Социоемоционален развој кај детето од 3 до 7 години
Усвојувањето на емоциите воглавно се одвива во раното детство, тие се еден од најважните фактори кои имаат целокупно влијание врз единката и нејзиниот интерперсонален живот.
Емоционалниот развој подразбира препознавање на своите и емоциите на другите, способност за управување и регулација на емоциите, а истовремено има и влијание врз социјалниот развој.
Социјализацијата на емоциите кај децата е под влијание на наследните механизми на емотивно реагирање, семејството и пошироката околина.
Односот помеѓу родителот и детето почнува да се развива уште од најрана возраст. Врз основа на начинот на кој родителот реагира на потребите на детето се воспоставува еден од трите типови на поврзаност: сигурен, несигурен или анксиозен тип. Основа за другите односи кои детето во иднина ќе ги воспоставува, сликата за себе како и неговото понатамошно функционирање во општеството примарно се гради врз основа на односот кој што детето ќе го воспостави со родителите. Воспоставувајќи однос со другите деца од семејството и своите врсници посебно со вклучување во градинка и создавање на првите пријателства децата учат да ги разберат потребите на другите, последиците на своето однесување врз себе си и другите, општествените правила и воопшто меѓучовечките односи.
Стабилен социоемоционален развој не само што е силна предиспозиција за понатамошен успех во односите со врсниците туку има влијание и врз академскиот успех, успехот во кариерата, подобро ментално здравје како и поголема прифатеност од околината.