Поддршка на сиблинзите на децата со попреченост
Раѓањето на дете со попреченост освен што е предизвик за родителите исто така е предизвик и за неговите браќа и сестри. Истражувањата покажуваат дека децата исто така доживуваат стрес додека семејството да се приспособи на новата ситуација. Реакцијата на дете кое има брат/сестра со попреченост е одредена од многу фактори како на пример години, темперамент, формални и неформални поддршки и ресурси, однесувањето на родителите итн. Понекогаш сиблинзите на децата со попреченост не ја покажуваат својата тага за да не зголемат тежината која веќе ја имаат родителите, некои може да реагираат со девијантно однесување или пак на начин кој припаѓа на пониски фази на развој. Вообичаено добиваат помалку внимание од страна на родителите поради тоа што родителите се окупирани со грижата околу детето со попреченост. Понекогаш се случува да бидат изложени и на булинг од други деца од околината.
Поради сите овие причини важно е на сиблинзите на децата со попреченост да им се пружи поддршка, преку следниве начини:
-
-
- да не бидат исклучени, односно родителите согласно на годините отворено да им објаснат сѐ за попреченоста на братот/сестрата. Така полесно ќе ги прифатат својот брат/сестра со попреченост, како и сопствената улога во семејството
- родителите вообичаено го нагласуваат и минималниот успех кај детето со попреченост, но исто така е пожелно да го вреднуваат и успехот на сиблинзите, за да не се почувствуваат заборавени и оставени по страна
- важно е да се одвои посебно време само за сиблингот, време во кое родителот ќе му посвети интензивно внимание само нему. Важно е родителите и децата без попреченост да поминуваат заеднички време исполнето со активности во кои фокусот не е на детето со попреченост
- родителите да поттикнуваат преку игра или други активности соодветно за возраста, меѓусебна интеракција на сиблингот и детето со попреченост, истовремено посветувајќи внимание и на двајцата
- родителите се модел на однесување за своите деца, оние кои треба да им помогнат да пронајдат свој начин за соочување и справување со емоциите
- многу е важно да им се овозможи и запознавање со други деца кои исто така имаат брат/сестра со попреченост, со цел да осознаат дека и други семејства се соочуваат со слични ситуации. Од помош ќе е и учество во групи за поддршка на сиблинзи каде може да разменат искуства
- преку подетално запознавање со попреченоста на својот брат/сестра, родителите треба да ги подучат сиблинзите на стратегии за справување со можните коментари и прашања од своите врсници, но исто од помош може и да е психолошка поддршка во тоа подрачје
Во повеќето случаи детето со попреченост и неговите сиблинзи развиваат посебен однос кој е длабок и топол. Сиблинзите вообичаено преземаат одговорност и влегуваат во улога на заштитник, но исто така може да се појават и чувство на срам, вина и фрустрација.