Стимулирање на цртеж на човек

 

Подрачје: Когнитивен развој

Цел на вежбата: Да се мотивира детето да нацрта човечка фигура.

Возраст: 5-7 години

Предходно стекнати компетенции:

      • познавање на геометриски форми
      • познавање на деловите на сопственото тело и препознавање на деловите на телото на друго лице
      • ориентација во просторот
      • развиено графомоторни вештини
      • можност за одржување на вниманието повеќе од 10 минути

Опис на вежбата:

Децата најдобро се изразуваат преку цртеж. Набудувањето и цртањето на човечкото тело е одличен начин детето да го осознае сопственото тело и неговата функција. По четвртата година од животот детето може да започне да црта човечко тело. Цртежот е начин детето да може да ги покаже своите мисли и разбирање за светот. 

Детскиот развој поминува низ низа фази за да детето по четвртата година да може да нацрта основен цртеж на човечка фигура. Со цртањето детето покажува дека е свесно и воедно покажува кои делови на телото ги има научено.

За да детето ги совлада деловите од телото најлесно е да се вежба пред огледало, може да се користи и кукла или да ги покажува деловите на телото на некој друг (на пр. на родителот).

За полесно да разберат што да цртаат и како да нацртаат човечка фигура може да ставите пред детето кукла, модел на човек или да го црта родителот. За полесно да нацрта можете да го водите детето на пример „Ајде сега нацртај ја прво главата, а потоа очите, сега нацртај коса…“, со цел полесно да ја разбере активноста.

 

Прилагодување за различен тип на попреченост

Прилагодување за дете со телесна попреченот

Во зависност од состојбата на детето, за некои деца, потребно е да се додаде помагало кое ќе му помогне во изведувањето на активноста. Со цел да ја обезбедите стабилноста на листот хартија на кој ќе црта детето, може да го залепите со селотејп на масата или штафелајот, да користите дебели боички, фломастери или различни видови адаптери кои одговараат на фатот на раката на детето. Доколку детето црта со уста овозможете му го тоа со соодветен прибор и штафелај. 

Прилагодување за дете со аутизам

Обично децата од аутистичен спектар имаат добра фото-меморија и ги цртаат работите идентично како што ги гледаат. Па затоа пробајте да му дадете задача на детето да нацрта портрет од родителот. Детето ќе го нацрта цртежот со повеќе детали од тоа што родителот очекува. 

Прилагодување за дете со оштетен вид

Кај децата со оштетен вид, може да ја прилагодите активноста така што човечката фигура детето ќе ја прави од пластелин. Најпрво нека ја направи главата, па ќе стави очи, уста итн. За слабовидните деца може да одберете да цртаат со боичка која ќе направи контраст на хартијата и која ќе остава поголема трага за да можат полесно да видат и да се ориентираат.

Прилагодување за дете со оштетен слух

Кај овие дечиња потребно е само добро да се објасни тоа што го барате од него за активноста да биде извршена. Дајте им кукла или модел на човечка фигура за да се водат по него. Помогнете му ако му е потребна помош и секако наградете го детето за извршената активност.

children-drawing-65069_640