Кај идните родители при очекувањето на детето често е присутно чувство на среќа, надеж и идеализирани визии за тоа како истото ќе изгледа, какво ќе биде и какви „блескави моменти“ му претстојат во неговата иднина. 

Веста дека детето има потешкотии во развојот сите родители ја доживуваат стресно и трауматично. Се јавуваат измешани чувствата, како: жалење, страв, неизвесност, несигурност за иднината. Додека родителите се сѐ уште во фаза кога жалат за „загубата” на детето кое го очекувале, истовремено тие мора да се прилагодат на посебните потреби кои ги има нивното новороденче. 

Голем број научни студии истакнуваат дека скоро сите родители кога воочуваат попреченост кај своето дете или им се соопштува дијагнозата, реагираат повеќе или помалку на сличен начин. 

 

Може да се каже дека родителите влегуваат во психичка криза која се состои од неколку фази:

Фаза на шок – оваа фаза настапува од првиот момент на дознавање на дијагнозата и трае до неколку дена, па и седмици. Гледано од аспект дека честопати родителите психолошки не се подготвени првично да ја примат информацијата за одредената дијагноза, оваа фаза вообичаено ја карактеризира закоченост на чувствата, повлекување во себе. Од друга страна пак, може да се случи личноста да се однесува како и вообичаено, но под површина на тоа однесување да се случува вистински хаос

По фазата на шокот следуваат реакционите фази кога родителите се приморани да го увидат тоа што се случило или што може да се случи. Реакциите во тие фази се со негација, лутина или жалење

Фаза на негација е следната која следи после фазата на шокот. Во обид да разбере што сè подразбира соопштената дијагноза, што може да се очекува, или што треба да направи секој член од семејството, родителот може да минува низ еден вид борба со себе си. Чувството на вина може да се покаже и во форма на негација што подразбира дека личноста не може да ја прифати вистинската ситуација, односно го негира фактот дека детето има потешкотии. Некои родители никогаш не излегуваат од оваа фаза и единствениот кој губи поради тоа е самото дете. Негирањето на потешкотии доведува до тоа родителите да не преземаат мерки за нивно третирање што долгорочно гледано понекогаш доведува до нивно продлабочување. Карактеристично за оваа фаза е тоа што родителите имаат превисоки барања и очекувања од детето, што влијае негативно на него бидејќи со неуспехот детето ја губи и онака слабата самодоверба и самовреднување

Фаза на жалење и лутина Во оваа фаза се јавува чувство на лична вина, на лично потфрлување. Централни се прашањата од типот: „Зошто токму нам да ни се случи ова?”, „Со што сме заслужиле?” итн. Во оваа фаза се јавува и агресивност во форма на бес, гнев кој е насочен кон другите како одговорни за состојбата на детето. Некои родители вербално го напаѓаат секое лице кое може да биде обвинето за нивната „несреќна“ околност. Често се лути и дури ги сметаат за виновни стручните лица кои им нудат помош и поддршка (на пр. го обвинуваат лекарот кој им ја соопштил дијагнозата или пак ги обвинуваат наставниците кои работат со нивното дете дека не се доволно добри професионалци) 

Всушност во оваа фаза почнува да се сфаќа дека никогаш нема да се остварат некои желби, планови и соништа за сопственото дете што предизвикува фрустрација и лутина кај родителите. Со тек на време отпочнува барање на слични приказни, туѓи искуства и исходи, што им помага на родителите да почнат да се справуваат со овие чувства

Фаза на преговарање – Оваа фаза вклучува надеж дека родителите можат некако да го „излечат“ своето дете. Во оваа фаза вообичаено родителите се во постојана потрага по нови, поинакви, а понекогаш и алтернативни решенија кои се надеваат дека ќе го „избават“ нивното дете од состојбата. Тие сѐ уште реално не ја прифаќаат попреченоста

Фаза на депресија Во текот на оваа фаза родителите почнуваат да се обвинуваат себеси. Тие мислат дека направиле нешто за да предизвикаат нивното дете да има попреченост. Родителите или еден од нив се очајни, без волја да дадат понатамошен напор. Сметаат дека што и да направат, нема да биде подобро. Фазата поминува кога индивидуата самата сфаќа дека не е виновна за состојбата

Фаза на адаптација или прифаќање на реалноста за разлика од претходно додека родителот целосно бил под влијание на траумата, во оваа фаза започнува да ја прифаќа реалноста, повторно да гледа напред и да размислува за прилагодување на животната ситуација. Родителите почнуваат го гледаат своето дете такво какво што е. Ваквиот став на родителите придонесува максимално да се искористат потенцијалите на детето. На семејно ниво помеѓу членовите комуникацијата се возобновува, се воспоставуваат нови правила и ритуали на семејството кои ќе се од помош за правење на рамка за адекватна грижа околу детето

Фаза на излегување од изолација ја карактеризира создавање на мрежа на поддршка преку поврзување со семејства кои минуваат или поминале низ иста или слична ситуација, обновување на врските со поширокото семејство, пријателите и заедницата. Може да се рече дека родителите успеале да развијат разрешен однос кон дијагнозата на детето. Постигнувањето на оваа фаза многу зависи од поддршката на околината. Често родителите истакнуваат дека негативните искуства во општеството, неподготвените институции или несоодветниот и неемпатичен однос на стручните лица (лекарите, медицинските сестри, наставниците, правниците), соседите, па и членовите од семејството, може да ги вратат назад во фазите на гнев или депресија.