Е-платформата ranaintervencija.mk е креирана како дел од проектот „Грижа во заедницата за деца со попреченост и нивните семејства“, во имплементација на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од УНИЦЕФ.

 

Целта на проектот е обезбедување услуги во заедницата на деца со попреченост и нивните семејства преку воспоставување на нови форми на услуги – рана интервенција за деца со попреченост од 0 до 6 годишна возраст и психо-социјална поддршка на нивните родители/старатели, како и воспоставување на онлајн услуга на рана интервенција.

 

Како дел од проектните активности, а со помош на Град Скопје, во март 2020 во Скопје беше отворен Центар за рана интервенција и поддршка на семејствата каде стручен тим обучени лица реализираат третмани и интервенции на децата и даваат поддршка на нивните семејства. Родителите добиваат психо-социјална поддршка, како и инструкции од страна на стручните лица кои се даватели на услугата рана интервенција, што и како да работат во домашни услови со децата со цел стимулација на нивниот целокупен развој.

 

Развојот на онлајн услугата на рана интервенција настана поради новонастанатата состојба со Ковид-19, а заради потребата да им се понуди потребната поддршка и да се продолжи во континуитет со интервенциите кај децата со попреченост и нивните семејства. Од друга страна, Е-платформата е наменета и за поширока целна група, односно за семејства кои од различни причини не користеле услуги за рана интервенција или услуги за поддршка. Така, платформата ќе овозможи вклучување на корисници на национално ниво, за семејства што живеат во заедници каде овие услуги воопшто не се развиени и/или семејства кои поради високата цена досега не користеле вакви услуги. Со цел да се обезбеди пристапност до поширока целна група, Е-платформата е на македонски и албански јазик.

 

Онлајн интервенциите ќе се реализираат согласно можностите и потребите на децата/семејствата, а при изведба на истите ќе бидат вклучени родителите кои ќе добиваат директни инструкции, насоки и совети од стручните лица. Децата ќе добијат специјализирана поддршка која ќе го стимулира развојот на вештини, способности и компетенции.

Е-платформата ranaintervencija.mk е креирана како дел од проектот „Грижа во заедницата за деца со попреченост и нивните семејства“, во имплементација на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од УНИЦЕФ.

*Изработено од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија со финансиска поддршка од канцеларијата на УНИЦЕФ. Ставовите изразени во овој документ, не треба на кој било начин, да се сметаат за одраз на официјалниот став на УНИЦЕФ.