Запознавање и именување на делови од телото

 

Подрачје: Конгинитивен развој

Цел на вежбата: Запознавање со телесната шема

Возраст: од првата година и подоцна

Предходно стекнати компетенции:

      • координација око-рака
      • визуелна дискриминација
      • способност за задржување на вниманието подолго од 2 минути

Малите деца почнуваат да го формираат поимот за себе кога ќе почнат да препознаваат, а потоа и да ги именуваат деловите на телото. 

Родителите/старателите се клучни кога станува збор за рано учење на деловите на телото. Тие најголем дел од денот го поминуваат со своите деца и секоја ситуација може да ја искористат за идентификување или именување на делови од телото.

Децата со типичен развој ги усвојуваат деловите на телото според следниот редослед:

      • дете од 1 – 2 години – умее да идентификува еден до три делови од телото на барање од страна на друго лице
      • дете од 2 – 4 години – ги идентификува основните делови на телото: глава, рака, нозе, нос, раце, уста, очи, уши и стапала
      • дете од 5 години -црта фигура на човек со најмалку 6 делови од телото
      • дете од 5 – 6 години – идентификува поспецифични делови од телото: лакт, чело, трепки, веѓи, колена, зглобови и глуждови. Ги разбира функциите на основните делови од телото (на пример, очите се за гледање)

Децата треба добро да го познаваат своето тело, бидејќи тоа е важно за развој на нивните јазични вештини. Интеракцијата дома или во училиштето исто така бара детето добро да ги знае деловите на сопственото тело. Со цел да му помогнете на детето да ги разбере деловите на телото, да почне да ги покажува, а потоа и да ги именува, започнете од секојдневните домашни активности. Кога мие раце нагласувајте дека се мијат рацето, кога го бањате исто именувајте ги деловите од телото, па кажете: „Сега ти го тријам грбчето, ајде да го истриеме стомачето“. Додека јадете нагласете кои делови ги користите за хранење, кога поминувате улица нагласувајте дека треба да Ве држи за рака итн. Кога Вашето дете Ве допира секогаш напоменете: „Тоа е мојот нос, а ова е моето око“, или прашајте го него: „Ајде покажи или кажи ми (ако веќе зборува) каде е твоето уво, каде е увото на тато, каде е устата на мама…“ Дополнително можете и да објасните и дека устата служи за зборување и јадење, со очите гледаме, итн. Исто така бидете подготвени и да одговорите на неговите прашања, иако некогаш прашањето може и да Ве збуни пр. „Зошто сите прсти се викаат различно: показалец, палец…“

Нема дете кое не сака песни, па така најдоброто средство за да ги стимулирате децата и да бидат будно ангажирани во активности се песните. Ако на Вашето дете му одговара одредена рима од зборови или која било популарна песна, заменете ги зборовите со делови од телото и танцувајте во ритам додека покажувате на делови од телото за кои пеете во песната. Не треба да бидете текстописец за да звучи добро. Целта е да се искористи мелодијата како алатка за меморирање и потсетување на разните делови од телото. Пејте ги следниве песни заедно со детето: „Кога си среќен плесни со рацете“, „Две рачиња со десет прсти“, „Ајде сега допри го носот, лактот, ногата, главата, ушите, глава, раменици, колена и стапала“.

Овозможете му на Вашето дете да има пристап до огледало (по можност поголемо) за да може да го погледне и истражи своето тело. Користете реквизити. Покажете на одразот на деловите од телото на детето во огледало, како и на деловите од телото на ликовите во сликовниците, книгите. Користењето различни начини на идентификување на делови од телото, ќе го направи учењето на нивните имиња забавно за Вас и за Вашето дете. Играјте облекување со ракавици, чорапи, очила за сонце и капи. Започнете со идентификување каде се ставаат предметите, како на пр. „Капата се става на глава“ или „Очилата за сонце се ставаат на очи“. Следно, вметнете следење на насоката и идентификација на бојата поставувајќи различни барања како на пр. „Стави ги розовите чорапи на нозе“, „Протни ја жолтата блуза низ главата“. На крај, прашајте го детето каде одат парчињата облека, на пр „На што ставаш ракавици?“ или „Каде ги ставаш ракавиците?“

Играњето имагинативни игри со кукла се одличен начин детето да ги учи  деловите од телото. Играјте со него, дозволете му да биде „мајка, татко“ кое го облекува „бебето“. Поттикнете го преку кажување: „Стави ги панталоните на нозете на бебето, а капата на главата на бебето“, а може и да дообјасните ,,Очите на бебето се сини“.

Родителите исто така можат да направат колаж од делови од телото со сечење слики од списанија и да им дозволат на децата да ги лепат на хартија. Зборувајте за секое парче (дел од телото) додека детето работи.

Прилагодување на активноста на различен вид на попреченост:

Прилагодување за дете со аутизам

Децата со аутизам секогаш најдобро учат преку слики. Со овие деца секогаш треба да бидеме претпазливи како ги претставуваме предметите што сакаме да им ги покажаме. Користете едноставни примери и постепено запознавајте ги со деловите на телото. Децата со аутизам често знаат да имитираат ако нешто им се допадне, па бидете секогаш расположени за работа и додека не го совлада еден дел од телото не продолжувајте понатаму. Сликите кои ќе ги користите треба да бидат едноставни каде убаво сликовито ќе биде прикажан делот од телото што се обработува. По можност работите индивидуално во мирна просторија. Може да направите и социјална приказна. И пред се треба да бидете трпеливи. 

Прилагодување за дете со телесна инвалидност

Усвојувањето на телесната шема и деловите на телото како за секое дете така и за детето со телесна инвалидност е значаен чекор за понатамошниот развој. За таа цел може да се користи слагалица од човечко тело во која деловите на телото ќе се лепат со магнет. Внимавајте на подвижната страна на детето и наместете ја најдобрата позиција за работа со него. Следете го неговиот поглед и мимиката на лицето преку кои детето може да одговара на прашањето каде се наоѓа одреден дел од телото. Секако доколку детето го развило вербалниот говор барајте да ги именува деловите од телото кои во моментот ги изучува. 

Прилагодување за деца со оштетен вид

Дете со оштетен вид треба секогаш да користи зголемени слики, букви, предмети или најчесто лупа за да го искористи целосно видното поле. Додека децата со целосно оштетен вид, учат аудитивно, преку раскажување, читање и тактилно го осознаваат човековото тело. На детето со оштетен вид може да му понудите шема на човек нацртана со истакнати линии, но и можност за реалната тактилна перцепција на модел на човек. Зависно од когнитивните способности  се даваат едноставни налози за учење, на пр. „Допри го твојот нос“, „Допри ја твојата уста“, а потоа може да се надоврзете со објаснувања од типот „Носот служи за да ги почуствуваме различните мириси во нашата средина“. 

Прилагодување на деца со оштетен слух

Знаковниот јазик е основа за комуникација меѓу лицата кои имаат оштетен слух. Секогаш кога работите со детето со оштетен слух, бидете свртени со лицето кон него, користете ја фацијалната експресија и покажете ги деловите од телото кои ги изучувате додека ги покажувате и соодветните гестови за секој дел од телото.