Вежби за стимулација на груба моторика
(дофаќање, фаќање и фрлање)
Подрачје – Груба моторика
Цел на вежбата – Дофаќање, фаќање и фрлање топка со раце
Возраст – Две до три години (24 – 36 месеци)
Претходно стекнати компетенции:
-
-
- детето да фаќа предмет со двете раце истовремено по централна оска
- детето да стои исправено со стеснета база помеѓу нозете
- детето да може да ја крене раката нагоре без да се придржува со другата рака за одреден предмет
- детето да го витка рачниот зглоб во сите правци
Опис – Како да се научи детето да фрла топка со исправена рака над глава?
На детето секогаш му е интересен звукот кога еден предмет ќе го фрли и ќе удри на подот. На почетокот (околу првата година) фрлањето на предметите е со неконтролирано движење на раката и детето го фрла предметот без да ја насочи раката кон одредена цел и линија на движење. Држењето на топка и кружни предмети се предизвик за децата поради тоа што имаат мали дланки, а претежно предметите се малку поголеми и задржувањето во раката е потешко. Пред детето да научи да ја фрла топката треба да има интерес за кружни предмети и мали топчиња, да знае како да ги фати, подигне од подот и на крај да ја подигне раката и да го фрли топчето.
Пред постигањето на оваа фаза го учиме палмарниот фат (фатот со четирите прсти и како опозиција дланката). Така додека детето е во фаза на лазење треба да му се даваат различни форми на предмет и различни топчиња за кои детето има интерес. Полека ќе го фрламе топчето на едниот крај на просторијата и ќе му кажеме на детето лазејќи да го земе топчето. Потоа му дозволуваме на детето да го фати и разгледа предметот. Детето треба да знае како да задржи предмет со двете дланки истовремено.
Од позиција на лазење го стимулираме детето да се поткрене на колена и да се исправи во трупот да го крене топчето и да го стави на предмет кој е повисоко од него (маса, столица). Така воедно вежбаме и мускулатура на трупот, грбот, како и позиција на коленично стоење. Исто така може да му дадеме задача предметите од подот да ги зема и да ги става во кошничка. На овој начин воедно се вежба и фината моторика. Следни чекори во учење на оваа активност кај децата е да им даваме предмети во кружна форма и да погодуваат во одредена цел (фрлање во кош) на тој начин на кој им е наједноставно. Потоа со постојано зборување и демонстрирање како треба правилно да се фрли предметот полека ја стекнуваат оваа вештина. Секогаш се започнува со полесни и помали топчиња кои ќе ги фрлаат кон одредена цел која првично ќе биде пониска од самото дете, за потоа како одминува времето, висината на целта во која ќе ја фрлаат топката да се зголемува. Со самото тоа зголемување, детето по автоматизам ќе ја крева раката над неговата глава и ќе напредува во вертикализацијата, односно во исправање на телото.
Прилагодување за различен тип на попреченост
- Стимулација на фрлање и фаќање кај деца со аутизам
-
- кај децата со аутизам не се очекуваат дополнителни потешкотии при совладување на оваа вештина и поддршката за нив е иста како и кај децата со типичен развој
- Стимулација на фрлањето и фаќањето кај деца со телесна попреченост
-
- во зависност од тоа за каква телесна попреченост станува збор (вроден деформитет на телото, церебрална парализа, одредени синдроми кои предизвикуваат моторни нарушувања) се прават посебни индивидуални прилагодувања при вежбањето на оваа активност. Но, генерално, кај сите нив се јавува зголемен или намален мускулен тонус, лоша координација помеѓу рамнотежата на телото и мускулните движења и затоа детето ќе може да ги фати предметите со поголема леснотија отколку да ги фрли. Фрлањето предмет кај децата со церебрална парализа е без насочена цел поради зголемениот тонус во мускулите
- Стимулација на фрлањето и фаќањето кај деца со оштетување на видот
-
- детето кое има оштетување на видот има потешкотии во извршување на ваков вид активности поради тоа што на почетокот од третманот – вежбањето на активноста нема визуелна претстава каде се наоѓа предметот кој треба да го подигне и да го фрли. Затоа потребно е предметот, топката да му биде даден од страна на друго лице (терапевт, родители). Исто така може друго лице да му ја „води“ раката до предметот кој треба да го фати. Фрлањето на предметот обично е активност која полесно ја изведуваат, откако ќе го фатат предметот. Со цел да го стимулираме детето да го лоцира предметот може да користиме звучни предмети, топки кои произведуваат звуци, предмети во разни, јаки бои и светлечки предмети. Доколку предметот испрекинато свети ќе биде полесно детето да го забележи и подигне
- Стимулација на фрлањето и фаќањето кај деца со оштетување на слухот
-
- кај овие деца не се очекуваат потешкотии во развојот на грубата моторика. Тие спонтано ги достигнуваат сите развојни скалила во однос на грубата моторика како и децата со типичен развој