Возраст: Од првата година и подоцна
Предходно стекнати компетенции:
-
-
- да има развиено извесни моторни вештини (потребна е координација да ги стави рацете во блузата, кошулата…)
- да има развиено фини моторни вештини за да може да ги закопчува копчињата или патентот
- да може да одржува рамнотежа на едната нога (потребно при облекување панталони од стоечка положба)
- да ги познава деловите на телото
Сите овие и други вештини треба да се извежбани пред да преминете на развој на вештината за облекување. Од друга страна пак, самото облекување овозможува вежбање на овие вештини.
Опис:
Секое дете е различно и ќе ги развива способностите за соблекување и облекување на различните делови облека според сопствен ритам. Затоа следната табела користете ја како ориентација што треба да вежбате со детето.
Возраст |
Активности при облекување |
Една година |
- подава рацете за да ги облече ракавите и ја подига ногата за да стави чевли
- провлекува раце низ ракавите и нозе низ панталоните
- повлекува чорапи и чевли за да ги соблече
|
Две до три години |
- соблекува незакопчани палта, џемпери
- соблекува одврзани чевли
- помага при спуштање на панталоните (ги спушта пантолоните делумно)
- ги пронаоѓа ракавите на маица со кратки ракави
Кон крајот на втората година:
- соблекува панталони кои се на ластик (тренерки)
- се обидува само да си облече чорапи
- облекува кошула или џемпер без да ги закопча
- откопчува големи копчиња
|
Три до четири години |
- облекува маица со кратки ракави со мала помош
- облекува чевли без да ги заврзе (може да ги ставите наопаку)
- облекува чорапи (може да имаат проблем да ги облече петите)
- соблекува панталони
- откопчува/закопчува патент нагоре/надолу без да го постави во почетна позиција
- соблекува маица со кратки ракави
- закопчува големи копчиња од предниот дел на палто/џемпер
- може да препознае лице и опачина на облеката
|
Четири до пет години |
- самостојно соблекува маица со кратки ракави
- закопчува ремен или чевли со нитни
- го става патентот во позиција за закопчување и го закопчува
- соодветно ги облекува чорапите
- облекува чевли со мала помош
Кон крајот на четвртата година:
- ги провлекува нозете низ ногавиците и ги повлекува панталоните нагоре
- соодветно го протнува ременот и го закопчува
|
Повеќе од пет години |
- самостојно се облекува/соблекува
|
Како може да му помогнете на детето самостојно да се соблекува/облекува:
- Подгответе го детето за формирање навика за облекување уште од бебе
Вежбањето на соблекувањето и облекувањето започнува уште кога детето е бебе, кога тоа треба да добие претстава за редоследот на изведување на активноста и да се јакне неговата соработка во изведувањето на истата. За таа цел пресоблекувањето на бебето треба однапред вербално да му го најавите, а потоа оддржувајте го истиот редослед на соблекување и облекување (секогаш да се почне од десната страна или од помалку подвижната страна и да се продолжи на другата страна).
Зборувајте додека го преоблекувате, на пример: „Сега ќе ти ја соблечам блузата. Сега ќе ти ја соблечам едната рака. Го соблековме ракавот од едната рака, сега ќе ти ја соблечам другата рака…. Го извадивме ракавот од другата (левата) рака. Двете раце ти се соблечени, сега ќе ја извадам блузата преку главата….“ Ваквиот пристап ќе овозможи сѐ поголема соработка на детето во извршувањето на активностите, намалувањето на вознемиреноста и развој на самостојноста во извршувањето на истите.
Малите деца почнуваат да бидат свесни за облеката со вадење работи што можат лесно да се отстранат, како чорапи, чевли или капи. Понекогаш се обидуваат повторно да ги облечат. Можете да ја надградите оваа рана свесност со именување на облеката што детето ќе ја соблече и на деловите од телото што останале голи.
- Започнување со соблекување
Соблекувањето е полесно отколку облекувањето, па затоа оставете го детето да се соблече пред спиење и пред бањање. При тоа може да го расчлените соблекувањето. На пример да ги соблечете рацете и да ја протне блузата низ главата до темето, а да побарате од детето целосно да ја извлече, или да ги спуштите пантолоните до подот и да барате детето само да ги извлече стапалата од ногавиците.
Може истото да се направи како игра. На пр. кога блузата е на главата да кажете „Каде е Иван, каде е Иван…“. И кога детето ќе ја повлече блузата да се израдувате „Еве го!“.
- Започнете со делови од облека кои лесно се соблекуваат/облекуваат
-
- панталони со ластик
- облека со чичак трака или големи копчиња
- џемпери, маици и долна облека со слики однапред за да му помогнете на Вашето дете да препознае напред и назад. Исто така може да ја обележите задната страна со некој знак. На пример на задната страна на гаќичките да ставите црвена точка со фломастер за облека. Дополнително секогаш обрнувајте му внимание на детето на етикетата која означува кој е заден дел на облеката
- облека што е лесна и пријатна за детето и во која ќе може да се движи
- облека за која не мора многу да внимава да не ја извалка
- Расчленeте го облекувањето на чекори
Облекувањето има многу чекори. Со цел да му помогнете на детето, разложете го на помали чекори – на пример, ставање долна облека, потоа маица, шорцеви, чорапи и чевли
Исто така, можете да го расчлените и самото облекување на одреден тип на облека.
На пример, можете да го расчлените облекувањето на чорапите
-
-
- засукајте ги чорапите
- поставете ги на врвот на прстите засуканите чорапи
- побарајте од детето тоа да ги повлече до петата
- навлечете ги Вие преку петата
- побарајте од детето тоа да ги повлече нагоре
Исто така на почеток може да користите чорапи до глужд