На платформата може да се најдат различни содржини (текстови, фотографии, презентации, видеа) преку кои се поттикнува развојот на децата со одредени задоцнувања во развојот, или кај деца со попреченост, преку добивање на персонализирани услуги на рана интервенција од страна на стручни лица, обучен мулти-дисциплинарен тим (специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, физиотерапевт и психолог-психотерапевт) кои ќе применуваат трансдисциплинарен пристап. Онлајн услугата на рана интервенција ќе овозможи децата да добијат специјализирана поддршка и услуги кои го стимулираат нивниот развој, преку реализација на активности за развој на вештини, способности и компетенции и создавање на стимулирачко опкружување.

 

Платформата има главен дел кој е достапен за сите посетители, а на кој може да се најдат информации за развојните постигнувања кај типични деца на возраст од 0 до 6 години, со цел стекнување увид во компетенциите кои детето од таа возраст треба да ги има развиено.  Дополнително, можат да се најдат предлози за стимулации преку кои се поттикнуваат различните развојни области, односно за стратегии за работа со деца со различни видови на попречености, објаснувања на различни пристапи и методи на работа со деца со попреченост, како и совети за родителите.

 

Исто така, платформата нуди персонализирани услуги на рана интервенција. За да се добие онлајн индивидуализирана поддршка и интервенции потребно е родител/старател да нѐ контактира на 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот. Откако нашиот тим ќе направи проценка на развојните постигнувања на неговото дете, на платформата ќе биде формиран персонализиран профил до кој пристап ќе имаат родителите на детето и стручното лице кое ќе биде давател на онлајн услугата на рана интервенција. На овие персонализирани профили ќе бидат поставувани содржини, совети и насоки за рана интервенција согласно потребите на секое дете и неговото семејство. Специјализираната онлајн услуга обезбедува директна помош и поддршка на децата со попреченост и нивните семејства, како и индивидуално следење, на систематски и добро структуриран и планиран начин. 

 

Дополнително, платформата нуди можност за поставување на прашања од страна на родителите и понудување соодветни одговори од страна на стручни лица со долгогодишно професионално искуство, размена на мислења, дискусија и психо-социјална поддршка на семејствата.