на ливчето. Исто така може на стапчиња кои се прицврстени на стиропор (или друг материјал) да става парчиња од цефки во различна боја.

Преку игра

Играта може да биде на пр. барање скриени коцки во една боја низ целата соба. Родителот претходно ќе ги сокрие коцките, а потоа заедно со детето ќе ги бараат. Друга интересна игра е скокање на кругови во различни бои. Родителот на подот става кругови во различни бои и ја кажува бојата на која треба детето да скокне на пр. „Ајде сега скокни на црвениот круг“.

Картички во боја

Картичките во боја исто така можат да помогнат детето да ги научи боите. Дајте му на детето картички најпрво во 2 бои и побарајте да ја покаже со прст бојата која ја барате од него. Кога детето ќе ги препознава двете бои зголемувајте го бројот на картичките, наместо 2 ставете 4 картички.

Споредување два различни предмети со иста боја

Дајте му на детето два различни предмети, на пример црвена количка со црвено јаболко, детето треба да ги поврзе или групира во ист празен сад. Групирањето на разични предмети со иста боја ќе помогне детето да ги развие своите когнитивни способности.

Фазата на именување на боите кај децата почнува некаде околу 4 до 5 години. Децата на таа возраст имаат развиено повеќе вештини кои може да се искористат при учење на именување на боите. Исто така и говор кај децата на оваа возраст е развиен па веќе тие можат и да ги именуваат боите.

Еве неколку идеи за како детето да го научите да ги препознава основните бои:

Боички и боенки

Боенките со омилените ликови на децата се секогаш интересни, затоа земете боенка и додека детето ја бои во најразлични бои барајте од него да ги именува боите. Исто така може да му нацртате најразлични форми и детето да ги бои, а истовремено да ги именува боите.

Игри надвор од домот

Искористете ги семејните прошетки за учење на боите. Додека се шетате во природа именувајте ги боите што ги гледате, или боите на автомобилите на улиците. Мотивирајте го детето со пофалба секогаш кога ќе ја каже точната боја.

Друштвени игри

Има многу придобивки од играњето друштвени игри. Пред сѐ тоа се забавни активности, но исто така можат да се искористат за учење на именувањето на боите. Такви игри се: „Не лути се човече“, „Полжав“ или „Колорама“. Овие игри се наменети за деца од предучилишна возраст а може да ги играат и децата, а и другите членови од семејството. 

Прилагодување за различен тип на попреченост

Прилагодување на активностите за децата со аутизам

Усвојувањето на боите кај децата со аутизам може да биде со побавно темпо, но сепак треба да се почитува принципот на усвојување најпрво на основните бои (црвена, жолта, сина), а потоа комплементарните бои. Времетраењето на активноста треба да биде во согласност со способноста за одржување на вниманието. Започнете со класификација на 2 до 3 предмети во црвена и жолта боја и постепено зголемувајте го бројот на предмети. Користењето на визуелна поддршка со која ќе ја најавите активноста може да биде навистина полезно.

Прилагодување на активностите за децата со телесна инвалидност

Кај децата со телесна инвалидност, доколку не е засегнат интелектуалниот развој учењето на боите не би требало да претставува проблем. Заедно со учењето на боите може да се комбинираат и активности за фина моторика, како на пример класификација на топчиња по боја. Она на што треба да внимавате е да предметите бидат адаптирани за успешна манипулација од страна на детето со телесна инвалидност.

Прилагодување на активностите за децата со оштетување на видот

Кај децата со оштетен вид учењето на боите се прилагодува според степенот на преостанат вид. Доколку детето има органско оштетување на ретината или има многу мал остаток на видот нема да може да ги препознае и научи боите. Кај децата кои се слабовидни потребно е да се користат предмети со јаки бои и контрастни предмети за да може да ги разликуваат.