Стомачната позиција има големо значење за моторниот развој, но и на целокупниот развој на бебето од првите денови на животот. Таа е првата антигравитациска позиција која бебето мора самото да ја усвои. При активно лежење на стомак (не спиење) се активираат различни мускулни групи, како мускулите на вратот, рамената, грбот и рацете, а со нивно зајакнување и меѓусебно координирање се воспоставува контрола на главата, односно бебето може да ја држи исправено. Со секојдневно ставање на стомаче кај бебето се развиваат моторни вештини, кои се база за развивање на посложени движења, позиции и вештини во наредниот период, како што се посегање, превртување до стомак, тркалање, седење, ползење, исправање и достигнување на последната антигравитациска вештина во раниот детски развој, а тоа е одењето.
Како да го навикнам бебето да лежи на стомак додека е будно?
Започнете така што ќе го поставите бебето на чиста, цврста површина, најдобро на под. Исчистете го добро и постелете ќебенце. Доколку имате гумирани подлоги, доволно е преку нив да постелете чаршаф. Во прво време можете и да свиткате крпа во ролна и да ја поставите под градите на бебето, малку да е подигнато. Користете звучни играчки, тропалки или огледало со кои ќе го поттикнете бебето да ја исправи главата. Доколку плаче и не соработува, доволно е да го придржувате за карлицата за да се почувствува стабилно. Ставајте го 2-3 пати на ден, во времетраење од 3 до 5 минути секоја сесија. Оптимален период за стимулирање на стомачната позиција е барем 45 минути после оброк, откако ке му ја смените пелената и да не е пред спиење.
Моето дете има 4 години и зборува неразбирливо. Другарчињата не го разбираат што сака да каже, поради што се повлекува. Во последно време забележувам дека е поразличен од неговите врсници. Дали е доволно да се консултирам само со логопед, или треба да се обратам и на друго стручно лице?
На оваа возраст говорот треба да биде разбирлив, иако постои толеранција за нечист изговор на одредени гласови. Од големо значење е и дали разбира што му се зборува, дали може да изврши вербален налог од два дела (на пр. „Соблечи ги патиките и оди да измиеш раце“). Доколку се сомневате дека Ве разбира, тогаш консултирајте се со стручна служба за процена на развојот. Покрај работа со логопед, работете и на зајакнување на неговата самодоверба преку вклучување во спортски или други активности кои го интересираат.
Мојот син има 2.5 години и само неколку зборови со значење. Логопедот при консултацијата ми поставуваше многу прашања за неговиот моторен развој, иако тој самостојно оди од 14 месеци. Како се тие два аспекти поврзани?
Моторниот развој има голема улога во развојот на говорот. Уште од моментот кога со бебето започнуваме да играме игри со плескање на раце, кај него се создава ритмичка организација, која е воедно и основа за говорот, односно брборење во слогови на таа возраст. Повеќето први кратки зборови се создаваат додека детето изведува некое моторно движење (како на пр. опа, бам…). Во понатамошната возраст, преку играње со предмети, градење кули од коцки и нивно рушење, пресипување, ставање во кутија и истурање итн, детето ги развива моторните вештини, кои ги обединуваат когнитивниот и говорниот аспект.
Моето дете има 5 години и сѐ уште ги менува рацете додека црта. Дали треба да форсирам одредена рака за да му биде доминантна? Дали воопшто треба да има доминантна рака?
Латерализацијата е способност на мозокот да ги контролира левата и десната половина на телото, но истовремено, секоја од хемисферите на мозокот има функции под своја контрола. Латерализацијата започнува помеѓу втората и третата година, а се развива до деветата година. Во тој процес детето преку игра и манипулација со различни материјали, открива која рака му е поактивна и попрецизна, а која има придружна улога. На пр. сече со ножици со десната рака, а го држи листот во левата. Децата кои доцнат со латерализација во раниот развој, подоцна во училиште имаат проблем со користење на приборот (линијар, триаголници итн) како и при усвојување на училишните знаења и вештини.
Како да знам која му е доминантна рака на моето дете кое има 4,5 години а при играње со играчки често скоро еднакво ги користи и двете раце.
Играјте игри кобајаги и речете му да си ја исчешла косата со замислената четка. Или да покаже како мие заби, како ѕвони на врата, како би дал гол во ракомет… Доколку детето нема конкретен предмет пред него, тоа не е фокусирано на начинот како да го фати, туку спонтано ја изведува активноста. Доколку во 70% користи иста рака, се смета дека таа му е доминантна.
Имам 3 годишен син. Многу е мирен. Постојано си игра со животни, коли, понекогаш со столиците и ги реди многу прецизно. Сака да разгледува книги и може со часови да ги врти. Толку е сконцентиран во играта што не се ни врти кога го викам по име. Но свекрва ми вели дека нешто не е во ред. Дали треба да бидам загрижена?
