Подрачје: Експресивен говор
Цел на вежбата: Стимулација на развојот на говор, запознавање со овошје, формирање на поимот „овошје“.
Возраст: Почнувајќи од 2 до 4 години.
Предходно стекнати компетенции:
-
-
- разбирање на прашањето „Каде?“
- разбирање на налогот „Покажи!“
- координација око-рака
- способност за одржување на вниманието подолго од 2 минути
Опис:
За оваа активност можете да користите природно овошје, сет пластични овошја или да нацртате на лист овошја кои сакате детето да ги научи.
Ќе почнете со две овошки кои ќе ги ставите пред детето. Прво Вие ќе ги именувате овошките, нa пр. ќе кажете „Ова е банана“, ќе му ја покажете на детето и ќе ја вратите на масата. Потоа ќе го земете јаболкото, ќе го именувате „Ова е јаболко“ и ќе го вратите на масата. Потоа ќе му поставите прашање на детето „Каде е бананата?“, или ќе дадете налог „Покажи ми ја бананата!“. Доколку детето точно Ви одговори или покаже, заедно ќе ја именувате овошката. Користете овошја кои тоа повеќе ги сака и кои му се познати.
Доколку детето тешко ги изговора имињата на овошјата, поделете го зборот на слогови: ба-на-на, ја-бол-ко, ја-го-да, цре-ша, лу-бе-ни-ца… Не очекувајте веднаш секој глас да биде точно изговорен, бидејќи некои гласови подоцна се формираат и се толерираат одредени отстапувања.
Доколку детето сѐ уште не зборува, ќе работите на разбирањето и на препознавањето на овошките.
Постепено ќе го зголемувате бројот на овошките на три, четири,… (види долу додадена слика) во зависност од брзината со која детето ги усвојува новите поими.
После секој точен одговор пофалете го детето!
Активноста проширувајте ја, со тоа ќе се богати разбирањето и речникот на детето, на начин што за секое овошје ќе додадете некоја нова особина. Во описот користете различни придавки кои ќе му помогнат на детето да дознае нешто повеќе за одредената овошка. Така можете да вежбате бои, форми, големини. На пр. ќе му кажете на детето: „Бананата е жолта“, „Јаболкото е црвенo“ или „Лубеницата е округла“, „Јагодата е блага“. Потоа ќе му поставите прашање: „Кое овошје е жолто?“ или „Кое овошје е црвено?“. Исто така може да правите класификација: „Покажи ми ги сите овошја што се жолти?“.
Следната фаза во богатењето на говорот е формирањето на поимот „овошје“. Наредете ги овошјата на масата и истакнете му на детето: „Сите заедно се викаат – ОВОШЈЕ“ .
Прилагодување на активноста на различен вид на попреченост:
- Доколку се работи за дете со аутизам треба да обрнете внимание на следното:
-
- кај децата со аутизам најважно е да постигнете да Ве гледа во очи додека му укажувате и му ја именувате овошката. Контакт во очи можете да постигнете на повеќе начини: седнете до детето така да бидете свртени лице во лице и тоа на исто ниво со него (доколку е легнато на под, легнете и Вие до него), со скокоткање, со интересни гримаси, направете нешто со што ќе му го привлечете вниманието
- одете чекор по чекор, почнете со една овошка која најмногу сака да ја јаде и постепено зголемувајте го бројот. Учењето нека биде низ игра која ќе ја изведувате секојдневно додека не ги усвои новите поими. Постојат многу интересни сетови овошја каде детето може да го сече, да прави овошна салата и др.
- користете покажување со прст, прво Вие покажете ја овошката која сакате да ја научи и именувајте ја, а потоа, тоа направете го со неговиот прст. На крај побарајте од детето да го направи истото. Бидете упорни и трпеливи
- Прилагодување на активноста доколку детето има церебрална парализа:
-
- кај децата со церебрална парализа постои оштетување на моторните функции на говорните органи. Се однесува на користење на усните, јазикот и вилицата. Кај 90% од децата со церебрална парализа се јавуваат проблеми со изговарање, џвакање, голтање и хиперсаливација. Исто така може да бидат засегнати и дишењето, артикулацијата и гласот на детето
- важно е рецептивниот говор да биде развиен (да го разбира говорот). Прво уверите се дали го разбира тоа што го барате од него. Тоа ќе го утврдите со вежби за извршување налози, на пр. ќе му кажете „Каде е бананата?“, доколку точно Ви покаже преминете на вежбање на изговор
- активноста ќе ја прилагодите така што секој збор ќе го поделите во слогови или ќе го кажувате глас по глас. Ќе почнете со зборови кои се полесни за изговор. Нека не Ве обесхрабува доколку некој глас детето не може точно да го изговори, секојдневното вежбање ќе даде резултати