Кога е оптималното време да се започне со третмани

 

Во периодот на раното детство развојот на мозокот е најинтензивен и е во директна зависност од изложеноста на детето на стимулациите и искуството. Нивното влијание се одразува врз природата и квалитетот на градбата на мозокот такашто истите одредуваат кои мозочни врски ќе се засилат, а кои ќе се редуцираат. Овој период не е само период на големи можности, туку е и период на голема ранливост. 

Отпочнувањето со третмани е препорачливо во најраната возраст кај детето, односно веднаш по забележаните развојни отстапувања од страна на родителот или стручното лице. Раната интервенција во својата основа се спроведува во првите години на детето од раѓање до 5-6 годишна возраст. Таа подразбира широк спектар на активности за стимулација на детскиот развој, превенција или ублажување на развојниот застој односно работа на потенцијалот кој што детето го поседува со цел зголемување на компетенциите во сите развојни подрачја.

Врз основа на спроведените студии во развиените земји се покажало дека главна карактеристика на успешнатa рана интервенција е ранoто опочнување со истата, динамиката со која се спроведува, нејзиното траењето, но секако за сето ова потребна е достапност до широк спектар на услуги од рана интервенција. Подеднакво важна компонента е и ангажирањето на родителите како соработници/партнери на стручните лица и нивно активно учество при стимулирање на развојот на своето дете во домашни услови, а со цел пресретнување на потребите на детето. 

Важно е да се потенцира дека започнувањето со интервенции/третмани за рана интервенција уште од најрана возраст има поголем ефект врз целокупниот развој на детето. Секое задоцнето вклучување на детето во одреден вид на третмани ќе даде слаби или воошто нема да ги даде посакуваните резултати.