На три годишна возраст играта треба да има значење, да препознавате што игра детето. Дали тој едноставно ги превртува низ раце механички играчките, или има симболика во тоа што го прави со нив? На пр. дали при играње на игра фарма, ги храни, ги сортира по сличност животните, или пак кога игра со колички, истите ги вози со цел, па на пр. ја паркира во гаража, вози со неа и оди да пазари, да наполни бензин итн, или само ја држи во рацете. Каков е неговиот говор? Дали има вербален говор, дали Ви се обраќа, прашува, одговара ли на прашања? Ве гледа ли во очи додека разговарате? Каков е неговиот однос кон другите лица и врсниците? Дали прифаќа контакти, иницира ли сам контакт? Сте го провериле ли слухот на Вашето дете? Доколку покрај Вашите забелешки, кај детето се евидентира уште некоја од овие карактеристики, обратете се кај матичниот педијатар кој ќе Ви даде насоки за понатамошни испитувања, или обратете се на тимот за рана интервенција на тел. бр. 074-222-148 секој работен ден од понеделник до петок во период од 10.00 до 17.00 часот и ќе добиете бесплатна онлајн поддршка.
Моето дете има 5 години и нема интерес за цртање. Неправилно го држи моливот и мислам дека таа активност го фрустрира. Од друга страна пак, ги разбира и користи сите апликации на својот таблет, дури е и понапреден од своите врсници. Дали да го форсирам да црта? Како да го поттикнам да го прави тоа?
Сѐ поголем е бројот на деца кои не сакаат да цртаат и пишуваат, а технологијата ја користат во секојдневието без проблем. Точно е дека живееме во технолошка ера, каде компјутерите и паметните уреди се насекаде околу нас, меѓутоа не смееме да го занемариме развојот на базичните способности за стекнување животни вештини. Лошото држење на моливот на 5 годишна возраст е знак дека мускулатурата на прстите не е доволно развиена да може да ја изврши активноста цртање, но не е само цртањето во прашање, туку и многу манипулации и активности кои децата треба да ги усвојат во предучилишниот период, како на пр. самостојност во исхрана, провлекување врвци, закопчување патент, нижење, претурање вода од шише во чаша итн, а кои се основа за стекнување на академски знаења и вештини. Овие дечиња подоцна имаат проблем при пишувањето, брзо им се заморува раката, ракописот им е неуреден и имаат потешкотии при користење на мали алатки и помагала во наставата (два триаголника, ленијар, шестар итн).
Како да се стимулира детето на 5 години за правилно да го држи моливот?
Бидејќи неправилното држење на моливот е знак на слаба мускулатура на прстите, треба да се изведуваат вежби и активности за зајакнување на истата. Некои од активностите кои можат да го стимулираат правилното држење на моливот се:
-
-
- активности за стимулација на фат со палец и показалец (класификација на мешана зрнеста храна, од еден сад да се издвојат посебните зрна во помали садови)
- изработки од зрнеста храна и колаж (нацртајте му круг на детето, а тоа со лепење на зрна или парчиња хартија нека го пополни. Подоцна самото да си нацрта каков било предмет и да ја повторува постапката)
- игри со пластелин во комбинација со друг материјал
- да исцедува вода од сунѓер и памучна крпа
- искршете ги мрсните боици на мали парчиња и нека бои со нив
-
Имам бебе од 6 месеци кое постојано плаче и ништо не го смирува. Што да правам?
-
-
- преку плачење бебињата комуницираат со околината и ги изразуваат своите потреби. Ако на бебето му се задоволени сите потреби и не постојат некои здравствени проблеми, а бебето сѐ уште плаче, можеби само му е потребна Вашата близина. Бебето има потреба да го почувствува мирисот на мајката, таткото, има потреба да го погалите и да му се обратите со милозвучен глас. Дури и Вашето лично расположение може да биде причина за вознемиреност кај бебето
- обезбедете му на бебето сигурност, удобност и смиреност и набљудувајте. Обидете се да разберете што сака преку анализа на неговиот израз на лице и говор на тело
- зборувајте му иако сѐ уште не ги разбира зборовите. Играјте со него и охрабрувајте го да ја истражува околината
- често воспоставувајте контакт со очи и додека сте со своето дете помалку поминувајте време пред телевизор и на телефон
- доколку бебето упорно плаче и на ниту еден начин не можете да го смирите, а не ја разбирате причината за плачењето обратете се кај доктор
-
Моето дете има 1 и пол година. Често станува ноќе околу 3 часот и сака да си играме или да гледа цртани. Сите се будиме и ја задоволуваме неговата желба, но тешко функционирам следниот ден. Како да го променам ова?
-
-
- кога детето е помеѓу првата и втората година сѐ уште има потреба од рутини. Пожелно е спиењето преку ден да се сведе на еднаш дневно и да не биде во период близок до ноќното спиење. Преку ден понудете моторни и други активности кои ќе го „уморат“ детето. Уморот ќе му обезбеди поцврст сон
- и покрај престанок на ноќното хранење сѐ уште повеќето од децата помеѓу првата и втората година знаат да се разбудат во текот на ноќта сакајќи да станат и да играат. Во тие моменти важно е да не го поддржите во таа намера, бидејќи во спротивно го расонувате и многу тешко повторно ќе го успиете. Се препорачува детето да не го вадите од кревет туку обидете се да го заспиете на пр. со легнување покрај него и тешење со нежен глас, вклучете ноќна лампа наместо светло, не го заигрувајте и не се однесувајте како да е ден
- многу е важно родителите да останат доследни во своите рутини, да бидат упорни и трпеливи во промена на лошите навики во спиењето кај своето дете, за таква промена вообичаено е потребно две до три недели
-
Моето дете има 3 и пол години, а сѐ уште не е самостојно во исхраната и дополнително сака да јаде само пасирана храна. Постарата ќерка на таа возраст можеше самата да држи и лажица и вилушка и јадеше се што јадевме и ние возрасните. Што да правам?
-
-
- вообичаено помеѓу осмиот и дванаесетиот месец децата покажуваат подготвеност да почнат да јадат самостојно фаќајќи храна со прсти. Следен чекор е користење на мала лажичка со која првично детето си игра во чинијата и ја принесува до устата. Потоа околу 18-тиот месец откако ја совладало лажицата може да почне со мала вилушка да боцнува парчиња овошје и зеленчук
- доколку и после втората/третата година продолжите да го храните своето дете тоа нема да почувствува потреба од самостојност, сосема природно ќе му биде друг да го храни и тоа за него ќе претставува начин на љубов и грижа од родителот која нема да посака да си ја ускрати. Начинот на кој родителите се однесуваат и гледаат на процесот на хранење на нивното дете може многу да влијае врз неговата самостојност. Не плашете се дека Вашето дете ќе остане гладно ако Вие не го храните или му ја пасирате храната. Подгответе му ужинка што ја сака и поставете ја пред него, на кратко излезете од просторија и оставете го сам да се обиде. Исто така оставете доволно долго време помеѓу оброците за да почувствува глад. При главните оброци обезбедете му простор на заедничката маса и согласно возраста понудете му ја истата храна која ја консумираат и останатите членови од семејството. Бидете му модел и не заборавајте да го пофалите при обидите самостојно да се храни. Секако дека детето поспоро ќе јаде, но имајте трпение и откако ќе воспостави самостојност не се навраќајте на навиката Вие да го храните само поради тоа што сакате да изеде цел оброк, да не се извалка или сте во брзање
-
Моето дете наскоро ќе полни 3 години а сѐ уште носи пелени, особено во текот на ноќта. Дали треба да сум загрижена? Како да го одвикнам од пелени?
-
-
- кога е вистинско време за одвикнување од пелена е прилично индивидуално и не постои директна старост која одредува кога децата престануваат да користат пелени иако како најпогоден период за отпочнување на процесот на одвикнување од пелени претежно се посочува околу втората година. Сепак најдобро е да се следат знаците кај детето кои укажуваат дека е подготвено за обука на контрола на сфинктерите, како на пр. пелената е сува 2-3 часа, ако подзастанува и испушта звуци, прави гримаси, движења со тело и сл. кога ќе му проработат цревата, ако се жали, покажува знаци на непријатност и се обидува да ја соблече пелената кога таа е валкана
- започнете со одвикнувањето кога тоа најдобро одговара за детето и за Вас, во една сигурна и атмосфера без големи животни промени за детето. Помогнете му да научи да го слуша своето тело потсетувајќи го секогаш дека треба да Ви каже кога му треба нокшир. Ако ги измокри панталоните објаснете му дека следен пат треба да Ви каже пред да го направи тоа
- дозволете му да гледа како возрасните одат во тоалет за да разбере дека тоа е природен процес кој сите го прават
- купете му нокширче кое може само да го празни, што повеќе одговорност толку побрзо ќе учи
- кога започнувате со тоалетниот тренинг убаво е да поставите шема за седење на нокшир на пример пола час откако детето јадело, пред спиење, после будење, пред да излезете надвор и секој успех наградете го со пофалба, честитка, погалете го или наградете го со нешто друго што може да го мотивира
- секако дека ќе има и неуспеси. Во тој случај со збор и гест покажете дека не е страшно, но сепак барајте само да ги соблече гаќичките и да ги однесе на место за перење. Одвикнувањето од пелени првично е преку ден, а потоа ноќе и можно е кај некои деца и покрај тоа што дење не користат пелена ноќе уште подолг период да имаат потреба од истата
- укажете му на детето дека во близина на креветот има нокшир и дека потребно е да стане кога ќе осети потреба и дека може да Ве разбуди за да му помогнете. Кога ќе забележите дека понекогаш наутро се буди со сува пелена обидете се да го ставате да спие без истата и во тој случај може да го заштитите креветот со најлон прекривка
-